ИДУЕП: Младите од регионот бараат од властиte повеќе дигитални алатки за подигање на еколошката свест и поздрава животна средина

Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во текот на месец февруари годинава спроведе серија фокус групи со млади луѓе, а истражувањата покажаа дека чистиот воздух и заштитата на животната средина се едни од најважни теми за младите од Балканот, но потребно е подигање на еколошката свест уште од мали нозе, пренесува МИА.

– Тие како примери во своите земји ги посочија македонската мобилна апликација „Мој воздух“ која го мери загадувањето на воздухот, или „Андерва“ во Албанија која нуди попусти во еко-пријателски продавници. Младите истакнаа дека ваквите апликации се добар чекор и придонесуваат за одредени промени во позитивна насока, но сметаат дека владите од земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ треба многу повеќе да инвестираат, но и поддржуваат ваков вид на онлајн апликации. Младите луѓе од Србија го поздравија креирањето на апликацијата „gReact“ од страна на тамошната Влада, истовремено нагласувајќи дека ваквите апликации бараат подобра функционалност, систем на постојано надградување и применливост во праксата, покажуваат анализите на ИДУЕП.

Комуникологот и координатор на Програма во ИДУЕП, Бојан Кордалов истакна дека тоа што ги засега младите е чист воздух и здрава средина за живеење, без разлика од која земја доаѓаат.

– Тие јасно ја истакнаа свесноста дека е неопходно уште од најрана возраст да се вклучат во креирањето на политики и преземање на конкретни активности за решавање на еколошките предизвици. Бидејќи каква вода ќе пијат, каков воздух ќе дишат или каква почва за храна ќе има за идните генерации се одлучува токму денес. Уште поважно е што овие фокус групи покажаа дека младите се свесни оти промената мора да почне од нив самите, односно сите заедно треба да се менуваме ако сакаме да ги видиме промените, вели Кордалов.

Тој додава дека охрабрувачки е тоа што младите лица сакаат да користат технологијата и дигитализацијата за да испратат пораки за позитивна промена, како и преку личен пример да придонесат кон подобрување на состојбата.

Како еден од погорливите проблеми на младите луѓе, од Институтот велат дека е потребата од намалување на отпадот од храна и пластичниот отпад кој според нив е важен фактор за заштита на животната средина, но ја нагласуваат и недоволната информираност на јавноста за тоа како може да придонесат кон негово решавање. Затоа сметаат дека се потребни различни видови апликации со кои ќе се таргетира различен аспект поврзан со заштита на животната средина.

Анализите покажуваат дека младите бараат и државата да подржи развивање на апликации за заштита на животната средина кои особено ќе бидат наменети и адаптирани за помладата генерација, со цел нивна поголема искористеност. Како една од позитивните практики кои државите може да ги применат, младите го наведоа и примерот од Нов Зеланд каде тамошната влада креирала апликација наречена „Snap Send Solve“, преку која корисниците може да пријават локални проблеми за помалку од 30 секунди, од нелегално паркирање до дупки на патот, исфрлено ѓубре на несоодветна локација, со напуштени автомобили итн.

– Младите генерации сакаат и можат да направат позитивна промена во општеството. Затоа мора да бидат активно вклучени во процесите на носење одлуки на централно и локално ниво. Решенијата на проблемите во општеството тие често ги гледаат преку користење на напредната технологија од причина што тие се родени, живеат и работат во ера на дигитализација и интернет, заклучи Кордалов.

Ова истражување е дел од иницијативата на ИДУЕП која има цел да го поттикне процесот на дигитализација во различни сфери во регионот. Податоците се наменети да се користат како поддршка на иницијативата Отворен Балкан и да бидат база за развој на заеднички регионални платформи и акции за забрзана дигитализација. Целта е сите политичари во регионот да се обврзат на заедничко, брзо и ефикасно спроведување на овој процес од интерес на сите граѓани.

Green CIVIL

FREE
VIEW