Инспектори забранија „Дрисла“ да депонира канти со боја за возила, директорот Начевски прашува каде да одат

Државниот инспекторат за животна средина ѝ наложи на депонијата „Дрисла“ да не прима одреден вид на опасен отпад, бидејќи нема инсталација за негов правилен третман. Од Инспекторатот информираат дека во депонијата биле направени две вонредни контроли на 19 и 25 овој месец, по претставка од граѓани дека таму се одлага опасен отпад. Инспекторите констатирале дека депонијата поседува А-интегрирана дозвола, во која постојат посочените шифри на опасен отпад, но нема печка за третман и преработка ниту пак во дозволата се опишани операциите, постапките, ракувањето и отстранувањето на опасниот отпад за овие шифри.

„При инспекцискиот надзор се констатираше дека согласно А -Интегрираната дозвола се наведени 22 шифри на опасен отпад за кои субјектот не поседува инсталација за третман. Поради тоа донесено е решение со кое се забранува прием и третман на опасен отпад за шифрите за кои не поседува соодветна инсталација. Исто така депонијата треба согласно решението да се раскинат сите договори склучени со правни лица за прием и третман на видовите опасен отпад со наведените шифри, а за своето постапување да го извести Државниот Инспекторат за животна средина“, се вели во соопштението.

Посочениот опасен отпад, според директорот на ЈП „Дрисла“, Коста Начевски, се кантите со искористена боја за фарбање возила или метални огради. Тој потврдува дека во депонијата нема соодветна инсталација за третман, но не се согласува дека забраната е добро решение.

„Дали е подобро кантите со исушена боја да дојдат во Дрисла или пак да завршат на дива депонија или во некоја река? Кој ќе контролира каде ќе бидат фрлени, сега кога сервисите не се обврзани да ги донесат кај нас? Дали можеби нема да се случи некој од нив да ги фрли во контејнер, па заедно со комуналниот отпад да дојдат пак на Дрисла, ама во овој случај ние да не знаеме? Дрисла е единствената депонија во земјава која работи со протоколи, а доказ за тоа е и фактот дека ова лето и покрај екстремно високите температури ниту еднаш не се запали“, вели Начевски.

Тој објаснува дека инсталација за третман на овој тип отпад има во Дрисла, но не е функционална. Набавена била без поголем дел од хардверот, за кој продавачот побарал 1,5 милиони евра.

„Депонијата пред година и половина ја преземавме со долг од три милиони евра, кој досега е намален за два милиони евра. Сè уште не сме во можност да правиме толку високи инвестиции, иако доколку се оспособи инсталацијата ќе даде многу голем придонес за соодветен третман на многу видови опасен отпад“, посочува Начевски.

На Дрисла во моментов, според информацијата од Државниот Инспекторат за животна средина, редовно се депонира комуналниот отпад кој се носи од општините на територијата на Градот Скопје и останати општини, како и медицински отпад од јавните и приватните здравствени установи, кој се согорува во печка за согорување.

извор: МЕТА

Green CIVIL

FREE
VIEW