Време на целосна деконтаминација

Александар Николиќ Писарев

Ако не се прифатат, негуваат и унапредуваат зелените вредности во целост, како неделиви едни од други, ќе останеме во истото поларизирано општество кое нема да успее ниту на политички, ниту на економски план

 Точно пред една година, Република Северна Македонија во Софија ја потпиша Декларацијата за зелена агенда за Западен Балкан, со која се обврза да почне со спроведување на мерките за борба против загадување и климатските промени , и да биде во иста агенда која на овој план ја спроведуваaт земјите членки на ЕУ.

„Иако сме уште далеку од остварување на сите цели кои ги поставува пред нас спроведувањето на Зелена агенда, Република Северна Македонија во регионални рамки е лидер во искористување на обновливи извори на енергија во производство на струја со 30 проценти од производство на електрична енергија добиена од обновливи извори“ вели за ЦИВИЛ МЕДИА директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дејан Павлески.
Зборувајќи на темата „Забрзување на зеленото финансирање во Северна Македонија и „Вoведување фонд за зелено финансирање“, министерот за финасии  Фатмир Бесими  на конференцијата која во Скопје е одржана на оваа тема во почеток на октомври рече дека во иднина растот на економијата и закрепнувањето по ковид-кризата, ќе се засноваат на зелена економија и инклузивен просперитет. Поддршката на зелената и дигиталната трансформација е и една од заложбите на Владата и на Министерството за финансии, која што е вградена во Планот за финансирање на заздравувањето и забрзување на економскиот раст којшто веќе е во завршна фаза на подготовка во Министгерството за финасии.

Зелени обврзници

„Република Северна Македонија амбициозно влегува во остварување на Зелената агенда, вели вицепремиер за економски прашања во Владата на Република Северна Македонија, Фатмир Битиќи објаснувајки како ќе се забрзува финансирањето на зелени проекти. „Посветени сме на реализација на „Зелената агенда“, за проекти за подобар живот на сите граѓани. Во оваа фаза на развојот на Република Северна Македонија неопходно е да се зборува за забрзување на „зелените финансии“ и за неопходноста од воведувањето различни финансиски инструменти што ќе водат до подобар исход за животната средина во државата.

Нашата посветеност на Зелената агенда е поголема од кога и да било досега, а со тоа и потребите за инвестиции се значителни на сите нивоа и во сите сектори.

Зелената и дигиталната трансформација на коишто ќе се заснова идниот развој на Република Северна Македонија ќе бараат огромни инвестиции, a токму eдна од целите на Планот е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од над 4 милијарди евра за периодот 2021-2026 година, финансирани од Буџетот, ИПА фондовите и меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор“.

Зелените обврзници се нов финансиски инструмент за поттикнување и поддршка на проекти што ја поддржуваат Зелената агенда и зелената транзиција, а се насочени кон проекти за унапредување на животната средина, поточно подобрување на енергетската ефикасност, намалување на загадувањето, систем за интегрирано управувањето со отпадот, поддршка на одржливо земјоделство, риболов и шумарство, заштита на водните и копнените екосистеми, обезбедување чист транспорт и одржливо управување со водите, негување технологии што се еколошки, итн.

Со Планот е предвидено меѓу другите да се формира и Фонд за енергетска ефикасност, во рамки на Банката за развој на Северна Македонија, а средствата меѓу другото ќе бидат наменети за идни енергетски ефикасни инвестиции, како и финансирање на инвестициите во енергетска ефикасност и обновлива енергија во јавните згради. Ова е само дел од Планот што предвидува нови форми и начини на инвестирање, со кој што се проценува да бидат инвестирани 12 милијарди евра во проекти дизајнирани и имплементирани од јавниот и приватниот сектор.

Македонија без сомнеж, е целосно посветена на намалување на загадувањето, намалување на емитувањето на стакленичките гасови, зазеленувањето на економијата, особено преку намалување на нашата зависност од фосилни горива и фокусот на поефикасно користење на чиста енергијата и во индустрискиот и во станбениот сектор.

