Меѓу спортот и политиката: Дали зимска олимпијада во Пекинг е спортски или политички натпревар

АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ

Кина е првпат домаќин на зимска олимпијада, но интересно е дека и претходните зимски олимписки игри се одржани во Азија, поточно, во Јужна Кореја. Во Пекинг ќе настапат 2.871 спортист кои ќе се натпреваруваат во седум спортови, односно во 15 дисциплини. Игрите ќе траат од 4 до 20 февруари, под мото за „Заедничка иднина“.

Меѓутоа, свечената церемонија на отворањето на игрите на националниот стадион познат како „Птичјо гнездо“, е одбележана со дипломатски бојкот на голем број земји, меѓу кои се САД, Австралија, Канада, Велика Британија, Белгија, Данска, Естонија, Холандија, Нов Зеланд, Чешка, Литванија, Косово и низа други. Тие држави на свечената трибина не испратија свои дипломатски претставници. Западните земји го обвинуваат кинескиот претседател Си Ѓинпинг дека е одговорен за тешки повреди на човековите права и за прогон и малтретирање на илјадници муслиманските Ујгури, за гушење на демократијата, за криење на вистината, за забрана на слободен пристап до интернет, за гушење на слободата на медиумите. Поради тоа, голем број држави упатија порака дека немаат намера да присуствуваат на манифестацијата.

„Црн снег“

Интересно е дека од девет земји кои беа кандидати за годинашниве олимписки игри, седум држави со развиена демократија, кои се познати по зимски спортови и кои имаат инфраструктура за таков тип на натпревари и доволна количина на снег во текот на годината, ја повлекле кандидатурата во корист на автократските политички системи во Алмата во Казахстан и Пекинг во Кина. Причините се јасни, трошоците за ваква манифестација се над приходите кои можат да се остварат од олимпијадата, ќе продуцираат загуба и не е демократски тој товар да го понесат даночните обврзници.

Но кога е пропагандата во прашање, за Кина „ништо не е скапо“ и само во текот на овие дваесетина дена за оснежување на патеките, ќе мора да произведе 1,2 милиони кубни метри вештачки снег.

Кинеската влада и стопанството ќе потрошат 3,9 милијарди долари за настаните на Зимската олимпијада. На патеките каде што се одржуваат натпреварите, постојано ќе произведат 1,2 милиони кубни метри вештачки снег бидејќи во регионот на Пекинг има малку снежни врнежи. Изградена е и нова брза пруга која ги превезува натпреварувачите до патеките. Целата манифестација се проценува како „промашена инвестиција“. По Олимпијада ќе нема употребна вредност, бидејќи нема ни снег.

За „пред светот“ да му успее ова пропагандно шоу и да ја поврзе политиката со спортот, Си Ѓинпинг, без оглед на цената, огромните финансиски издатоци и уништена животна средина, создал цел еден „зимски град“ кој таму никогаш не постоел, а ниту ќе постои по завршетокот за Олимписките игри, бидејќи Кина, едноставно, не е нација на зимските спортови.

Политички пораки: Кина се заканува со одмазда

Кина се закани дека ќе им се одмазди на земјите кои го бојкотираа свеченото отворање на игрите и дека скапо ќе ја платат „грешката“ која ја направиле. Портпаролот на министерството за надворешни работи на кина, Џао Лиѓијан, изјави дека Кина ќе преземе одлучни контрамерки против земјите кои ја бојкотираа свечената церемонија.

Спортистите кои учествуват на годинашниве Зимски олимписки игри за првпат се соочуваат со закани и казни доколку излезат од рамките на спортските натпревари или ако за време на траењето на Олимпијадата, додека се во Кина зборуваат за човековите права. И претставниците на организацијата за заштита на човековите права, Хјуман рајтс воч, на брифингот пред почетокот на игрите ги предупредија натпреварувачите од опасноста која им се заканува, доколку зборуваат за состојбата со човековите права во оваа земја или имаат „забелешки“ на сметка на атмосферата. Затоа им е препорачано да молчат, бидејќи во спротивно нема кој да ги заштити во оваа „Орвеловска држава каде што сите се под надзор“.

Назад во социјализам

Најсилните пораки од овој „спортски настан“ сепак се политички.

Кинескиот претседател Си Ѓинпинг и неговиот прв сосед, претседателот на Русија, Владимир Путин, од под олимпискиот пламен упатија експлицитно политички, па дури и загрижувачки пораки, како онаа за „одбрана на поредокот кој е воспоставен после Втората светска војна“.

