ЦИВИЛ со солидарност, сочувство и добредојде за граѓанките и граѓаните од Авганистан

ЦИВИЛ - Центар за слобода им изразува целосна солидарност, сочувство и добредојде на граѓанките и граѓаните од Авганистан, вработени во граѓанскиот сектор, сојузничките мисии, медиумски и други организации и нивните семејства, кои пристигнаа во нашата земја.

Овие мирољубиви граѓанки и граѓани на Авганистан беа принудени да ја напуштат нивната татковина под сериозни закани по нивните животи од страна на талибанскиот режим и терор.

Наша должност како дел од едно демократско и хумано општество, а пред сè, како луѓе, е да им овозможиме на нашите колеги и сојузници во борбата за демократија и унапредување човековите права да се чувствуваат добредојдено и да ги поминат што е полесно можно овие тешки мигови за нив и нивните семејства.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани на нашата земја, без оглед на нивната припадност и политички определби, да се приклучат кон овој повик за солидарност и поддршка на цивилите од Авганистан и да сторат сè што е во нивна моќ да ја искажат својата солидарност и да им посакаат добредојде во нашата земја. Ова е неповторлива можност, да ја покажеме нашата доблест и човечност, во овие тешки времиња.

Се работи за наши колешки и колеги, лидери во заедниците и општеството кое се соочува со тешки предизвици за демократијата, мирот и почитувањето на основните човекови права и слободи. Заедно, можеме да им помогнеме да ги надминат овие тешки мигови за нив и нивните семејства.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани на нашата земја, заедно да испратиме силна и гласна порака:

Добредојдовте во Северна Македонија, демократска земја на слободни и хумани граѓанки и граѓани.

 


Creative Commons 4.0 (дозволено преземање, со линк до изворот)
Green CIVIL

FREE
VIEW