ФИТР го објави повикот„Стартапувај 4” за поддршка на македонскиот стартап еко систем

Фондот за иновации и технолошки развој денеска го објави јавниот повик „Стартапувај 4”, со кој вкупно два милиони евра неповратни финансиски средства се ставаат на располагање за поддршка на македонскиот стартап еко систем.

Како што информираат од ФИТР, јавниот повик „Стартапувај 4” обезбедува олеснети услови за аплицирање и олеснет финансиски пристап за старт-ап и спин-оф компаниите.

– Целта е да се поттикне иновативноста кај компаниите и реализација на нивните бизнис идеи. Поддршката преку овој повик е наменета за проекти кои имаат најмалку „потврден концепт” и јасна амбиција на комерцијализација, како и проекти кои се во фаза на потврден концепт до преткомерцијална (претпазарна) фаза, стои во соопштението од ФИТР.

На повикот може да аплицира и тим кој се состои од најмногу пет членови – физички лица. Во овој случај, апликантот е обврзан во рок од 30 календарски дена по прием на известувањето за селекција на предлог проектот, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51 отсто од членовите на тимот.

Во однос на активностите кои ќе бидат одобрени за финансирање, ќе бидат поддржани активности за истражување и развој, развој на пилот линии, производ или услуга, активности за тестирање и валидација, активности за тестирање и други. Како подобни трошоци ќе се сметаат: бруто платите за лица кои се или ќе бидат вработени кај корисникот, набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој, како и поддоговорни услуги за истражување и развој.

Јавниот повик „Стартапувај 4” е отворен до 8 август 2022 година, до 14 часот.

Green CIVIL

FREE
VIEW