МЕРИТА МАКСУТИ
Феноменот на дуалноста на градовите отсекогаш ме интригирал, и долгата опсервација на различни градови во нивната морфологија, историја и развој, ме инспирираше малку да ја „гребнам“ оваа комплексна тема. Скопје како богат град во својата слоевитост и со нагласена дуалност, која беше директна причина за оваа размислување, е голема инспирација со сите свои маани и недостатоци, но и со светлите периоди во својот развој. Целта ми е да предизвикам размислување кај читачот, без разлика дали е тој професионалец или само лаик кој знае како да го “чувствува“ градот. Да ве предупредам – пристапот е малку филозофски и личен.
Сликата на е еден град е всушност рефлексија на внатрешната состојба на самиот, онаа, подскриената страна и онаа што не толку лесно ја гледаме. Урбани карактеристики на градот никако не се само улиците, градбите , зелените површини и други урбани особини. Градовите се фантастични феномени кои живеат и умираат (ја сакам оваа констатација на Jane Jacobs со која всусшност се сложувам а е објаснета во нејзината книга “ The life and death of great American Cities” ), во некои случаеви и во буквална смисла на зборот, но не како во американскиот контекст, но овој нашиот малку по тажен, како организми кои се борат со повеќе болести паралелно но стоички опстојуваат. Фантастични во нивниот морфолошки, еколошки, архитектонски, историски и друг идентитет, градовите ги перципирам како карактерни персони, и дословно ги поврзувам со одредени луѓе. Истата интеракција како со луѓето , за мене се случува со просторниот контекст, или кликнуваш, или не.
Како социо-просторна структура градот е мошне по комплексен и поларизирачки заради тенденции да се создаваат причини за поделби по разни основи. Јасни урбани сегрегации се појавуваат како резултат на растечки трендови на се поголемиот јаз на економската моќ на граѓанинот и по тој основ отворено изостанува субстанцијална инклузија во општествените текови.
Концептот на дуалноста е присутен од самите почетоци, почнувајќи во самата генеза на нашето постоење низ создавање на животот, кој бара дуален пристап, а подоцна се прелева во неговата дуална спротивставеност и противречна егзистенција, продолжувајќи во општеството и општествените феномени на урбаното живеење.
Дали е во нашата природа да ја храниме дуалноста во, и околу нас, и да ја одржуваме по секоја цена?
Во историја на развојот на нашите градови се создаваше една органска дуалност, пред се со просторна и социјална диференцијација која понатаму се одразува на самата слика на градовите. Оваа метафора на развојна дистинкција ја создаде сликата на денешното Скопје како најпластичен пример на американскиот феномен на “Redlining” (систематско игнорирање на една класа на луѓе и создавање на неинтегрираниот слој на општеството кој подоцна повлекува низа негативни домино ефекти). Не навлегувам во сржта на феноменот, ниту ми е целта да го разработувам (иако е многу интересен), но го спомнувам од една перспектива на економски и урбанистички пристап на развојот на градот кој недостасуваше во одредени делови, и доведе до ситуација Скопје да стане дуален во својот карактер по физичка, ментална , економска, историска и социјална природа. Секогаш сум рефлектирала за оваа појава, не само како перцепциска метафора туку исклучително физичка, така што не е чудно како се вкорени изразот во урбаниот речник – граница “од таа страна на Вардар”. Овој израз ги соединува сите овие нивоа на дуалното, како што се старо-ново, ориентално – современо ( до пред 10 години, имено), нивно – наше, неразвиено –развиено, несредено –средено, неред- ред и многу други. Нели се овие перцепции кои ги има секој искрен жител на Скопје со една умерена доза на интерес кон градот?
Дали и денес е присутна таа дистинкција со истиот интензитет како што тоа беше случај пред 40 или 30 години? Дали градот се движи во една друга насока која ќе ја намали оваа историска поделба и дали треба да се менува сликата на градот? Сите овие прашања секојдневно можеби би требало да ги поставува секој од нас би требало да и искрено да ги почувствува.
Дали нашите градови ги планираат урбанисти и урбани планери или политиката? Сакаме да зборуваме за одржливи градови, транспорт, енергетски ефикасни згради, намалено загадување, паркови и зеленило, но дали вистински сме спремни за таков пристап и промена во однесувањето? Дали сме спремни за предизвиците и високите стандарди кои треба да се исполнат да влеземе во клубот, а се уште сме незрели ?
Не сум сигурна, но уште не сме на „ти“ со овие принципи на функционирање. Да се разбереме , јас лично ја сакам дуалноста на градот, но со подеднаков третман и однос кон двете страни на карактерот и кога ќе се перципираат како вредности и предности, а не како поделби.