Климатските промени и аерозагадувањето во 2021 година: Многу документи, малку имплементација

Реализацијата на проекти на национално и локално ниво коишто ќе имаат директен удел во намалување на аерозагадувањето и ублажување на климатските промени недостигаа во изминатата 2021 година. Северна Македонија усвои серија од важни стратегии и закони, а се обврза на Конференцијата за климатски промени на ОН – КОП 26 и со потпис на меѓународни договори, но имплементацијата дури и на мерките кои беа ветени за намалување на загадувањето на воздухот и ублажување на климатските промени, не се спроведе.

Во однос на борбата против аерозагадувањето, едно од најзначајните практични проекти во 2021 е почетокот на акредитацијата на Државната лабораторија за животна средина за мерење на загадувањето на воздухот, процедура која што треба да се заврши во 2022 година. Министерството за животна средина и просторно планирање годинава склучи и договор со две компании од Скопје за набавка на мерни инструменти за Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ) и за Државната лабораторија за животна средина за набавка на преносен анализатор за мерење на концентрација на емисии на гасови од стационарни извори на загадување. Лани беше набавен уште еден инструмент за Државната лабораторија за детекција и анализа на PM10 и PM2.5 честичките.

Завршувањето на акредитацијата на Државната лабораторија за животна средина ќе биде исклучително важно во борбата против аерозагадувањето, бидејќи инспекторите при надзорите врз индустриските капацитети врз земјава ќе можат да се ослонат на мерењата на оваа лабораторија. Покрај објективни податоци, со завршувањето на оваа процедура се очекува и да се зголеми и забрза казнувањето на загадувачите на воздухот, и оттука, овој проект е еден од најзначајните што започнаа во 2021, а ќе мора да се заврши годинава.

Мерните станици во Скопје што го испитуваат квалитетот на воздухот во 2021 година насекаде почнаа да ги покажуваат податоците за присуство на најопасните PM 2.5 честички во воздухот, што веднаш резултираше со сериозни осцилации на нивото на аерозагадување на различни локации во главниот град. Екологистите останаа на заклучокот дека постојната мрежа е премала, и дека во секоја населба треба да има барем две до три станици што ќе го мерат квалитетот на воздухот.

На ваквите барања, Министерството за животна средина и просторно планирање минатата година одговори со набавка на мерни станици во Прилеп и Берово, кои во иднина ќе треба да го мерат квалитетот на воздухот во овие два града, но и со објаснување дека општинските власти со сопствени средства можат и самите да се вклучат во инсталирањето на ваквата опрема на нивна територија, давајќи им на знаење дека една мониторинг станица чини околу 150.000 евра.

Она што најмногу затаи во 2021 година е имплементацијата на проектите, со коишто директно ќе се влијае врз намалување на загадувањето на воздухот во македонските општини. Европската Комисија во Извештајот за реформскиот напредок на земјава, во поглавјето 27, нагласи дека Северна Македонија треба да ги зголеми финансиите што се одвојуваат на национално и локално ниво за намалување на загадувањето на воздухот.

Но, наместо да се испочитува она што јасно го побара ЕУ од нашите власти во текот на октомври, од граѓанската „02 Иницијатива“ во декември 2021 година излегоа со критика дека Собранието на РСМ изгласало прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници за 2021 година, со кои дополнително беа намалени за 13,5 милиони евра буџетските средства наменети за аерозагадување, диви депонии, заштита на водите и животната средина, енергетска ефикасност и енергетска независност. Па така, од „02 Иницијатива“ го потенцираа намалувањето на средствата за аерозагадување за цели 71 отсто од предвидените 1,3 милиони евра во државниот буџет.

Дека има работи што се ветуваат, а во реалноста се одолговлекуваат или не се исполнуваат многу јасно лани можеше да се види со министерот за економија Крешник Бектеши. Тој во јануари 2021 година вети дека во наредните месеци ќе се забрани увозот на половни возила од странство со под ЕУРО 5 стандард на емисии на издувни гасови. На крајот од годината, ваквото ветување што може директно да влијае врз намалување на увозот на возила кои сериозно го загадуваат воздухот се одложи за 2022.

Без епилог остана и владината најава за воведување на еколошката такса за нафтените деривати, која беше најавувано дека ќе стартува од 1 јули 2021 година. Иако Владата најави дека би можело да поскапат нафтените деривати со предложениот закон за животна средина, тој остана до крајот на годината заглавен во Собранието на РСМ поради несогласувањето на опозицијата со ваквата мерка.

На општествено ниво, 2021 не донесе никакво поместување напред кај факторите кои може да влијаат врз аерозагадувањето на воздухот. Бројот на регистрирани возила во земјава продолжи да расте, што значајно влијае на зголемување на уделот на патниот транспорт во аерозагадувањето. Наспроти ова, јавниот превоз низ градовите поради ковид-19 пандемијата продолжи да бележи опаѓачки бројки на превезени патници, а градови како Тетово го пуштија, па по кратко време го укинаа јавниот превоз за граѓаните. Наместо нови патнички возови, годинава сопре сообраќањето не само на меѓународниот железнички превоз, туку од мај годинава не сообраќаат ниту патничките возови кон Кичево и Кочани.

Проблем во најава за аерозагадувањето се појави кон крајот на 2021 година, со зачетоците на глобалната енергетска криза и порастот на цените за енергенсите и на увозната струја. Ова доведе до повторно воведување во работа на ТЕЦ „Неготино“, како и до увоз на јаглен за непречено функционирање на ТЕЦ „Осломеј“ и ТЕЦ „Битола“, коишто и досега беа посочувани како главни загадувачи на воздухот во општините каде што функционираат, бидејќи за добивање на струјата го користат јагленот и мазутот како енергенс.

