Некои од политичките субјекти се посветени на формирањето на невладини и непрофитни организации, а некои од нив се вклучуваат во постоечките политички структури со формирање на зелени партии, додека голем број од граѓаните стануваат дел од пошироките движења. Заедничка цел на сите политички чинители е влијание (непосредно или посредно) во државните, регионалните или локалните политики.
подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА
Во периодот по Втората светска војна, во потрага по сè поголем економски раст, државите не посветувале многу внимание на квалитетот на животната средина. Забрзаната индустријализација експоненцијално придонесувала за загадувањето, а потребата од ресурси на храна, енергија и простор за живеење незапирливо растела.
Научните достигнувања, како што се нуклеарната енергија, пронаоѓањето на пестицидите и антибиотиците, оддавале впечаток дека човекот не само што е одвоен, туку е и независен од природата, така што може целосно да ја контролира и да управува со неа.
На општествен план, се отвориле многу прашања, како: колонијализам, полова дискриминација, расна сегрегација и сите форми на нееднаквост, и покрај ветениот просперитет. Во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, паралелно со заканата од Студената војна, низ целиот свет започнуваат протести против локалното загадување, борбата за ослободување на жените, мирот и антинуклеарните движења.
Сите тие движења се испреплетуваат и покажуваат солидарност на едни кон други. Тоа ги води кон теоретско размислување за единствена политика, од која подоцна се кристализира Зелената политичка идеја. Во наредното десетлетие, зелените активисти се консолидираат во партии, создаваат мрежни и наднационални сојузништва.
Една од главните карактеристики на зелената политика е интернационализмот, поради нефункционалноста на политичките граници во еколошки контекст, како и поради солидарноста на народите во решавање на дополнителните, глобални, еколошки проблеми – оштетувањето на озонската обвивка, загубата на шумските пространства, енормниот раст на човечката популација и усогласувањето на нејзините потреби во рамките на природата.
Подоцна, се надоврзува и проблемот со ефектот на стаклена градина и климатските промени, осиромашувањето на сите ресурси, глобализацијата, економските и енергетските кризи.
Зелената идеја е либерална во смисол на различните интерпретации и контексти, како и во различните идеолошки содржини. Тој политички диверзитет, заедничката соработка помеѓу луѓето и идеите, може да се сфати како богатство и предност, а во крајна инстанца како нужност.
Некои од политичките субјекти се посветени на формирањето на невладини и непрофитни организации, а некои од нив се вклучуваат во постоечките политички структури со формирање на зелени партии, додека голем број од граѓаните стануваат дел од пошироките движења. Заедничка цел на сите политички чинители е влијание (непосредно или посредно) во државните, регионалните или локалните политики.
Во светот постојат повеќе организации кои овозможуваат обединување на еколошките активности на заинтересираните субјекти, на меѓународно ниво, без оглед на нивните политички позиции, со издвојување на еколошките проблеми од останатите политички прашања.
Помеѓу најпознатите од таков вид се: WWF (World Wildlife Fund), Greenpeace, BirdLife International, UNESCO (United Nations Educational, Scientific and Cultural Organization) и UNEP (United Nations Environment Programme).
-WWF е најголемата непрофитна еколошка организација во светот, која е основана од британскиот биолог и бизнисмен Џулијан Хаксли (на 11 септември 1961 година со седиште во Швајцарија) и има повеќе од пет милиони поддржувачи.
Своите извештаи WWF ги објавува на секои две години и се смета за еден од најцитираните и најавторитативните извори на информации за еколошката состојба во светот. Извештаите ги изработуваат научниците од Зоолошкото друштво во Лондон и Светската мрежа за еколошки отпечатоци.
Со нив се проценува нивото на здравјето на нашата планета, врз основа на неколку показатели: состојбата на животинската популација, користењето на природните ресурси, употребата на обновливите извори на енергија, количината на свежа вода потрошена во производството итн.
Според извештаите на WWF, во периодот од 1970 до 2012 година, индексот што го одразува бројот на различните видови на животни е намален за 58%, додека популацијата на животни што живеат во слатка вода е намален за 81%.
– Greenpeace организацијата е формирана како одговор на нуклеарните тестирања, кои ги прави Америка во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век.
Карактерстични методи на организацијата Гринпис за борба против еколошките проблеми се штрајковите и протестите. На 16 октомври 1970 година, во Ванкувер е одржан протест против нуклеарно тестирање , а потоа на Аљаска на 15 септември 1971 година, против опасните тестови во сеизмички ризичен регион, со испраќање на брод (првобитно наречен Филис Кормак, а потоа преименуван во Гринпис).
Членовите на организацијата веруваат дека нивните протести и штрајкови, можат да ги инспирираат луѓето и организациите да го променат својот став кон природата.
Организацијата се финансира исклучиво од донациите на граѓаните и приватните добротворни фондации. Таа не прифаќа парични средства од државата и комерцијалните структури и политичките партии. Доделените средства, Greenpeace ги користи само за еколошки проекти.
