Зелен поимник: Децентрализација, предуслов за одржлив развој

Главниот чекор кон операционализирање на концептот на одржлив развој е децентрализацијата на општествата, бидејќи без негова широка примена на микро ниво, тој не може да даде резултати на глобално ниво.

подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА

Како природно суштество, човекот живее во согласност со биолошките законитости. Поради својата свесност и активен однос кон природата, како психичко и општествено суштество, тој доминира над останатите видови на живиот свет на Земјата. Во својот општествен, економски и културен развој (а со тоа и усовршувањето на техничко – технолошките работни процеси), тој се повеќе ја присвојува и совладува природата.

 

Исцрпувањето и деградацијата на животната средина сè повеќе има карактер на глобален проблем, поради сè поголемото обединување и поврзување на современите општества, во процесот на создавање на единствен економски, политички и културен простор во светот, а со цел – посигнување на сè поголем економски раст и благосостојба.

Од една страна, илузијата дека природата има на располагање неограничени ресурси веќе одамна е надмината. Од друга страна, економскиот и целокупниот општествен развој е континуиран и повеќе или помалку незапирлив процес.

Се чини дека стратегијата на одржлив развој е една од најприфатливите опции за решавање на глобалните  предизвици. Одржливиот развој може да се дефинира како интегрален економски, технолошки, социјален и културен развој, кој е усогласен со потребите за заштита и унапредување на животната средина, а на сегашните и идните генерации им овозможува задоволување на нивните потреби и подобрување на квалитетот на животот.

Во филозофски, односно етички манир, тоа би значело „развој кој овозможува да се задоволат потребите на актуелните генерации, без да се загрозат потребите на идните генерации“.

Главниот чекор кон операционализирањето на овој концепт на одржлив развој е децентрализацијата на општествата, бидејќи без негова широка  примена на микро – ниво, тој не може да даде резултати на глобално ниво.

Поимот децентрализација (de и centrum, лат. – од центарот) е антипод (спротивен) на поимот централизација, и претставува принцип или концепт на организација, што подразбира зголемување на надлежностите на периферните државни органи и недржавни институции во однос на централната власт. До одреден степен тие остануваат во подредена позиција во однос на повисоките административни инстанци.

Со други зборови,  децентрализацијата треба да се сфати како трансфер  на функциите на власта, чие извршување останува под нехиерархиски надзор на преносителот на таа власт.

Таа е значаен фактор во демократизацијата на правниот поредок на секоја држава. Главната предност на децентрализираниот модел на одлучување и управување е во можноста оние кои одлучуваат пообјективно да се информираат за предметот на нивното одлучување, како и поедноставно да се организираат и да се насочат во административното работење.

Со децентрализацијата, постои шанса за поефикасна комуникација помеѓу инстанците од различни нивоа, но и за поголема транспарентност во извршувањето на надлежностите. Исто така, имплементацијата на овој концепт придонесува за полесно и поефикасно отстранување на воочените грешки, поради отвореноста на институциите, блискоста со граѓаните и зголемување на нивната демократска одговорност.

Децентрализацијата во економијата и екологијата, вклучуваат низа на одлучни и темелни чекори:

  • Фокусирање кон  локалната заедница, нејзините потреби и можности за развој при напуштањето на централизираните форми на организација
  • Користење  на најсовремени научни и технолошки достигнувања во производството, поради  порационално користење на енергијата и другите природни ресурси
  • Максимално зголемување на средствата за креативност во науката, технологијата, културата и здравјето, со цел подобрување на квалитетот на животот и одржливиот развој
  • Преиспитување на автентичноста и одржливоста на широкиот спектар на човековите потреби, нивно намалување и свесна трансформација
  • Едукација за еколошки одржливиот развој и создавање на одржливи еколошки ставови.

Во Рио де Женеиро, во јуни 1992 година, на Конференцијата на Обединетите нации за животна средина и развој (UNCED) е усвоена Агендата 21, која претставува акционен план за одржлив развој, во услови на децентрализирана држава.

 

Линкови:

https://sustainabledevelopment.un.org/content/documents/Agenda21.pdf

https://www.enciklopedija.hr/natuknica.aspx?ID=14128

http://www.apeironsrbija.edu.rs/icama2009/048_Suzana%20Pavlovic%20-%20Kritika%20centralizma%20ili%20decentralizma%20.pdf

https://www.markopaliagarovinj.info/decentralizacijom-do-odrzivog-razvoja-un-decentramento-che-porta-allo-sviluppo-sostenibile/

https://bib.irb.hr/datoteka/580157.Koncept_odrivog_razvoja_i_sustav_upravljanja.pdf

https://bib.irb.hr/datoteka/580157.Koncept_odrivog_razvoja_i_sustav_upravljanja.pdf

https://bib.irb.hr/datoteka/532254.Decentralizacija_text.pdf

https://lokalniodrzivirazvoj.webs.com/Prezentacije/Sedmi%20cas%20-%20Decentralizacija.pdf

https://www.protecta.org.rs/public_docs/prirucnik_decentralizacija.pdf

https://www.protecta.org.rs/public_docs/prirucnik_decentralizacija.pdf

Green CIVIL

FREE
VIEW