Донесени се веќе неколку стратегии за развој на енергетиката, енергетска ефикасност и обезбедување на стабилност во снабдувањето со енергија за сите. „Започнавме голем инвестициски циклус за позелена иднина, обновливи енергетски извори и истражување на повеќе опции за снабдување со енергија. Сфативме дека инвестирањето е од клучно значење за да се постигне трансформација. Неодамнешното поднесување на нашиот унапреден „Национален придонес за климатските промени“, усвојувањето на Стратегијата за развој на енергиката и другите национални стратегии и планови усогласени со пристапниот процес на ЕУ и Зелениот договор, се наш начин за достигнување на нашите краткорочни и долгорочни цели„ вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир  Битиќи.

Партнерство со пријателите

Република Северна Македонија во таа насока развива интензивно партнерство со Заедничкиот фонд за одржливите цели за развој (Joint SDG Fund),  со агенциите на Обединетите нации – УНДП, Меѓународната организација за миграција и УНЕЦЕ, ЕБРД и 7 приватни банки од Северна Македонија во воспоставувањето на „Инструмент за зелено финансирање“. Механизмот за финансирање ќе служи за пример за тоа како различни партнери – јавни, приватни и меѓународни финансиски институции – може да ја комбинираат својата експертиза заедно и да ги спојат финансиите за забрзување на одговорот кон климатските промени. Владата ќе придонесе со 800.000 долари кон овој инструмент.

Постојаната координаторка на агенциите на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, вели дека Северна Македонија започна многу амбициозен план за намалување на емисиите на стакленички гасови што е добра основа за забрзување на вложувањата во обновливи извори на енергија, со цел - намалување на емисиите на стакленички гасови од 51% до 2030 година. „Среќна сум што гледам и голем интерес во нови и разновидни финансиски инструменти“ изјави Дуџак.

Ветерници од Куманово до Крива Паланка

Во Република Северна Македонија, Зелената агенда е во полн ек.

Започнува реализацијата на најголемата инвестиција во историјата на македонската економија, вредна 500 милиони евра на германската компанија WPD. Германската компанија WPD, ќе гради 415 мегаватна ветерна електрана на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Ранковце- Крива Паланка, во вредност од околу 500 милиони евра. На овој потег ќе бидат поставени 69 ветерници, кои ќе создадат над 400 мегавати струја од македонскиот ветер. Ветерниот парк „Вирови“ ќе биде најголемиот капацитет од обновливи извори на енергија во нашата земја. Само за споредба, станува збор за капацитет кој го имаат двата блока на инсталиран капацитет од РЕК „Битола“ во најдобрите години. „Вирови“ нема да користи никакви повластени тарифи од државата, а ќе снабдува со електрична енергија 290.000 домаќинства.

Фотонапонските и ветерните електрани се најбрзорастечки технологии во зеленото сценарио. Во Република Северна Македонија која има 280 сончеви денови во годината се предвидува изградба на фотонапонски електрани со моќност од 1.500 мегавати и електрани на ветер со моќност од околу 700 мегавати. Сето тоа е силна потврда за посветеноста на Владата на инвестиции во зелени, еколошки и обновливи извори на енергија со цел да се обезбедат поевтини извори на енергија, здрава животна средина и почист воздух.

 Пет столбови на Зелена агенда

Македонија е меѓу земјите од регионот кои ја потпишаа Декларацијата за зелена агенда за Западен Балкан, со која се обврзаа да спроведат исти мерки за борба против загадувањето и климатската криза како земјите членки на Европската унија.

Декларацијата за зелена агенда за Запден Балкан се заснова на пет столбови: првиот е клима, енергија и мобилност, вториот е циркуларна економија, потоа следуваат деполуција, одржливо земјоделство и производство на храна и последниот столб е заштита на биодиверзитетот.

Кога ЕУ излегла со својата политика за новиот „зелен договор“, кој важи за нејзините членки, исто така почнала да работи и за иста таква верзија за Западен Балкан, со цел да биде постигната климатска неутралност на целиот европски континент до 2050 година.

