Зелен поимник: Заштита на животната средина, основа за правото на живот и сите други човекови права

Правото на живот како витална основа за уживање на сите други човекови права, го вклучува и правото на заштита на животната средина, а зачуваната и заштитена животна средина е основа за уживање на правото на живот.

„Ја сменивме нашата околина толку радикално што сега, за да постоиме во неа, мора да се промениме себеси“ Norbert Wiener

 

подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА

Животната средина, нејзината заштита и зачувување е една од најактуелните теми на денешницата, за која се дебатира помеѓу припадниците на општата популација, стручната и политичката јавност.

И покрај широкиот спектар толкувања на терминот животна средина,  како синоним најчесто се употребува терминот природно опкружување. По аналогија тука се редат: водата, воздухот и почвата, потоа и растенијата, животните и микроорганизмите, и најпосле, економските, социјалните и политичките елементи креирани од човекот.

Цел еден комплекс од физички,биолошки и културни елементи се меѓусебно поврзани на различни начини, како на индивидуално така и колективно ниво. За постоењето на животот на Земјата, клучно значење има природната околина (опкружување), која му овозможува опстанок на целокупниот жив свет.

Поимот животна средина, датира од крајот на 70-тите години од ХХ век, а потекнува од францускиот збор „environ“,што значи опкружување. Во него се содржани: природните, биотички (човечките суштества, растенијата, животните, микробите) и абиотичките фактори (светлината, водата, воздухот, почвата), како и создадените вредности, чии комплексни меѓусебни односи го сочинуваат опкружувањето, односно просторот и условите за живот.

Постои мноштво од дефиниции за животната средина, како на пример:

– „Агрегат на сите надворешни сили, влијанија и состојби, кои влијаат врз животот, природата, однесувањето и растот, развојот и зрелоста на живите организми.“ (Douglas and Holland)

– „Збир на сите состојби и влијанија кои дејствуваат врз развојот и животот на сите органи.“ (T.N. Khoshoo)

– „Физичко опкружување кое е заедничко за сите нас, вклучувајќи го воздухот, просторот, отпадот, земјата, растенијата и животинскиот свет.“ (Simon Ball and Stuart Bell)

– „Неразделен, целосен систем составен од физички, хемиски, биолошки, социјални и културни елементи, кои се поврзани индивидуално и колективно на огромен број начини.“ (Kalavathy)

Опстанокот на човечките заедници во минатото, честопати бил загрозен од природните катастрофи, епидемии, војни, недостаток на храна и други влијанија на локално ниво.

За разлика од егзистенцијалните кризи на минатото, денешните кризи не произлегуваат од природни непогоди од локален карактер, туку од глобалниот раздор на целокупната индустриска цивилизација во идеолошко – материјална смисла.

Човекот и животната средина се неразделно поврзани. Тој, како единка, не само што живее во неа, туку поттикнат од желбата за присвојување на материјални добра, постојано ги користи нејзините ресурси и дејствува врз неа.

Со исчезнувањето на хармоничниот однос меѓу човекот и природата, почнува процесот на загадување и уништување на животната средина. Од 1990 година, клучни проблеми на животната средина се: ефектот на стаклена градина и глобалното затоплување, појавата на озонските дупки, киселиот дожд и уништувањето на тропските шуми, загадениот воздух, вода, почвата, ерозија на почвата, опустошување на шумите.

Вистинското будење на свеста и поголемиот  интерес за животната средина и нејзината заштита, најпрво се појавува во најразвиените индустриски земји на Запад, а подоцна интересот се шири во останатите земји во светот.    Заштитата на животната средина е еколошка дисциплина, која го проучува човековото влијание врз животната средина.

Концептот за заштита на животната средина подразбира збир од активности на човекот, чија задача е да ја зачува незагадената, недеградираната средина или нејзините индивидуални елементи, естетски карактеристики и функции (на животната средина).

Пристапот треба да се смета  како мултидисциплинарен, бидејќи претпоставува постојана обврска на сите граѓани во општеството. Секое нарушување на состојбата на животната средина,  доведува до еколошки нарушувања и нарушувања на општествените односи, кои се меѓусебно поврзани и условени.

Како резултат на подигнувањето на нивото на свесноста на државите за поврзаноста помеѓу процесите во природата, изразената деградација на животната средина и влијанието на човекот врз неа, во втората половина на XX век, донесени се неколку важни декларации од областа на заштитата на животната средина, а склучени се и голем број меѓународни договори под покровителство на ОН:

  • На Првата меѓународна конференција во Стокхолм 1972година, донесена е Стокхолмската декларација за човековата околина.
  • На Втората меѓународна конференција во Рио де Жанеиро 1992 година, донесени се:  Рио Декларацијата, Агенда 21, Рамковната конвенција на ОН за заштита и развој на животната средина, Конвенцијата за биолошка разновидност и Правно необврзувачката  декларација за принципите за постигнување глобален консензус за управување со шумите.
  • Во Кјото 1997 година, донесена е рамковната Конвенција на ОН за климатските промени.

Во светски рамки се проценува дека постојат повеќе од 700 мултилатерални спогодби и повеќе од 1000 билатерални спогодби, во контекст на различни аспекти на животната средина, а Европската Унија има одобрено над 200 прописи за заштита на животната средина.

Според член 31 од Универзалната декларација за човековите права на ОН: „Секое човечко суштество има право на одржување на еколошката рамнотежа во својата животна средина што ја делат со сите други живи суштества, животни и растенија, чијшто опстанок, како и гаранцијата за сопствениот опстанок, треба да биде обезбеден“.

Тоа би значело дека правото на живот како витална основа за уживање на сите други човекови права, го вклучува и правото на заштита на животната средина, а зачуваната и заштитена животна средина е основа за уживање на правото на живот.

 

Линкови:

https://pdfcookie.com/download/udzbenik-zastita-okolisa-g27ozxg9k0v0

https://www.researchgate.net/publication/316919015_Zastita_zivotne_sredine

https://www.slideshare.net/Eva983/osnovni-pojmovi-i-principi-ekologije-i-zatite-ivotne-sredine

https://www.ucg.ac.me/skladiste/blog_22813/objava_69651/fajlovi/Predavanje%207%20_1_.pdf

https://vdocuments.mx/2013-skripta-zastita-okolisa.html

https://eko.zagreb.hr/zastita-okolisa/10

http://geol.pmf.hr/~eprohic/Legislativa.u.zastiti.okolisa2.pdf

https://studymalaysia.com/education/top-stories/what-is-environmental-protection-all-about

https://inspirajournals.com/uploads/Issues/159348613.pdf

https://scindeks-clanci.ceon.rs/data/pdf/2217-8821/2015/2217-88211507169S.pdf

This post is also available in: English

Green CIVIL

FREE
VIEW