МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Трето, тоа може да биде само држава која е спремна да вложи во тоа.
Зелената иднина е скапа и само државата може да ги кумулира потребните и доволни средства за градење на системот на вредности кои ја сочинуваат, контролните механизми и потребните институции.
Затоа што е скапа демократијата, која бара време, и институции, и процедури, и вклучување на различни групи во процесите на одлучување, и повеќе видови на непосредна демократија.
Затоа што е скапо почитувањето на различноста. Тоа подразбира издвојување средства за ранливите групи, за различните јазици и култури, за задоволување на специфичните потреби на луѓето, за социјална заштита, заштита на децата и возрасните, за хумани политики.
Скапа е промоцијата и употребата на новите технологии кои можат да бидат ставени во функција со цел добивање нови извори на енергија. Тоа подразбира истражувања, поддршка на иновации и иновативни практики, употреба на не толку профитни начини на производство, и поинакво менаџирање на индустриите.
Скапа е заштитата на животната средина, која значи откажување од одредени погодности и одредени пракси, менување на стилот на живеење, поголеми производствени трошоци, помала потрошувачка на одредени производи, поспоро движење на луѓето и производите.
Четврто, тоа може да биде само држава која функционира во континуитет.
Само државата која успева да изгради политики кои се спроведуваат долгорочно и кои се надградуваат со секоја нова власт, може да обезбеди справување со долгорочните проблеми поврзани со климатските промени, обновувањето на животната средина, градењето системи за нејзина заштита во иднина.
Државата која обезбедува континуитет во своето делување може да ги антиципира идните проблеми, да ги согледа последиците од одредени активности и да изгради долгорочни политики кои ќе можат да се справат со овие проблеми. Тоа значи градење национален консензус за прашањата поврзани со зелената иднина кој овозможува стабилност и воедначеност на политиките кои се градат независно од гарнитурата која во моментот е на власт.
Државата која ги менува политиките со промената на власта е реактивно поставена, делува во моментот и таа се истрошува во гаснење актуелни пожари, префрлање на средствата со кои располага од едно на друго место за решавање на моментално живото загрозувачки настани. Таквата држава не решава проблеми туку во моментот закрпува отворени рани, кои потоа остануваат да тлеат со постојана закана повторно да се разгорат.
Само држава која гледа 10 чекори нанапред може да ги антиципира: енергетската криза, и стареењето на населението, и климатските промени, и меѓуетничките тензии, и…, и да започне со подготовка за справување со овие проблеми уште во нивниот зародиш или нивното навестување.
Петто, тоа може да биде само држава која гради политики базирани на податоци.
Тоа е држава која е во состојба да го активира и употреби целокупниот интелектуален капацитет во изработка и спроведување политики насочени кон добробит на граѓаните.
Таквата држава поддржува, бара и стимулира истражувања, проекти, ја развива науката, вложува во образованието, го развива и максимално го искористува научниот и истражувачкиот потенцијал со кој располага.
Само во соработка меѓу државата и науката може да се удрат темелите на зелената иднина, која подразбира гледање напред, откривање и искористување на новите сознанија, нови откритија и изнаоѓање алтернативни решенија.
За да ја изградиме зелената иднина ни треба државата. Ама не било каква држава.
Потребна ни е држава шахист, која антиципира, која ја гради легислативата врз основа на антиципација и која при тоа се потпира на науката.
Тоа значи дека државата која не вложува средства во науката и развојот, која не обезбедува континуитет во делувањето, туку дозволува секоја партија која ќе ја освои власта да го сруши претходното и да почне одново, која не антиципира, туку реагира и која не е во состојба да гради политики базирани на податоци, не може да биде држава која ќе ја изгради зелената иднина.