Започна со работа најголемата фабрика за апсорпција на јаглерод диоксид во светот

Најголемата фабрика во светот дизајнирана за вшмукување на јаглерод диоксид од воздухот и негово депонирање под земјата вчера започна со работа во Исланд, соопштија команиите кои стојат зад проектот.

Фабриката наречена „Орка“, според исландскиот збор „орка“ кој значи „енергија“, се состои од четири единици, од кои секоја е составена од два резервоара.

Кога ќе работи со полн капацитет, фабриката ќе извлекува и до 4.000 тони јаглерод диоксид од воздухот секоја година, тврдат компаниите „Climeworks“ од Швајцарија и „Carbfix“ од Исланд, кои ја изградија фабриката. Според американската Агенција за заштита на животната средина, тоа е еднакво на емисијата на штетни гасови која ја предизвикуваат околу 870 автомобили.

„Нашите климатски цели нема да бидат достигнати без големо отстранување на CO2 од атмосферата. Ова означува важна пресвртница во борбата против климатската криза“, напишаа од „Carbfix“.

„Блумберг“ објави дека изградбата на „Орка“ чинела помеѓу 10 и 15 милиони долари.

Ваквите технологии можат да станат главна алатка во борбата против климатските промени, сметаат дел од научниците. Критичарите, пак, велат дека технологијата е премногу скапа и може да бидат потребни децении пред да почне да функционира целосно и ефикасно.

Green CIVIL

FREE
VIEW