Во заедничката изјава за меѓународните односи, која ја потпишаа Си Ѓинпинг и Владимир Путин во предвечерјето на отворањето на Зимските олимписки игри, се вели дека двете земји се спротивставуваат на понатамошното проширување на НАТО и ја повикуваат Северноатлантската алијанса и САД да се откажат од распоредување на ракетите со среден и мал домет во Европа. Кина има потполно разбирање и ги подржува руските предлози за безбедносните гаранции во Европа кои ги поставила Руска Федерација.

Двете земји се сложија дека треба да се спротивстават на политизацијата околу тоа од каде води потекло коронавирусот и дека тоа прашање треба да ѝ се препушти на науката. Според запишаното во Декларацијата, „Русија и Кина неприкосновено и цврсто ќе ги бранат резултатите на Втората светска војна и поредокот кој е воспоставен по војната.“ Понатаму, тие изјавија дека ќе се спротивстават на мешање на надворешните страни во внатрешните работи и на загрозување на безбедноста на суверените држави.

Големото око

Првите телевизиски снимки од натпреварите не ја пренесуваат атмосферата на која сме навикнале кога се во прашање зимските олимпијади. Нема снег и нема опуштена и весела публика, а повеќето натпревари се под рефлектори, па позадината е црна темница. Покрај строгите ограничувања, поради КОВИД-19, натпреварувачите се и под надзор и строго контролирано движење и собирање. Пред сѐ, тоа е поради бојкот на церемонијата на отворањето од страна на западните демократии предводени од САД и Велик Британија.

Организациите за заштита на човековите права предупредуваат дека само во последните неколку години, повеќе од милион Ујгури се приморани да живеат во логори „за реедукација“, дека стотици илјади се осудени на долгогодишни затворски казни. Постојат докази дека Ујгурите се користат како робовска работна сила, а дека нивните жени насилно се стерилизираат за да им се намали популацијата. Некои бивши затвореници во логорите за „реедукација“ раскажувале дека таму биле малтретирани и сексуално злоставувани, сѐ додека не ја докажат својата лојалност кон Кинеската комунистичка партија.

Во Пекинг, на отворањето на Зимските олимписки игри присуствуваше и српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој бојкотот од страна на некои држави го оцени како право на секоја суверена држава да одлучи дали и како ќе присуствува на некој настан. Гледајќи од аспект на Србија, тој изјави дека е важно да се биде во Пекинг и да се покаже почитување кон претседателот Си и народот на Народна Република Кина.

Ова е седма средба на Вучиќ и Си во последните шест години, а ќе резултира со потпишување на договорот за слободна трговија помеѓу Србија и Кина, како оценува Вучиќ, не е лошо и за целиот регион.

Видео игра против Украина

Сенка на игрите фрла и штотуку објавената информација дека САД располагаат со разузнавачки податоци дека Русија планира да инсценира напад на украинската војска на руска територија или на луѓе кои зборуваат руски во источна Украина. По што, Русија  би ја обвинила Украина за геноцид над руското население и население кое зборува руски. Тогаш Русија би била повикана на помош и би имала оправдување за напад врз Украина. Целиот инсцениран настан би бил претставен со видео материјал што би се емитувал преку телевизиите и социјалните мрежи, што би стимулирало напад врз Украина.

Целиот план наводно го смислила руска разузнавачка служба, а снимениот материјал би се проширил и на социјалните мрежи. Снимките треба да бидат прецизни и уверливи, со многу инсценирани мртви и повредени, експлозии, уништени локации, да покажат и дел од украинската воена опрема на руска територија, на снимки да се види панично и уплакано население кое бара помош од Русија.

Нед Прај, портпарол на Стејт департмент, на конференцијата за печатот изјави дека имаат непобитни докази за ова сценарио, но нема да ги изнесе поради заштита на американскиот извор.

„Продукцијата на овој пропаганден видео материјал е една од бројните опции кои руската влада ги подготвува како лажен изговор за да тргне во наводно оправдана агресија врз Украина, изјави Прајс.

Како што пренесе Њујорк Тајмс, британската министерка за надворешни работи, Лиз Трус, изјави дека разузнавачките податоци ја потврдуваат оваа шокантна информација која треба да предизвика, со ништо испровоцирана, агресија на Русија врз Украина.

„Велика Британија и нашите сојузници ќе продолжат со разоткривање на ова сценарио и пропагандно подметнување“ – изјави Трус.

Портпаролот на Кремљ Димитриј Песков ги отфрли сите овие наводи, објаснувајќи дека ова не е првпат да се прават такви извештаи.

„Слични работи се случуваа и порано, но никогаш таквите наводи не се овистинија“ изјави Песков.

Green CIVIL

FREE
VIEW