Комунална хигиена лани селектирала само 0,32 отсто од вкупниот отпад собран во Скопје

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје во 2021 година успеало да селектира и балира 538,8 тони отпад, а вкупното количество на собран комунален отпад е 166.678 тони. Ова значи дека тие успеале да селектираат скромни 0,32 отсто од собраното ѓубре од контејнерите, додека преостанатите количества завршиле на скопската депонија „Дрисла“, пренесува Мета.мк.

Како што информираат за Мета.мк од ЈП „Комунална хигиена“, во нивните два центри во 2021 година биле селектирани 5.649 килограми ПЕТ амбалажа и најлони, 36.570 килограми хартија и картонски кутии и 496.530 килограми стакло. Од ова јавно претпријатие немаат ингеренции да вршат рециклирање, компостирање и инсенерација на селектираниот отпад, така што „Комунална хигиена“ го продава селектираниот отпад на фирмите-постапувачи со отпад.

Веќе подолг период, ЈП „Комунална хигиена“ има само два центри за селекција и балирање на отпад во Карпош и во Вардариште, иако минатата година од раководството на претпријатието најавија дека секоја од 10-те скопски општини ќе добие сопствен рециклажен двор. Сепак, досега не е реализирана ваквата најава.

Во однос на новите шест закони за управување со отпад во земјава, коишто им ги зголемија обврските на општините во вршењето на селекцијата на отпадот, од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека ако треба да започнат примарна селекција на отпадот на целата територија на Скопје, тогаш ќе мора да се оформи неопходната инфраструктура.

„ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе мора да изврши набавка на дополнително количество садови за примарна селекција и да го прошири возниот парк со специјални комунални возила за таа намена, имајќи предвид дека претежно станува збор за индивидуални домаќинства коишто се сместени во потесни улици каде што се употребуваат помали возила“, велат за Мета.мк од ова јавно претпријатие.

Сепак, главниот проблем за реализацијата на примарната и секундарната селекција на отпадот се огромните средства што Градот Скопје и претпријатието треба да ги инвестираат во скопската инфраструктура. На територијата на Скопје, засега од „Комунална хигиена“ се поставени од 400 до 450 контејнери за селекција на отпадот. Исто така, примарна селекција на биолошки отпад се врши од домаќинства во населбата Влае во Општина Карпош. Овој пилот-проект ќе продолжи да се реализира и годинава, а планот е да се прошири и во другите скопски населби, но само во согласност со финансиските можности и условите што ги има ЈП „Комунална хигиена“.

Инаку, состојбата со примарната и секундарната селекција на отпадот во Скопје е речиси непроменета во споредба со 2020 година. И тогаш, податоците покажаа дека 0,3 отсто од собраниот комунален отпад во Скопје е селектиран од ЈП „Комунална хигиена“ во центрите за селекција на пластика, хартија и стакло. Ова значи дека најголемиот дел од ѓубрето, односно над 99 отсто од она што се собира од контејнерите, завршува на депонијата „Дрисла“, која што забрзано се полни. Скопје како главен и најголем град во земјава создава и најголеми количества на отпад на национално ниво.

Мета.мк веќе подолг период наназад пишува дека јавните комунални претпријатија имаат проблем со вршењето на примарната и секундардната селекција на отпадот. Од АДКОМ, Здружението на даватели на комунални услуги лани се пожалија дека само една канта за отпад од 120 литри чини 10 евра, а вакви контејнери за селекција треба да се постават низ целата територија на општините. Инаку, во некои општини висината на сметките за одлагање на отпадот не е променета и 15 години, а главните извори на финансирање на јавните комунални претпријатија доаѓаат токму од наплатата на овие сметки и од субвенции што ги добиваат од општините.

За разлика од кај нас, во земјите-членки на ЕУ од година во година се зголемува количеството на селектиран отпад, но и се намалува количеството на ѓубре што се одлага на депониите. На ниво на ЕУ, само околу половина од целокупниот отпад што се создава завршува на депониите, додека преостанатото количество се рециклира, компостира или се согорува во инсинератори.

Green CIVIL

FREE
VIEW