Заплашувања со тужби, најчесто за клевета, јавни или скриени закани, оцрнување со лаги и измислени приказни, сокривање на информациите од страна на институциите или притисоци од приватни компании, се дел од проблемите со кои се соочуваат екологистите, активисти и борци за човековите права на здрава животна средина во С. Македонија. Во регионална Студија, изработена од Центарот за животна средина од Бања Лука, во соработка со експерти од пет земји, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, се анализираат предизвиците кои стојат пред еколошките активисти од овие држави во нивната секојдневна борба за подобра животна средина, објавува Мета.мк.
Во делот за С. Македонија, изработен од Македонското здружение за млади правници, се нотира дека во повеќето земји од Западен Балкан постојат различни проблеми во врска со правото на слобода на изразување, а во нашата еден од најчесто користените механизми за вршење притисок се тужбите за клевета. Тие често се промовираат во медиумите со цел да се изврши уште поголем притисок и да им се наштети на активистите заради објавување на информации за еколошките последици од различните проекти, а може да се придружени и со писма од адвокати со барање за извинување и изјава за повлекување. Како пример, Студијата го наведува случајот со локалните активисти од Југоистокот, кои активно протестираа против изградбата на рудници за бакар во нивна близина на локациите Казандол и Иловица.
С. Македонија, заедно со Босна и Херцеговина се соочува и со проблеми во слободата на пристап до информации бидејќи, иако законодавство во теорија е многу јасно, институциите потфрлаат во проактивното споделување информации. Во земјава, се вели во извештајот, има случаи кога виталните информации, како што се на пример мерењата на концентрациите на емисии во воздухот од индустриските капацитети, ги чуваат приватни субјекти, кои што не се опфатени во обврските предвидени со законите, па јавноста тешко доаѓа до нив или може да се сомнева во нивната вистина. Извештајот нотира дека властите во земјава често не сакаат да споделуваат информации под изговор дека се работи за чувствителни податоци, како и дека се соочуваат со постојано препраќање на барањата за пристап до информации, со тврдење дека конкретната институција не ги поседуваат бараните информации.
Македонските екологисти многу често се жалат дека за прашањата поврзани со животната средина, затајува консултирањето на јавноста на ниво на локална заедница. Тоа е илустрирано со случајот кога локална власт попречувала референдум против рудник за бакар, конкретно рудникот Казандол, користејќи ја робусната бирократија како изговор. Во Албанија, БиХ и С. Македонија, активистите исто така во голема мера биле подложени на притисоци од приватни компании, вклучени во проектите на кои тие се противеле. Борците за човекови права на здрава животна средина, особено во БиХ, С. Македонија и Србија се соочуваат и со оцрнувачки кампањи насочени кон дискредитација на нивната личност, углед и работа. Во земјава најчесто активистите се прозиваат дека застапуваат агенда на некоја политичка партија или пак дека се потплатени од некој инвеститор.
Студијата укажува и на фактот дека земјите од Западен Балкан, меѓу кои и нашата, во обид да ги исполнат барањата за пристапување кон Европската Унија, честопати ги усвојуваат законите без да усвојат соодветни практики за нивна имплементација.
Сепак, активистите во земјава се во некои аспекти во подобра позиција од своите колеги на Балканот. Додека во С. Македонија граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани, да им се придружуваат или да ги напуштаат, во некои земји, како што е Босна и Херцеговина, се соочуваат со прекумерна бирократија и долги процедури за регистрација, а покрај тоа, и во БиХ и во Србија, законите предвидуваат и одредени надоместоци за регистрација на здруженијата.
Едно од најоспоруваните права во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, според регионалната Студија, е слободата на собирање. Додека македонскиот Устав признава дека граѓаните имаат право да се собираат мирно и да изразуваат јавен протест без претходна најава и посебно одобрение, за чие остварување во праксата не се забележани значајни пречки, други земји од Западен Балкан се соочуваат со законодавство кое не е доволно усогласено со меѓународните стандарди. Така, на пример, во БиХ законодавството е премногу сложено, во Албанија остава простор за посериозни прекршувања, како што се кривични постапки против активистите коишто ќе се вклучат во спонтани собири, а во Црна Гора постојат конфликтни одредби што истовремено и го дозволуваат и го ограничуваат правото на спонтани собири.