Скопје со години наназад е меѓу најзагадените градови во Европа и светот. Мерките кои се преземаат се ад-хок, најчесто задоцнети и се препишуваат истите мерки од година во година. ЦИВИЛ постојано алармира и пишува за енормното загадување во Градот и државата, за мерките и последиците кои произлегуваат од загадувањето.
Во текстот „Надлежните со препораки за енормно загадениот воздух“, од 2019 година, ЦИВИЛ ги објавува препораките и мерките кои Министерството за животна средина и просторно планирање ги упатува до населението поради загадувањето на воздухот и надминување на прагот на информирање утврден на вредноста од 100 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови. Мерките се речиси идентични со денешните, и се сведуваат на препораки да се користи јавниот превоз, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материја, како и правилно да се користат печките за дрва.
На истата тема, енормно загаден воздух во градот, ЦИВИЛ објавува наслов „Воздухот во Скопје и денеска загаден, бесплатен јавен превоз за скопјани“ и во 2018 година.
И тогаш, по добиените информации дека квалитетот на воздухот во Скопје последователно два дена е загаден над дозволеното, односно над 200μg/m3, повторно беа активирани мерките за ублажување на последиците од аерозагадувањето во градот.
Преппораките на Владата се истите: МВР треба да ја активира и да ја спроведе одлуката и контролата на веќе воведениот сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, во координација со МВР (да се користи обиколницата). Единиците на локална самоуправа се должни да го спроведат издавањето одобренијата за дотур на роба во забранети зони за сообраќај со важност до 7:30 часот, обуките на авто школите да се реализираат во период од 9:30 до 14:30 и по 18 часот, да се обезбеди или бесплатен јавен превоз или намалување на цената на билетот на градскиот превоз во период на неповолни климатски услови, што би било поттик за граѓаните за користење на јавниот градски превоз, да се зголеми фрекфенција на автобуси на ЈСП на сите дестинации, дневно чистење на улиците и пешачките површини и да ги зголемат инспекциските контроли на градилиштата, на ракувачите со отпадни масла и сервисите што работат на промена на масла.
Владата, воедно, ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпрјатијата и АД во државна сопственост, како и на ЕЛС да ја ограничат (до 50%) употребата на службените возила.
Се посочува дека градежните компании имаат обврска да користат вода за намалување на прашината при градежни активност (прскање, миење гуми пред излез од градилиште итн.), а градежните машини (багери, булдожери, виљушкари) да се пренесат до градилиштата до 7:30 часот наутро.
Тогашниот градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на прес-конференција соопшти дека поради загаденоста на воздухот над дозволеното ниво, се воведува бесплатен градски превоз за скопјани. Мерката стапува на сила веднаш и оти важи подеднакво за автобусите на ЈСП и за приватните превозници.
„Оваа мерка ќе трае се до моментот на намалување на загадувањето, за што дополнително ќе бидеме известени од страна на Министерството за животна средина“, рече Шилегов и додаде дека автобусите ќе бидат со зачестена фреквенција. Истовремено, тогашниот градоначалник ги повика МВР и МЖСПП, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.
ЦИВИЛ во 2019 г. ќе објави и „Истражување: Загадениот воздух заглупува“ на Универзитетот на Пенсилванија и Колорадо Боулдер и (САД) за влијанието на високото ниво на јаглероден диоксид во атмосферата врз намалувањето на интелектуалните способности на луѓето.
Покрај тоа што зголемените нивоа на јаглерод влијаат погубно на природата, што се гледа, на пример во промените во климата, научниците дошле до сознанија дека тоа лошо влијае и на учењето кај децата.
И предходно се знаеше дека непроветрена просторија им попречува на умствените способности, како и на концентрацијата. Но, доточаш не беше проучено влијанието на „свежиот“ воздух однадвор, што веќе е, исто така, прилично загаден.
При испитувањата, се дефинирани две тези. При пооптимистичкото сценарио, умствените способности на учениците ќе се намалат за 25 отсто до 2100 година, но во случај ако отсега се намалат издувните гасови. Доколку нивото на штетни честички во воздухот остане на сегашното ниво, луѓето до крајот на векот ќе бидат, во просек, за 50 отсто помалку интелигентни.
Драган Мишев