ЗЕЛЕН ПОИМНИК: Изворна (grassroots) демократија, политичко организирање од „базата“

Во секое класно општество, државата претставува основен и најважен облик на општествено и политичко организирање. Таа е исклучително комплексна општествена творба, чии облици на уредување се менувале низ историјата.

ДЕМОКРАТИЈА – ВЛАДЕЕЊЕ НА НАРОДОТ

Најпосакуван, најприфатлив и денес најприменуван облик на општествено-политичкото уредување, е обликот на демократско владеење. Поимот демократија најчесто се дефинира со помош на неговото етимолошко значење - „владеење на народот“ (од грчкиот јазик, δημος - народ и κρατειν –владеење), иако тоа недоволно ја објаснува суштината на поимот.

Демократијата претставува многу сложен систем на односи меѓу граѓаните и државата, во насока на остварување на слободата и еднаквоста на сите граѓани кои учествуваат во политичкото одлучување. Таа е облик на државно и општествено уредување, во кое власта му припаѓа на народот (добиена од народот), а владеењето се врши преку него или неговите избрани претставници. За некои таа е форма на владеење, а за некои, начин на општествено живеење и однесување .

ГРАСРУТ ИЛИ ИЗВОРНА ДЕМОКРАТИЈА – СПОНТАНО ПОЛИТИЧКО ОРГАНИЗИРАЊЕ

Низ долгата историја на постоењето на демократијата се појавиле различни теории, како за нејзиното дефинирање, така и за нејзиното класифицирање според обликот, видот, моделот, формата и типот.

Green New Deal demo, Detroit, 31 July 2019 | Becker1999 from Grove City, OH, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Интересен е политичкиот концепт, познат како грасрут (grassroots) или изворна демократија. Таа по својот облик се смета за нерепрезентативна демократија, во која политичките процеси се иницирани и водени од групи на обични граѓани. Поради тоа, значењето на изразот грасрут демократија, се толкува како спонтано политичко организирање и делување „од дното“ или „од основата“ (базата) па нагоре.

СПОНТАНИ ДЕМОКРАТСКИ АКЦИИ

Почнувајќи од втората декада на минатиот век, па сè до денес, во рамките на различни држави забележани се многу примери на спонтани демократски активности и акции. Тие се појавиле како резултат на настојувањето да се овозможи директна помош за поединците, од владините или деловните лидери, кои истовремено треба да работат и на подобрување на социјалната состојба, на пример.

Протест против присолното иселување на станари, во организација на грасрут организацијата „Градот е за сите“, 2010 година, Будимпешта (фото: Википедија)

Спонтаната акција од поединци или групи од заедницата најчесто е поттикнато од желбата да се променат, а понекогаш и да се задржат нештата какви што се. Понатаму, акцијата може да започне и поради засегнатост од одредени настани и постапки на властите или компаниите. Во спонтаните или изворните (грасрут) акции доминира мотивот, односно желбата за промени на одредени политики и практики, односно создавање подобри услови за живеење, подеднакво за сите членови на заедницата.

Во голем број случаи, кога зборуваме за изворните демократски иницијативи и акции, се работи за реакција на граѓанките и граѓаните на одредена неправда, насилство, криминал или дискриминација од некој центар на моќта врз поединци, групи или заедници.

ОД ЛОКАЛНА ДО ШИРОКА АКЦИЈА

Многу често, не постои отворена политичка, односно идеолошка, причина за формирање на ваквите групи на граѓани. Политичката акција може да следи по формирањето на групата и промената на политичката клима. Основната идеја на овој вид на спонтани, изворни, колективни акции од локален карактер е да се предизвикаат промени на локално, регионално, национално, па дури и меѓународно ниво.

GrassRoots EnErgy activist Network (GREEN)

Организациите (составени од поединци и групи) можат да бидат мали и да се задржат во рамките на локалните заедници или големи, и да ги опфаќаат различните групи на граѓани, ширум државата или нацијата. Структурата на изворната организација, зависи од видот на самата организација и од целите кон кои се стремат нејзините членови.

ХОРИЗОНТАЛНА ПОСТАВЕНОСТ

Таа може да функционира без воспоставена хиерархија. Вообичаено, со организацијата управуваат сите нејзини членови, но, со неа може да управува и поединец. Во грасрут движењата може да делуваат многу различни типови на групи, од спортски, преку еколошки, па сè до групи посветени на грижата за децата.

Целта на општествените и локалните движења (на пример, еколошките движења против деградација на прашумите, антинуклеарните и антивоените кампањи итн.) е решавањето на определени општествени прашања и проблеми, во услови кога локалната или државната власт ги игнорира или дури и работи против заедничките интереси на граѓаните.

Грасрут активизмот е исклучително важен за општествата, особено кога довербата кон институциите е слаба и кога тие се политизирани, односно се под диктат на центрите на моќта (политички партии, корпорации, авторитарни лидери итн). Во тој случај, ваквиот тип на активизам е најдобриот показател за тоа каде општеството и системот имаат недостатоци и каде граѓанките и граѓаните треба да се организираат за остварување на целите како што се демократијата, еднаквоста, зелените вредности и почитувањето на човековите права и слободи.

подготви: Наташа Малинка Миновска


Creative Commons 4.0


Линкови за понатамошно читање:
https://next-nexus.info/writing/politics/grassroots%20democracy.php
https://en.wikipedia.org/wiki/Grassroots_democracy
https://en-academic.com/
https://www.encyclopedia.com/
https://www.definitions.net/definition/grassroots%20democracy
https://everipedia.org
https://www.definitions.net/definition
Читател(к)ите можат да испратат линк на ФБ страницата ЗЕЛЕН ЦИВИЛ за да се додаде на оваа листа.
Green CIVIL

FREE
VIEW