Компанија од Украина ќе ја купи целата згура од велешката Топилница. Новиот купувач и концесионерот „Кепс монт груп“ веќе потпишале договор, а во моментот се средува дополнителната документација. Работите на терен се очекува да започнат за два месеци, кога ќе треба да се монтира нова поголема сепарација. Извозот на суровините, кои можат да се извлечат од некогашната депонија на Топилницата, трае повеќе од две години, но со помал интензитет. Сега, велат од концесионерот, работите околу чистењето ќе можат да се забрзаат, пренесува Мета.мк.
„Партнерот од Украина доаѓа со своја опрема и најсовремена еколошка технологија за сепарирање. Монтирањето на сепарацијата ќе започне напролет, односно кога ќе ни дозволат временските услови. Штом започнеме со работа на терен и извозот на техногената суровина ќе биде интензивиран“, велат од „Кепс Монт груп“.
Концесионерот ја доби Б-интегрираната еколошка дозвола од Општина Велес во октомври 2019 година и може да извезува седум години. Троската, која се проценува дека содржи шест до десет отсто цинк, помеѓу 2,2 и 3,4 отсто олово и 25 отсто железен оксид, требаше да се извезе во Малезија. Оваа држава на почетокот на 2020 година воведе забрана за увоз, па и покрај тоа што концесионерот имаше важечки договор со малезиска компанија, тој не се реализираше. Во меѓувреме, помали количини троска без извезени во Србија, Косово и во Турција.
На депонијата на Топилница се проценува дека има околу 1,8 милиони тони згура. Црниот рид, кој е во непосредна близина на градот, на локацијата „Баш колиби”, е висок од 200 до 250 метри и длабок 22 метри. Иако индустрискиот капацитет одамна не работи, депонијата која се уште е тука, ја прави Топилница едно од најголемите еколошки историски жаришта во земјава. Особено опасни се остатоците од тешки метали, како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум… кои и понатаму се сретнуваат во почвата и земјоделските култури кои се одгледуваат во овој крај.
Граѓанските организации од Велес, долги години по ред предупредуваат дека згурата го загрозува здравјето на жителите на градот. Тие во 2018 и 2019 година во рамките на проект измерија присуство на тешки метали во велешката почва и до 30 пати над максимално дозволените граници. Констарираа дека почвата е загадена во радиус од дваесетина километри, во кој, освен станбени објекти, има и земјоделски провршини на кои се одгледуваат зеленчук и лозја.