ЦИВИЛ: Да креираме општество кое негува толеранција, меѓусебно разбирање и почитување врз принципите на мир и ненасилство

Меѓународниот ден на ненасилството се одбележува на 2 октомври, поклопувајќи се со роденденот на Махатма Ганди, лидер на индиското движење за независност и основоположник на филозофијата и стратегијата на ненасилство.

Овој ден е воспоставен во 2007 година, според резолуцијата на Обединетите нации A/RES/61/271 како можност „да се прошири пораката за ненасилство, вклучително преку едукација и јакнење на јавната свест“, секогаш „имајќи предвид дека ненасилството, толеранцијата, целосното почитување на сите човекови права и основни слободи за сите, демократијата, развојот, меѓусебното разбирање и почитувањето на различностите се меѓусебно поврзани и меѓусебно ги зајакнуваат, ја реафирмираат универзалната важност на принципот на ненасилство и желбата да се обезбеди култура на мир, толеранција, разбирање и ненасилство“.

ЦИВИЛ од своето основање во 1999 година ги следи принципите на ненасилство и заложба за човекови права и слободи. Како организација што се залага за свет во кој сите луѓе живеат во мирно и демократско општество, се бори за надминување на култот кон оружјето и го промовира начелото на потполна слобода на изразување, на Меѓународниот ден на ненасилство им порачува на граѓанките и граѓаните заеднички да ја прошириме пораката за сè поголемата потреба од активно учество во креирање општество кое негува толеранција, меѓусебно разбирање и почитување, градејќи заедници врз принципите на мир и ненасилство во решавање на конфликтни ситуации.

„Ненасилството е најголема сила која е на располагање на човековиот род. Тоа е помоќно и од најмоќното оружје за уништување создадено од ингениозноста на човекот“, е позната максима на Mахатма Ганди.

„Биди промената што сакаш да ја видиш во светот“, вели Ганди, и почнувајќи од самите себеси како индивудуи, но и како колектив – да градиме култура на мир, толеранција и ненасилство.

Република Северна Македонија, како земја-членка на ОН е обврзана целосно да ја почитува оваа резолуција, вложувајќи најмногу во образованието, едукација и јакнење на јавната свест за негување вредности што се базираат на принципот на ненасилство.

ЦИВИЛ

Green CIVIL

FREE
VIEW