САШО ОРДАНОСКИ
Проблемот со украинската криза е што веќе не се наѕира нејзин поинаков расплет, освен „логичниот“: откако Русите натрупаа толку многу војска на украинско-руско-белоруските граници и поставија услови кои другата страна (Украина, САД, ЕУ, НАТО), практично, не можат да ги прифатат, сега заканата содржана во сопствениот ултиматум Путин мора да ја спроведе, нешто воено да направи на украинска територија, бидејќи инаку би излегло дека е политички поразен на дипломатската бела маса, долга пет метри, во Кремаљ. Ако не, сите и по дома и надвор ќе го прашаат: „За што беше потребен целиот овој циркуз, тавариш Путин!?“
Тоа, накратко, е причината за паничните повици од Запад дека руската „инвазија“ на Украина е неминовна и дека можеби ќе почне веќе оваа недела (Украинците не се согласуваат со тоа), откако разно-разни евро-американски политичари, водени од различни мотиви, со месеци си ја обидуваа дипломатската „среќа“ (и сила) во разубедувањето на Путин да не го прави ова што сега ќе треба да го спроведе – или да се врати дома и пропагандно долго да објаснува дека, сепак, победил, иако ќе расте бројот на оние кои ќе му викаат дека „Царот е гол“.
Но, што и да стане во Украина, во Европа веќе нешто се случи: целата европска јавност нагло разбра дека, по 75 години мир и благосостојба, нова голема војна на Стариот континент е реално можна. Пост-југословенските воени конфликти од деведесеттите Европа никогаш не ги почувствува како лична загроза во безбедносна смисла, и покрај трагичноста на повеќегодишните крвави и разорни драми во Хрватска и Босна и Херцеговина, а потоа и бомбардирањето на Србија и пресметката на Косово. Безбедносните европски компликации веројатно ќе беа поинакви тие настани да се проширеа во Македонија каде воено ќе се вмешаа сите соседски и регионални сили, но до тоа не дојде. Така, безбедносниот „санитарен кордон“ околу бивша Југославија (а и, во тоа време, заради драматично воено, економски и морално ослабената Русија) успеа да ги сопре континенталните импликации од тој балкански хаотичен конфликт.
Но, сега веќе не е така. За тоа говорат и податоците од големото истражување на јавното мислење за кризата на европската безбедност и за ставовите на Европејците во врска со војната во Украина што минатата недела ги објави Европскиот совет за надворешни работи (EFCR), влијателна невладина организација со свои канцеларии во седум европски главни градови. Резултатите на истражувањето, спроведено во јануари годинава во седум европски држави (Финска, Франција, Германија, Италија, Полска, Романија и Шведска), јасно покажуваат дека можноста од војна во Европа повеќе не е незамислива и дека, за разлика од украинските компликации со руската окупација на Крим во 2014 година, сега мнозинството Европејци (во Полска дури 73%, во Романија 64%) на тековниот конфликт во Украина гледаат како на европска криза. Занимливо, овие гледишта особено се превладувачки кај помладото европско анкетирано население.
Податоците од ова истражување што особено би требало да го загрижат Путин – а и сите нас! – кој својата безбедносно-политичка операција кон Украина ја темелеше и врз претпоставката дека моментната разединетост на Европа, НАТО и ЕУ би била негова стратегиска предност во конфликтот со Украина, се мнозинските ставови и согласноста дека руската закана кон Украина е безбедносно загрозување за цела Европа. Тие прашања се протегаат во неколку важни сфери од животот, кои не се само безбедносни, туку ги вклучуваат економските, енергетските, миграциските и сајбер-загрозите. Како резултат на тоа, кумулативно (иако нијансирањата по земји се различни), речиси две третини од испитаниците во овие седум земји велат дека, дојде ли до отворена војна меѓу Русија и Украина, НАТО и ЕУ, како западни сојузнички алијанси, би требало да застанат во одбрана на Украина.
Ова претставува вистинско оживување на европските сентименти од времето на Студената војна (и тоа со неколку важни земји од поранешниот Советски блок на спротивната страна), што никако не би требало да е поволна вест за самата Русија. Дополнително што, дури и ако целата украинска криза некако заврши без поголеми воени конфронтации, ова европско анти-руско расположение ќе остане со години да се „лекува“, со неповолни последици врз сите понатамошни евро-руски односи. Јасно е дека расположението на европската јавност (дури и без порадикалните ставови на САД и Велика Британија во тој западен микс) ќе оди во насока да се врши притисок врз сопствените политички елити за барање решенија во сферите на безбедноста, енергијата, економијата, транспортот и трговијата кои ќе ја третираат Русија како актуелен и иден потенцијален непријател. Уште повеќе, истражувањето на ECFR покажува дека мнозинството граѓани во испитуваните седум европски држави (иако овие резултати се порезервирани во Франција и Германија) се подготвени да се соочат и со економско-човечките последици од ризикот на руско-украинската војна и потребата Западот да застане на страна на Украина во тој конфликт. Тоа е лоша прогноза за сите во Европа, но Кремљ несомнено би морал да биде најзагрижен за ваквиот стратегиски развој на настаните.
Со други зборови, доколку Путин се надеваше дека заканата од руските тенкови и ракетни системи и сето останато што ја подразбира кризата што ѝ ја сервираше на Европа непосредно на нејзините континентални граници ќе придонесе за распад на европското и евро-американското единство и драматичното авансирање на логиката на „сфери на интерес“ во негова корист (во саботата, лондонски „Гардијан“ во повеќе детали ја анализира тајната „понуда“ на Путин до САД/НАТО за „редизајнирање“ на западната европска безбедносна архитектура), таа цел не му се остварува. Без разлика на жестоката анти-руска западна пропаганда – што, рака на срце, самиот ја предизвика со своето агресивно однесување – сега тој е на потег оваа безбедносна авантура понатаму да ја ескалира или деескалира. И во двете варијанти (а првата би била многу трагична), политичкиот подолгорочен бенефит за Русија е длабоко во „минус“.
Порано или подоцна, и во автократската Русија нема да може да се спречи јавното расположение содржано во логичното прашање: „За што беше потребен целиот овој циркуз, тавариш Путин!?“…
Па, големиот руски народ секако мора да заслужува подобро!