Граѓанските организации очекуваат брзо да се изработи специјалниот закон за заштита на Водно

Водно да се заштити со специјален закон, во кој ќе бидат земени во предвид сите аспекти на заштитата на планината, но и на Скопје. Оваа тема повторно стана актуелна кога градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на средба со еколошки организации најави дека Градот Скопје ќе иницира повисок степен на заштита на Водно со закон, откако минатата година Министерството за животна средина одлучи да ја заштити планината како заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, пишува Мета.мк.

Градот Скопје одлучи да ја поддржи иницијативата на граѓанските здруженија и повеќе експерти да се отпочне нова постапка која треба да резултира со интегрална заштита на Водно, според повеќе закoни, а не само според тој за природа. Арсовска, на почетокот на годината рече дека градските власти се обврзуваат на обезбедување дополнителен степен на законски регулирана заштита на Водно која е во интерес на Скопје и скопјани.

Од Градот Скопје информираат дека во буџетот за годинава издвоиле и средства за изработка на Просторен план за Водно.

„Град Скопје се заложува за системско решение и со иницирање и изработка на овој предлог закон, кој откако ќе биде изготвен ќе биде поднесен до Собранието. Градот Скопје веќе оствари средба со претставници од граѓанските здруженија „Го сакам Водно“ и „Иницијативата О2“, на која што се разговараше за фазата на реализација на иницијативата за предлог законот за заштита на Водно“, информираат од Градот Скопје.

Екологистите од организацијата „Го сакам Водно“ се надеваат дека изработката нема да се одолговлекува и дека набрзо ќе има конкретно решение. Очекуваат првичната верзија на законот кога ќе биде подготвена да биде презентирана за да може јавноста да се запознае со неа.

„Во моментов не знаеме кој ќе биде предлагач на законот, но она што е важно за нас е да ги опфати не само биолошките вредности, туку сите важни аспекти на заштита на Водно и на Скопје од Водно“, вели Татјана Стојановска.

Иван Блинков, професор на Шумарскиот факултет, вели дека со законот треба трајно да се запечати времената одлука за забрана за урбанизација, која се заканува да ја уништи парк шумата. Само во тој случај и Водно ќе го штити Скопје, особено од ерозии.

„Експерти и граѓански организации подолго време се противевме на одлуката на Министерството за животна средина за прогласување на Водно за заштитено подрачје согласно Законот за природа, бидејќи заштитата на биолошката, геолошката и пределната разновидност, според овој акт, се далеку помалку значајни од останатите шест вредности на Водно“, вели Блинков.

Тука пред сè се мисли на заштитата на централното градско подрачје од ерозија и поројни поплави, заради што и во минататото се имплементирани мерки на потегот од Припор до Нерези. Посочува дека во 1954 година, кога е прогласено ерозивното подрачје, неговата долна граница се движела и до старата железничка станица.

Водно, како планина најблиска до градот има и рекреативна улога, но и еколошка, како бели дробови на Скопје. Тука, покрај манастирот Пантелејмон, се наоѓаат и уште петнаесетина објекти со културно-историска вредност. Не треба да се занемари и земјоделската улога, бидејќи околу една четвртина од површината се приватна сопственост најчесто ниви, лозја и овоштарници. Блинков вели дека Водно има и воено-безбедносна улога, иако таа не се спомнува често во јавноста. Тој нагласува дека е подготвен да учествува во изработката на законот заради тоа што одлично ја знае историјата и улогата на планината, особено како заштита од ерозија.

„Опасноста од поплавен бран е голема бидејќи тој има и течна и тврда фаза. Тврдата фаза потекнува од ерозијата и таа со со мерки за заштита може многу да се намали. Со пошумуавње, пак, особено во контурни бразди или кордони, како што е изведено и на Водно, обезбедуваме и запирање на дел од водата, до степен да може остатокот да се зафати во каналите. Заради тоа мораме максимално да го одржуваме комплетен овој противерозивен и противпороен систем на Водно. Главната опасност од ерозии и поплави е за општината Кисела Вода, заради тоа што системот во минатото во источниот дел не бил довршен“, вели Блинков.

Целта на заштитата на Водно со специјален закон е во него интегрално да се вклучат сите вредности, а не само оние предвидени во законот за природа. Особено што, коментираат активистите, овој закон во одредени делови, кога се однесува на Водно, е во колизија со други закони како тој за шуми, за води, за заштита и спасување и други. Сите овие закони се еднакво важни и не би требало да се дозволи мајоризација на еден, во случајот, тој за природа. На пример, законот за шуми не дозволува конверзија на шума во градежно земјиште освен во случај на јавен интерес дефиниран со закон за експропријација. Законот за природа, пак, тоа го дозволува во зоните на одржливо користење. Во Студијата за Водно таа зона е ствена и во најчувствителните и најзначајните делови од аспект на заштата на Скопје.

Green CIVIL

FREE
VIEW