Светот во 2021: Што беше договорено на климатската конференција КОП26 во Глазгов?

Речиси три децении ОН ги обединува скоро сите држави на Земјата на глобални климатски самити наречени КОП, што значи „Конференција на страните“ (COP – Conference of the Parties). Од тогаш климатските промени од маргинално прашање се претворија во глобален приоритет.

Годинава беше 26-от годишен самит, со што името беше КОП26. Со оглед на тоа што Велика Британија беше претседавач, КОП26 се одржа во Глазгов.

На самитот КОП26 беше постигнат нов глобален договор – Климатскиот пакт од Глазгов.

Тој има за цел да ги намали најлошите влијанија од климатските промени – но некои лидери и активисти велат дека тој не оди доволно далеку.

Што содржи договорот од КОП26?

Договорот – иако не е правно обврзувачки – ќе ја постави глобалната агенда за климатските промени за следната деценија:

Емисии

Беше договорено земјите да се сретнат следната година за да ветат дополнително намалување на емисиите на јаглерод диоксид (CO2) – гас со ефект на стаклена градина што предизвикува климатски промени.

Ова е обид да се задржи зголемувањето на температурата во рамките на 1,5 Целзиусови степени – што според научниците е потребно за да се спречи „климатска катастрофа“. Сегашните ветувања, доколку се исполнат, ќе го ограничат глобалното затоплување само на околу 2,4 степени Целзиусови.

Јаглен

За првпат на КОП конференција имаше експлицитен план за намалување на употребата на јаглен – кој е одговорен за 40 проценти од годишните емисии на CO2.

Сепак, земјите се согласија само на послаба посветеност за „постапно укинување“ наместо „постапно исфрлање“ на јагленот по доцната интервенција на Кина и Индија.

Земји во развој

Со Договорот се ветува дека значително ќе се зголемат парите за да им се помогне на сиромашните земји да се справат со ефектите од климатските промени и да се префрлат на чиста енергија.

Исто така, постои можност за фонд од трилион долари годишно од 2025 година – откако претходно беше пропуштено ветувањето на побогатите земји да обезбедат 100 милијарди долари годишно до 2020 година.

Додека некои набљудувачи велат дека договорот од КОП26 претставува „почеток на пробив“, некои африкански и латиноамерикански земји сметаат дека не е постигнат доволен напредок.

Субвенции за фосилни горива

Светските лидери се согласија постепено да ги укинат субвенциите кои вештачки ја намалуваат цената на јагленот, нафтата или природниот гас.

Сепак, не се одредени конкретни датуми.

Договор меѓу САД и Кина

Најголемите светски емитери на CO2, САД и Кина, ветија дека ќе соработуваат повеќе во следната деценија во областите вклучувајќи ги емисиите на метан и преминот кон чиста енергија.

Кина претходно не сакаше да се справи со домашните емисии на јаглен – така што ова се сметаше за признавање на потребата за итна акција.

Дрвја

Лидерите од повеќе од 100 земји – во кои се околу 85 проценти од шумите во светот – ветија дека ќе го запрат уништувањето на шумите до 2030 година.

Ова се смета за суштинско, бидејќи дрвјата апсорбираат огромни количини на CO2.

Слични иницијативи не го спречија уништувањето на шумите, но оваа е подобро финансирана. Сепак, не е јасно како ќе се спроведува ветувањето.

Метан

Повеќе од 100 земји договорија шема за намалување на 30 проценти од емисиите на метан до 2030 година.

Метанот моментално е причина за една третина од затоплувањето што го создава човекот.

Големите емитери Кина, Русија и Индија не се приклучија – но постои надеж дека ќе се приклучат подоцна.

Пари

Финансиските организации кои контролираат 130 трилиони долари се согласија да ја поддржат „чистата“ технологија, како што е обновливата енергија, и да ги насочат финансиите подалеку од индустриите што употребуваат фосилни горива.

Иницијативата е обид да се вклучат приватните компании во исполнувањето на целите за нето нула емисии.

Сепак, некои еколошки организации рекоа дека без поголема посветеност да се стави крај на поддршката за фосилните горива, ова може ќе остане само Пи-Ар вежба.

Како ќе се натераат земјите да ги исполнат своите ветувања?

Повеќето обврски преземени на КОП ќе мора да бидат исполнети со сопствени политики.

Само неколку земји ги направија своите ветувања правно обврзувачки.

Што беше КОП26 и зошто беше неопходен?

На КОП26 земјите ги преиспитаа климатските ветувања дадени согласно Парискиот договор од 2015 година.

Пред шест години, од земјите беше побарано да направат промени за да го задржат глобалното затоплување „многу под“ две Целзиусови степени – и да се обидат да се стремат кон 1,5 Целзиусови степени.

Пред самитот, од 200 земји беа побарани нивните планови за намалување на емисиите до 2030 година.

Целта е да се продолжи со намалување на емисиите додека не достигнат нето нула емисии до средината на векот.

Самитот КОП27 следната година ќе се одржи во Египет.

извор: МИА

Green CIVIL

FREE
VIEW