ЦИВИЛ Медиа ги праша граѓан(к)ите на Гевгелија и Неготино – Кои се 5-те најголеми проблеми во нивната општина? Дел од одговорите се дека треба подобра инфраструктура, почисти улици, повеќе паркови и зеленило, чиста и достапна вода за пиење…
https://www.youtube.com/watch?v=46lIJYM0MeU
„Имаме проблем со депонијата, некои пристапни улички да се асвалтираат и службите да бидат поажурни“, вели една граѓанка на Гевгелија.
Друг граѓанин вели дека не се само 5 проблеми во општината, туку има 1001 проблем, но нема никогаш да се решат бидејќи со градот владеат исти семејства со децении.
„Живеев во друга држава и ги уживав сите права освен немав право на глас, бидејќи не бев нивни државјанин. Тука е обратно, имам само право на глас и ништо друго“, додава тој.
Еден граѓанин од Скопје, вели дека планира да се пресели во Гевгелија бидејќи таму воздухот и градот е чист и жителите се љубезни.
Еден жител на Неготино вели дека најголемиот проблем е згаснатото стопанство.
„Сите проблеми во Неготино потекнаа со затварањето на фабриките. Тоа предизвика економски колапс на населението, економски колапс на општината и економски прогон на населението“.
Друга граѓанка вели дека треба повеќе да се чисти градот, да се откупува редовно грозјето, и да се подобри здравството.
„Реката е заникаде не е чиста, улиците се заникаде, водата во текот на ноќтта ја стопираат па мораме во текот на денот да полниме резерва“ вели еден граѓанин.
Анкетата е дел од проектот „Зелено општество за сите“ кој го спроведува организациската единица ЗЕЛЕН ЦИВИЛ, во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.
Со проектот „Зелено општество за сите“, ЦИВИЛ ја продолжува промоцијата на идеите за меѓусебната поврзаност на зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда, особено во контекст на креирање локални политики и практики со вистинска грижа за интересите на граѓанките и граѓаните на локално ниво.
Преземањето на содржините е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0.
Д. М.