Земјава изминатава година не направи исчекор ниту кон решавање на проблемот со дивите ѓубришта распослани низ земјава, но и со нестандардните општински депонии. Иако Владата побара средства од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за изградба на пет регионални депонии во земјава, општинските власти во Североисточниот и Источниот плански регион не можеа да се договорат за раководните структури на новото претпријатие што треба да управува со идната регионална депонија во двата региони, што доведе и до одложување на тендерот за нејзина изградба. Ваквата негативна состојба беше пропратена со чести случаи на потпалување на дивите депонии, кои енормно го загадуваат воздухот не само во делови на Скопје, туку и низ други општини во земјава – Охрид со депонијата „Буково“, Виница со тамошната општинска депонија и други општини.

Справувањето со управувањето на отпадот, загадувачкиот сообраќај и користењето на јагленот и мазутот од термоелектраните и индустријата не се единствено горливи прашања за аерозагадувањето, туку и за климатските промени. Токму по овие прашања, Северна Македонија во 2021 година си презеде сериозни обврски со потпишаните договори на Конференцијата КОП-26 што се одржа во Обединетото Кралство.

Вистински позитивен исчекор напред се случи кон крајот на летото, кога Владата на РСМ ја усвои Долгорочната стратегија за климатска акција на земјава, која што има за цел да ги намали националните нето емисии на стакленички гасови, без вклучени емисии од авијација и увоз на електрична енергија, за 72 отсто до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година.

Сепак, владиното ветување за усвојување на Законот за климатска акција до крајот на 2021 година, не успеа да го помине филтерот на Собранието и ќе мора да чека на аминување од пратениците во 2022 година. Европската Комисија во најновиот Извештај за реформскиот напредок на Северна Македонија за 2021 година, во делот за климатските промени, посочи дека земјава треба да го усвои Законот за климатска акција, но и да вложи повеќе напори за да се имплементира ветеното од нас во однос на Парискиот договор за климатски промени, којшто беше потпишан во 2016 година.

Северна Македонија на Конференцијата за климатски промени КОП-26 презеде обврски со потпишани договори, како што се: да стави крај на уништувањето на шумите на сопствена територија до 2030 година, но и да преземе мерки за поправање на штетите и за враќање на шумите во претходната состојба. Северна Македонија воедно беше првата земја од Западен Балкан што се обврза за напуштање на употребата на јагленот до 2030 година, откако стана стана член на PPCA Алијансата (Powering Past Coal Alliance) за време на Лондонската недела за климатски акции. Земјава истата обврска ја презеде и на КОП-26 во ноември годинава.

Северна Македонија влезе во групата од над 200 земји кои го потпишаа Климатскиот пакт во Глазгов, кој го обврза светот да не ги зголеми глобалните температури повеќе од 1,5 степен. За прв пат во 30 години дипломатија на ОН за ова прашање, 200 земји се согласија дека јагленот е главниот проблем и дека треба да преземеме акција сите заедно во надминување на неговата употреба.

Во насока на обезбедување на финансии за спроведување на мерки со кои земјава ќе го спречи глобалното затоплување, Северна Македонија во 2021 аплицираше за средства до Климатскиот инвестициски фонд, односно пројави интерес за учество во Програмата за Интеграција на обновливи извори на енергија и за учество во Програмата за забрзување на транзицијата од јаглен, кај Климатскиот инвестициски фонд. Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) во октомври лани го претставија и зелениот инвестициски фонд на ТИРЗ, каде со инвестиции од 750 милиони евра во наредните четири години, со јавно-приватно партнерство би се отвориле зелени работни места, но и би се ползувале обновливите извори на енергија во нови енергетски капацитети.

Ваквите најави за инвестиции не ретко и во минатото помпезно се споменувале пред граѓаните, но колку поголем проект е ветен, толку поретко до негова реализација имало во реалноста. Оттука, работењето на државните институции во 2022 година ќе покаже дали ваквите шанси за реализација на конкретни проекти ќе бидат искористени.

На крајот, секогаш вреди да се спомене дека аерозагадувањето и климатските промени се теми, во коишто властите не секогаш го имаат финалниот збор. Свесноста на граѓаните, секојдневното однесување кое го покажуваат тие, начинот на којшто функционираат и размислуваат, многу влијае врз квалитетот на воздухот и глобалното затоплување.

За жал, 2021 не беше година на сјајни достигнувања што беа преземени од самите граѓани. Кон крајот на ноември лани, излегоа две разочарувачки истражувања. Првото беше анкета спроведена од Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО), во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје. Анкетното истражување покажа дека 46 отсто од испитаниците сметаат оти климата се контролира со сателити и радари, како една од омилените теории на заговори што се присутни во земјава.

Наспроти ова, истражувањето на ИНДАГО што беше презентирано речиси идентичниот период во ноември покажа дека 53 отсто од испитаните домаќинства во земјава не сакаат да го сменат системот за греење, а само десет отсто се подготвени на таков чекор. Притоа, најголем дел од домаќинствата во земјава се грејат на огревно дрво или јаглен.

Ваквите ставови на граѓаните директно влијаат врз капацитетите на властите да направат позначителни резови во општеството, кои би довеле до мерки кои ќе го намалат загадувањето на воздухот и ќе влијаат врз намалување на просечните температури на воздухот. Минатата година не беше спроведена анкета за тоа дали граѓаните би се откажале од својот автомобил, но не треба да има сомнежи дека резултатите би биле во слична мерка поразителни како и горенаведените податоци од двете истражувања.

Затоа, 2022 нека биде и година на промена во свесноста и однесувањето на самите граѓани, со што допринесот во борбата против климатските промени и аерозагадувањето сигурно ќе биде значаен. / МЕТА 

Green CIVIL

FREE
VIEW