Тука е таа поврзаност меѓу европскиот Зелен договор и Зелената агенда и за Македонија бидејќи  се пресликани истите принципи кои ќе важат за земјите членки на ЕУ.

Така што не е прашањето дали ние сакаме или не сакаме да ги имплементираме овие мерки, него е прашање на време кога ќе ги имплементираме, бидејќи Европа донесе и Економски инвестициски план од девет милијарди евра за регионот за да се применат сите оние мерки кои се предвидени во политиката на Зелената агенда.

Имајќи предвид дека земјите од Западен Балкан се кандидати, односно потенцијални кандидати за членство во Европската унија, Европската комисија усвои посебен документ со кој се регулира идниот пат на земјите од овој регион, а се однесува на заштита на животната средина. Патот на земјите од регионот кон Европската унија на тој начин доби зелена боја.

Агендата промовира поддршка за усогласување на земјоделско-прехранбениот и примарниот сектор за производство со стандардите на ЕУ за безбедност на храна, здравје и благосостојба на растенијата и животните. Македонија се стреми и кон се поголемо производст кон еколошко и органско земјоделство, како и намалување на синтетичките хемикалии во производството на храна. Државите треба да ја поддржат соработката помеѓу научните и образовните тела и производителите и преработувачите во земјоделско-прехранбениот сектор со цел да се олесни преминот кон иновативен и еколошки прифатлив процес на производство на храна.

Деконатминација на меѓучовечките односи

Но климтскиоте промени и обновливи извори не се единствениот сегменти во Зелената агенда. Зелена агенда подразбира и деконтаминација на односите во општеството и меѓу луѓето, нациите, расите... единството и неделивоста на зелените вредности, кои подразбираат и почитување на различностите, еднаквоста и мултикултурализмот.

Меѓусебната поврзаност на зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда, особено во контекст на креирање локални политики и практики со вистинска грижа за интересите на граѓаните и на локално ниво.

Потребно е сите, вклучителчно и  носители на одлуки на локално и централно ниво, медиумите и граѓанскиот сектор да се вклучат во создавање општество кое ефективно ќе се справува со националистичките наративи преку зелените алтернативи, иницијативи, стратегии и активно учество во креирање зелени политики што ќе придонесат кон креирање на прогресивно, слободно и зелено општество.

Лидерката на ДОМ, Маја Морачанин, вели дека поголемиот дел од граѓаните под зелени вредности подразбираат заштитата на животната средина и климата. Но, зелени вредности се почитување на правото, антинационализмот, социлајна правда, хуманост, солидарност…
Треба да градиме зелено општество за сите, така ќе имаме поголема меѓусебна соработка, почитување и разбирање. Во голем дел од развиените демократии, кои воедно се и меѓу најбогатите држави во светот, зелените вредности се веќе прифатени и длабоко вткаени, а циркуларната и зелената економијата се веќе цврсто воспоставени и носат огромни профити за компаниите, но и благосостојба за населението.

Во директивите на ЕУ и извештајот на Европската агенција за животна средина од 2014 година, зелената економија се дефинира како „систем на економски активности поврзани со производство, дистрибуција и потрошувачка на стоки и услуги што резултира со подобра човечка благосостојба на долг рок, за да се избегне изложување на идните генерации на значителни еколошки ризици и на еколошкиот недостиг, додека циркуларната економија претставува развојна стратегија која обезбедува економски раст без зголемување на потрошувачката на ресурси и намалување на влијанието врз животната средина.

Но дали тоа е доволно? Ни оддалеку. Тоа се меѓусебно поврзани процеси. Не може да се развие зелената или, како што се нарекува, циркуларна економија, доколу не се развијат политиките и практиките на локалните и националните власти, а уште повеќе – јавната свест и политичката култура кои водат во тој правец. А тоа неизбежно подразбира систем на вредности кои ги вклучуваат човековите права и слободи, социјалната правда и мултикултурализамот.

Ако не се прифатат, негуваат и унапредуваат зелените вредности во целост, како неделиви едни од други, ќе останеме во истото поларизирано општество кое нема да успее ниту на политички, ниту на економски план.

 

 

Green CIVIL

FREE
VIEW