Зелен поимник: Што е економска, социјална и еколошка благосостојба?

„Квалитетот, а не долговечноста, е она што е важно во животот“ - Мартин Лутер Кинг

подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА

Поимот прогрес (напредок), често се дефинира како посакувана состојба со извесни позитивни промени. Таа се јавува како резултат на повеќекратни, поврзани процеси и интеракции, често иницирани од економски  и  јавно-политички интервенции, насочени кон подобрување на економската и социјалната состојба на сите граѓани.

 

Во денешните, современи општествени текови, севкупниот прогрес е императив, во сите негови сфери. Тој, на пример, може да биде прогрес во контекст на материјалните аспекти на општеството, општата состојба во државата, економијата, образованието, природните ресурси, јавното здравје, културата и слично.

Напредокот  на општеството, подразбира подобрување на стандардот и квалитетот на животот на граѓаните, што пак директно влијае врз  унапредување на општата благосостојба, реализирана низ суштинското задоволување на нивните материјални и нематеријални потреби, преку активно учество во општеството и почитување на индивидуалните цели.

Подобрувањето  на целокупната благосостојба има објективна и субјективна димензија. Објективната благосостојба го вклучува концептот на економски развој (економски и неекономски аспект) и условите за живот.

Субјективната димензија се однесува на перцепцијата на граѓаните за благосостојбата, која ја сочинуваат претходно дефинирани термини: среќа- како афективна состојба и задоволството од животот – како когнитивна компонента.

Благосостојбата може да се унапредува  во услови на  поддршка на персоналните односи, вклучување на заедницата, добро здравје, финансиска сигурност, солидно образование, културна надградба, наградување на вработените, како и здрава и атрактивна животна средина.

Улогата на владите во државите е да им обезбедат на своите граѓани, сега и во иднина, еднаков пристап до социјалните, економските и еколошките ресурси, потребни за постигнување на благосостојба. Затоа, разбирањето на ефектите од политиките врз животот на луѓето е важно за нивното понатамошно креирање и дизајнирање.

Благосостојбата  може да се опсервира и од перспектива на условите што треба да бидат исполнети, за таа да биде овозможена. Еколошките економисти, на пример, се посветени на зачувување на биолошката разновидност, со предупредување  за нејзино постојано уништување, бидејќи, според нив, таа ја сочинува основата на човековата благосостојба.

 

Зелената економија е свртена кон постигнување еднаквост и социјална правда.

Од исклучителна важност е да се знае, на кој начин ресурсите што им стојат на располагање на луѓето и условите за живот влијаат на човековото задоволство, и обратно, како степенот на задоволство може да се претвори во однесување, кое ќе влијае на условите и ресурсите. Ваквите еколошки аспекти ја потенцираат важноста на постигнувањето на амбиент, во кој благосостојбата е одржлива.

Во 2006 година, независната организација The New Economics Foundation (Фондацијата Нова економија), објави глобален манифест за посреќна планета, кој содржи  десет главни концепти, што треба да доведат до одржлива благосостојба:

  1. Искоренување на екстремната сиромаштија и глад
  2. Подобрување на здравствената заштита
  3. Ослободување од долгот (на земјите во развој)
  4. Промена на вредностите
  5. Поддржување на осмислен живот
  6. Оспособување на луѓето и промовирање на добра влада (владеење)
  7. Идентификување на еколошките ограничувања и дизајнирање економска политика која работи во рамките на тие ограничувања
  8. Дизајнирање на систем за одржлива потрошувачка и производство
  9. Понапорно работење за да се забават климатските промени
  10. Мерење на она што е важно

Феноменот на благосостојба е динамичен, поради менливиот карактер на условите под кои се остварува. Од таа причина потребно е воведување на нови (неутописки) доктрини, кои ќе овозможат (одржлива) благосостојба , која е синоним за квалитетен живот на сите граѓани.

 —

Линкови:

https://www.researchgate.net/publication/298213757_Ecological_Well-Being

https://www.researchgate.net/publication/298213757_Ecological_Well-Being

https://www.researchgate.net/publication/263654424_Progres_drustva_voden_subjektivnim_blagostanjem_indeks_srece_gradana

https://core.ac.uk/download/270089387.pdf

https://hr.encyclopedia-titanica.com/significado-de-bienestar

https://hr.edustanford.com/5796694-well-being

http://www.doiserbia.nb.rs/img/doi/1452-595X/2010/1452-595X1001001B.pdf

https://sr.wikipedia.org/wiki/Dr%C5%BEava_blagostanja

file:///C:/Users/namin/Downloads/politicka_misao_1967_4_614_623.pdf

https://www.ucg.ac.me/skladiste/blog_67130/objava_69553/fajlovi/EUSOCMODEL.pdf

https://velikirecnik.com/2017/11/30/blagostanje/

 

Green CIVIL

FREE
VIEW