Зелен поимник: Обновливи извори на енергија

Електричната енергија е составен дел од секојдневниот живот на луѓето. Ако ја нема опшеството речиси е и невозможно нормално да функционира. Со неа луѓето ги затоплуваат домовите, патуваат, работат и ги извршуваат сите неопходни работи.

За луѓето да добијат електрична енергија или енергенси за транспорт, светот во најголем дел ги користи фосилните горива (јаглен, нафта и гас) и нуклеарната енергија. Овие горива се загадувачи на животната средина, кои најмногу влијаат врз климатските промени.

Затоа, светот има друг избор за производство на енергија, а тоа се обновливите извори на енергија. Но, што тие значат и како се користат?

Обновливите извори на енергија или чистата енергија претставуваат неисцрпни извори кои постојано се обновуваат и доаѓаат од природата. Сонцето, водата, ветерот и биомасата се водечките обновливи извори на енергија.

СОНЦЕ Енергијата од сонцето е на првото и најзначајно место во обновливите извори. Енергијата која ја ослободува сонцето е безбедна и најмалку штетна за животната средина. Искористувањето на сонцето денес го користиме преку сончеви панели за создавање на струја, соларни колектори за вода, светилки, автомобили со погон на сончева енергија и сл.

Научниците проценуваат дека сонцето може да ја задоволи светската потрошувачка на енергија. Вкупното количество на сончева енергија што во една секунда пристигнува до површината на нашата планета е 384,6 септиллион вати, што е илјадници пати повеќе од вкупната потрошувачка на енергија во светот за цела година која во просек е три трилиони вати.

ВЕТЕР Енергијата на ветерот е една од најголемите богатства, бидејќи ветерот е распределен насекаде низ светот. Ако пред неколку векови луѓето го користеле ветерот за движење на бродовите, денеска се градат ветерни турбини.

Државите почнаа да создаваат цели ветерни паркови со турбини кои благодарение на ветерот создаваат електрична енергија. Наједноставно, ветерот ги врти перките на турбината, чија оска е поврзана со генератор кој создава електрична енергија.

ВОДА Енергијата од водата или хидроенергија е користење на силата на водата за добивање на електрична енергија. Првото искористување на водата како извор на енергија светот го памети низ примерот на старите воденици за мелење на брашно, а денес преку хидроцентралите. Најголемо учество во производството на чиста електрична енергија имаат малите хидроцентали кои се лоцирани најчесто на реките. Течната вода со помош на хидрулична турбина која е поврзано со електрична машина создава електрична енергија.

За хидроцентралите, научниците се со поделени мислења. Иако е неспорен фактот дека даваат чиста енергија, од друга страна, нивната изградба сериозно ја уништува природата. Со сечењето на шумите за да се изградат хидроцентралите, се загрозува биодиверзитетот и предизвикуваат сушење на реките.

Во 2020 година Светскиот фонд за природа (WWF), „BirdLife“ и други невладини организации побараа од Европската Унија да воведе законска рамка за изградба на хидроцентралите, бидејќи нивните анализи покажале дека популацијата на слатководни риби е намалена за 93 проценти од 1970 година.

БИОМАСА Биолошки разградливите делови од животинско или растително потекло се користат за да се добие биомаса. Исто така, се добива биогас од животинско ѓубриво и други култури.

Со нивната преработка се добива енергија која се користи во домаќинствата. Од биомасата може да се добијат био-горива за транспорт, био-топлина или био-струја. Еден мал пример за искористување на биомасата од дрвените остатоци е добивање на пелети корисни за затоплување на домот. Согорувањето на пелети испушта за 20 пати помалку штетни гасови од огревното дрво. Сепак, иако во помал размер, пелетите учествуваат во загадувањето на животната средина.

Светот во последните пет години направи сериозен исчекор во инвестирање во обновливи извори на енергија. Анализите на Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA) говорат дека една третина од произведената енергија е од овие извори. Проценките се дека до 2050 година, 65 проценти од енергијата ќе биде произведена од обновливи извори на енергија.

подготви: Андреа Чобанова


Creative Commons 4.0


Линкови за понатамошно читање:
https://greencivil.mk/2021/07/zelen-poimnik-klimatski-promeni/
https://www.worldwildlife.org/
https://www.irena.org/Statistics/View-Data-by-Topic/Energy-Transition/REmap-Energy-Demand-and-Supply-by-Sector
https://www.irena.org/-/media/Files/IRENA/Agency/Publication/2021/Apr/IRENA_RE_Capacity_Statistics_2021.pdf
Читател(к)ите можат да испратат линк на ФБ страницата ЗЕЛЕН ЦИВИЛ за да се додаде на оваа листа.

Прочитајте и:

ЦИВИЛ за „Зелено општество за сите“ 
ЗЕЛЕН ЦИВИЛ почнува со серија едукативни текстови за зелените вредности
До 2025 може да изумрат милион видови од познатата флора и фауна

Зелен поимник: Климатски промени

 

This post is also available in: Albanian

Green CIVIL

FREE
VIEW