Во услови на драстични предупредувања од научната заедница за ескалација на климатската криза, Конференцијата на ОН за климатски промени (COP26) почна вчера во шкотскиот град Глазгов.
На покана на Обединетите нации, владини претставници од околу 200 земји во текот на две недели ќе разговараат за начините на кои човештвото сè уште може да го задржи забрзаното глобално затоплување на некое толерантно ниво, јави ДПА.
Се очекува да присуствуваат околу 25.000 луѓе, вклучително и илјадници новинари и активисти за заштита на климата.
Официјалната церемонија на отворање, која беше одложена за околу еден час, започна со едноминутно молчење во чест на жртвите од пандемијата на коронавирус.
Почетокот го означија претседавачот на конференцијата и британски државен секретар Алок Шарма и поранешната мексиканска министерка за надворешни работи Патриша Еспиноза.
Претседателот на COP26, Алок Шарма, во воведниот говор, ја подвлече важноста на конференцијата за исполнување на целите поставени со Парискиот договор од 2015 година, вклучително и ограничување на глобалното затоплување на максимум 1,5 степени Целзиусови над нивото од прединдустријализацијата.
– Овој COP е нашата последна најдобра надеж да го задржиме 1,5 на дофат. Оваа меѓународна конференција мора да испорача резултати, истакна Шарма.
На церемонијата присуствуваат и шефот на организацискиот комитет на претходната 25-та Конференција на ОН за климата Каролина Шмид, претседавачот на 76-та сесија на Генералното собрание на ОН Абдула Шахид, претседавачот на Меѓувладиниот панел за климатски промени Хјосунг Ли.
Вчерашното отворање на COP26 е формално, бидејќи главната работа на форумот започнува денес, со Самитот на светските лидери, кој ќе трае два дена.Од вчера вечер во Глазгов почнаа да пристигнуваат највисоките гости на конференцијата. Американскиот претседател Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Борис Џонсон и италијанскиот премиер Марио Драги, како и многу други лидери, од Рим пристигнуваат во Глазгов, каде во моментов се одржува Самитот на Г20. Британска кралица Елизабета Втора, која планираше да присуствува на конференцијата, била принудена да се откаже од патувањето по совет на лекарите, но престолонаследникот, принцот Чарлс од Велс, познат по својот активен став кон животната средина и климата ќе учествува во COP26.
Претходно се дозна дека кинескиот лидер Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин нема да можат лично да присуствуваат на конференцијата, што значително ги намали очекувањата од конференцијата, во чиј успех британските набљудувачи и експерти почнуваат да се сомневаат. Во Глазгов нема да пристигнат и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро и мексиканскиот лидер Андрес Мануел Лопез Обрадор.
Еколошките организации и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш однапред се пожалија дека многу земји не ги заостриле доволно своите климатски планови во последните две години од последната конференција на ОН во Мадрид и го одложиле неопходното брзо исфрлање на јагленот, нафтата и гасот.
Тоа е затоа што вештачкото затоплување на атмосферата со стакленички гасови веќе предизвикува почести екстремни временски услови. Примерите ги вклучуваат неодамнешни поплави во Германија, суша во регионот Сахел во Африка и разорни шумски пожари во Калифорнија и Русија.
Надежите дека од самитот Г20 ќе биде испратен силен сигнал пред самитот за климата се намалени, бидејќи активистите не видоа нова иницијатива за нови ветувања за заштита на климата.
Земјата веќе се загреа за околу 1,1 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа; во Германија веќе е 1,6 степени.
Во Париз пред шест години, меѓународната заедница се согласи да го ограничи глобалното затоплување на максимум 2 Целзиусови степени или по можност 1,5 Целзиусови степени. Досега, пак, плановите поднесени од државите се далеку од доволни.
Британскиот премиер Борис Џонсон рано изутринава изјави дека се надева на „дух на одговорност и амбиција“ во Глазгов за да се одржи во живот целта поставена во Париз.
Други важни теми во Глазгов се трговијата меѓу државите со напредок во заштитата на климата и финансирањето на штетите и загубите предизвикани од глобалното затоплување, особено во посиромашните земји.
Илјадници климатски активисти пристигнаа во Шкотска во текот на изминатите денови, вклучително и шведската активистка Грета Турнберг, која вели дека не е официјално поканета да присуствува на конференцијата и дека е присутна за да го предводи протестот во Глазгов, со барање за итна акција.