Greenpeace не прифаќа никакви форми на насилство, како метод за постигнување на своите цели. Сите акции се одвиваат на мирен начин, дури и кога членовите се соочени со застрашување или закана.
Членовите на Greenpeace, раководејќи се според сопствените принципи, се имаат спротивставено на комерцијалниот лов на китови, имаат алармирано за уништувањето на озонската обвивка на нашата планета и започнато кампања против генетски модифицираните производи.
-BirdLife International во деведесеттите години од минатиот век станува меѓународна организација, која денес има 121 филијала во различни земји во светот. Во 2007 година, BirdLife International започнува голема кампања за спасување на загрозени видови птици.
-UNESCO организацијата е основана на 16 ноември 1945 година. Седиштето е во Париз, Франција. Има 195 земји -членки, 2 држави набудувачи и 10 придружни членки. Некои од целите на оваа организација се давање придонес во зајакнување на мирот и безбедноста, преку проширување на соработката помеѓу државите и луѓето, во области како образованието, науката и културата, како и обезбедување правда и почитување на владеењето на правото, универзалното почитување на човековите права и основни слободи за сите народи, без разлика на нивната раса, пол, јазик, сексуална ориентација или религија, во согласност со Повелбата на Обединетите нации.
Помеѓу прашањата што ги покриваат активностите на организацијата се: решавањето на проблемите на дискриминацијата во образованието и неписменоста, проучување на националните култури,решавањето на проблемите на општествените науки, геологијата, океанографијата и биосферата.
-UNEP програмата е креирана во рамките на системот на ОН, за давање придонес во системска координација на заштитата на природата. Главната цел на UNEP е организација и имплементација на мерки, кои се насочени кон заштита и подобрување на животната средина, во корист на сегашните и идните генерации. Седиштето се наоѓа во Најроби, Кенија. UNEP има и шест големи регионални канцеларии во различни земји. Организацијата е одговорна за решавање на сите еколошки прашања на глобално и регионално ниво.
Активностите на UNEP вклучуваат водење различни проекти во врска со атмосферата на Земјата, морските и копнените екосистеми. UNEP, исто така, игра значајна улога во развојот на меѓународните конвенции во областа на екологијата и заштитата на животната средина. UNEP често соработува со држави и невладини меѓународни организации. Организацијата, исто така, честопати спонзорира или олеснува спроведување на еколошки проекти.
За разлика од повеќето неформални организации, зелените партии на парламентарно ниво главно се занимаваат со одбранбени политики: превенција (еколошки катастрофи, продлабочување на нееднаквоста и авторитаризам), ограничувања (емисии на стакленички гасови, квоти за родова еднаквост, акумулација на моќ) и забрани (дискриминација, употреба на штетни материи, трговија со генетски модифицирани организми, експлоатација на заштитени природни богатства и загрозени видови, програми за нуклеарна енергија).
До крајот на 80-тите години од минатиот век, скоро секоја земја во западна и северна Европа формирала партија позната како Зелените или со слично име (Зелена листа во Италија, Зелена алијанса во Ирска и Финска, Зелени алтернативи во Австрија, Зелена еколошка партија во Шведска, Еколошка партија во Белгија). Зелените партии има и во земји како Канада, Аргентина, Чиле и Нов Зеланд.
Во Брисел (Белгија), во јануари 1984 година, основана е организацијата позната под името Европските зелени, чија улога е да ги координира активностите на различните европски партии. Во 1999 година, Зелените во Европскиот парламент формираат блок со Европската слободна алијанса, чии претставници се залагаат за правата на националните групи (и други малцински групи), кои немаат државност.
Првата и најуспешна национална партија позната како Die Grünen (Зелените) е основана во Западна Германија (од Херберт Грул, Петра Кели и други) во 1979 година, како резултат на спојувањето на околу 250 еколошки групи. Таа е ориентирана кон организирање на јавна поддршка за контрола на нуклеарната енергија и загадувањето на воздухот и водата. Die Grünen стануваат национална партија во 1980 година. Во програмата на партијата, стои предлогот за отповикување на Варшавскиот пакт и НАТО, за демилитаризација на Европа, за разделување на големите економски претпријатија на помали единици…
Партиципирањето на зелените партии во политиката е од особено значење за постигнување на прогрес на полето на демократијата, владеењето на правото и општествената правда, климатските промени. Тие бележат значајни резултати на националните, парламентарните и локалните избори во земјите на Европа, со тенденција на зголемување на своето влијание на целокупната политичка сцена.
—
Линкови:
https://en.wikipedia.org/wiki/Green_party
https://en.wikipedia.org/wiki/Greenpeace
https://legal-dictionary.thefreedictionary.com/Green+Party
http://dictionary.sensagent.com/Green%20party/en-en/
https://www.britannica.com/topic/the-Greens-politics
https://glasnikokvir.com/2016/07/08/o-zelenima-i-zelenima-od-pokreta-do-partija-i-nazad/
https://guides.lib.berkeley.edu/c.php?g=496970&p=3427176
https://www.greeneuropeanjournal.eu/