Политичарите ги киднапираат процесите, ги уништуваат, а потоа други им се виновни

ЏАБИР ДЕРАЛА

Во последно време, сè погласни се политичарите со иницијативи за измени во изборниот систем. Една изборна единица е најновата играчка во македонската политичка игротека. Истовремено, дел од политичарите во земјата бараат предвремени избори. Тие две работи не одат заедно. Ама ни оддалеку!

Занемарување на добрите изборни практики

Секоја промена во Изборниот законик неопходно е да се направи најмалку шест месеци пред одржување на било каков изборен процес. Да не зборуваме за тоа колку време и ресурси се потребни за коренита промена каква што е изборниот модел. Тоа е основно правило во спроведувањето на добрите изборни практики.

Но за некои политичари, особено оние што доаѓаат од структури за кои до денешен ден се водат судски постапки за изборни кражби, тоа е непознаница. Напротив, тие се наоѓаат во групата политичари кои се најгласни во барањата за изборни реформи, но притоа целосно ги занемаруваат основните демократски и правни принципи.

Граѓанското учество е неопходно, но оневозможено

Креирањето на нов изборен систем секако мора да оди во пакет со креирање нов Изборен законик што, самото по себе, претставува долг и деликатен процес, дури и без промена на изборниот модел. И – таков процес, во никаков случај, под никакви услови, не смее да помине без учество на граѓанките и граѓаните. Тие треба да бидат главните играчи на теренот, кои ќе ги артикулираат своите интереси и очекувања, преку различните облици на организирање кои им се на располагање во една демократска земја.

Како што стојат работите сега, со изборни процеси речиси секоја година, граѓанското учество, иако неопходно, е оневозможено. Причина за тоа е изборниот ролеркостер на чиишто шини редовно се „вози“ општеството, со сите трауми што ги влече од времето на „изборната индустрија“ на Груевски и неговото ВМРО-ДПМНЕ.

Да се потсетиме: Изборите се за граѓанките и граѓаните, не за партиите!

За длабоки резови во изборниот систем е потребно знаење и искуство, познавање на приликите, на законите, на тоа како функционираат тие закони, како, кој и колку успева да ги имплементира законските регулативи поврзани со изборните процеси. И најважното – дали и колку се почитува правото на глас, едно од фундаменталните човекови права!

Бидејќи, да потсетиме, изборниот систем, изборната регулатива и самите изборни процеси се спроведуваат, замислете си, за граѓанките и граѓаните! Не за политичките партии, туку за луѓето да донесат информирана одлука и да изберат кој најмногу им одговара да им служи.

Партиите се центарот на светот?

Ова звучи како фантастична приказна, затоа што партиите се однесуваат како да се центарот на светот и како се да постои за нив и само за нив. Но ако тргнат во менување на изборниот систем без да ги земат предвид знаењата и искуствата на граѓанските организации и експертите – единствениот успех што ќе го забележат ќе биде да го дотепаат и онака разнишаниот изборен систем во земјата.

Дел од македонските политичари и нивните клубови, пардон, политички партии, се познати по својот омилен спорт: Киднапирање на процесите. А откако ќе ги убијат процесите, ќе ја „рогнат“ топката за да ја префрлат на другата страна од теренот.

Однесувањето на политичарите кон изборните процеси и потребата од реформи во изборниот систем е само еден од многуте примери за уништување на клучните општествени проекти во земјата. Тие свесно и исто толку безобѕирно предизвикуваат ненадоместливи и долготрајни штети кои „проголтуваат“ цели генерации.

Кучињата лаат, карванот си врви

За ова и за многу други аспекти на прашањата поврзани со изборните процеси, Цивил напиша и објави публикации на неколку илјади страници а неспоредливо повеќе пишува и објавува секој ден на својата медиумска платформа.

Уште повеќе и далеку порано, граѓанската асоцијација Мост предлага добри законски решенија и спроведе неколку кампањи за промени во изборниот систем. Една од нив е кампањата за отворени листи уште во 2011 година. Цивил како организација говори за една изборна единица отприлика една деценија. И поранешниот премиер Зоран Заев повика да се воведе една изборна единица уште во 2015 година.

Калкулантите во политиката и трудот на екпертите

Но ништо од тоа. Овие иницијативи или се игнорираат, па и се блокираат сè до моментот кога калкулантите во политиката се „досетат“ дека една изборна единица можеби ќе им донесе повеќе моќ. Не заради гласачите, туку заради себе. А некои од нив воедно бараат и предвремени избори, што укажува само на тоа кои им се мотивите.

Не вреди што голем број експерти, заедно со релевантните граѓански организации, со децении нудат добри решенија, одржливи и во согласност со Уставот и со човековите права и слободи. Нивните предлози имаат краток век, бидејќи заглавуваат во лавиринтот на политичките надмудрувања. А по некое време, политичките „киднапери“ го собираат „кајмакот“ од јавното внимание, но со една разлика – ги упропастуваат идеите и иницијативите.

За граѓанките и граѓаните се работи, зарем не?

После се чудиме зошто луѓето не се заинтересирани за учество во клучните процеси кои се однесуваат на демократијата и на суштинските интереси, права и слободи на луѓето. Не се заинтересирани затоа што се исклучени и изманипулирани од политичките предатори.

За добри, доследни и одржливи реформи не е доволна само една партија, па ниту само мнозинството. Тука секогаш има трикови што ќе ги блокираат процесите. Напротив, целиот парламент и сите политички партии треба да покажат политичка волја да им го дадат заслуженото место на граѓанките и граѓаните. Бидејќи за нив се работи, зарем не?

 

Green CIVIL

FREE
VIEW