Нуредини: Би било срамно да се блокираат проектите што се во интерес на сите граѓани

На 15 јуни, ЦИВИЛ направи сеопфатно интервју со Министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Насер Нуредини.

Според неговата официјална биографија, Нуредини е роден во Тетово во 1979 година, а основното образование го завршил во Македонија, студирал во Австрија, Германија и Велика Британија. Нуредини има и австриско државјанство. Тој е женет и татко на едно дете.

Нуредини работел како аналитичар во B.P. Invest Consult во Виена и Каиб Инт. Маркетс Лдт во Лондон, Уникредит Банк во Лондон како директор за инвестиции за познати финансиски компании и недвижности во Западна Европа, и како независен советник на Спојувања и преземања. Како аналитичар, тој учествуваше во приватизацијата со инвестиции и советодавни активности за владите во Југоисточна Европа.

Нуредини има работел добротворно и организирал уметнички изложби. Зборува англиски, германски и италијански, како и албански и македонски јазик.

ЦИВИЛ разговараше со г-дин Нуредини за прашања поврзани со зелената политика во земјава и воопшто, при што дознаваме дека неговите ставови и планови не се само теоретски, туку и практични и до точка. За разлика од типичниот балкански политичар, г-дин Нуредини не се плаши да укаже на неуспех или доцнење во постигнувањата, давајќи цврсти аргументи и факти за сите прашања кои се решаваат за време на разговорот. И покрај огромните предизвици со кои се соочува Нуредини и за кои е свесен, откривме дека тој е оптимист во решавањето на најгорливите прашања поврзани со зелената агенда на земјата. Друг специфичен наод е дека г-дин Нуредини е склон да ја префрли одговорноста, сето тоа, на рамениците на владата, а никогаш на граѓаните.

Моето прво прашање се однесува на зелените политики. Дали сметате дека нашата земја е добар простор за зелени политики? Дали можеме ние како држава да видиме развој и спроведување на зелени политики во земјава, на различни нивоа и во различни области кои се всушност соодветни на тековните случувања во животната средина, кај зелените политики и пракси? Дали сметате дека земајава има капацитети навистина да ги разбере и спроведе зелените политики и пракси?

Нуредини: Најпрво, ви благодарам што ми дадовте можност да разговарам со вас, а посебно да зборувам за темата што сметам дека е многу важна и која често се користи во медиумите, или од страна на луѓе кои се всушност вклучени во политика.

Кога зборуваме за зелената политика и зелената агенда, најпрво треба да сме свесни за тоа од каде доаѓа. Значи, зелената агенда претставува меѓународен договор помеѓу одредени големи индустријализирани држави, пред сé ЕУ, Зелената агенда за Западен Балкан, со што всушност бараат од нас да се усогласиме со идниот поодржлив свет. Кога зборуваме за зелена агенда, ние треба исо така да ги информираме и нашите граѓани што таа значи. Значи, што значи зелена агенда? Дали ќе правиме „гринвошинг“ на сé, како што се вели? Идејата за зелена агенда е многу едноставна и јасна. Да се има поодржлива иднина.

Дали сега ќе зборуваме за инфраструктурата, или другото ниво на климатски промени е тоа што треба да го погледнмене? Кога зборуваме за инфраструктурата, тоа што треба да ги информираме нашите граѓани е дека зелената агенда значи дека ние се обидуваме да изградиме оддржлива инфраструктура за нив. Тоа значи сите да имаат чиста вода за пиење, сите отпадни води соодветно да се третираат, да не ги загадуваме нашите реки, кои ги користиме и за земјоделство, соодветно да го собираме отпадот, да не го расфрламе секаде низ полињата, да имаме соодветен сѕстем за депонирање, да имаме соодветен систем за селектирање, да имаме почиста животна средина утре, дека отпадот не значи отпад, туку дека е всушност суровина во секој случај. Значи, за ова би биле поактивни со нашите граѓани и во нашата земја.

Дали го имаме потенцијалот? Апсолутно. Погледнете наоколу. Имаме едни од најубавите планини во регионот, па дури и во Европа, всушност на Балканот. Балканскиот зелен појас, како што се нарекува, има еден од најбогатите биодиверзитети во Европа. Затоа една од политиките на оваа влада, како и моја, е да се заштити нашата природа и да се користи на одржлив начин. Да се создаде економија од тоа. Тоа е зелената агенда. Да се создаде економија од користење на нашите природни ресурси на одржлив начин. Луѓето би сакале да дојдат да ги посетат нашите планини, затоа имаме нов национален парк на Шара. Затоа работиме на малешевскиот и осоговскиот планински регион. Потенцијалите се бескрајни, но тоа што треба ние да го направиме е да ги разликуваме двете – зелена агенда и кога зборуваме со меѓународната заедница, кога одиме на конференции и зборуваме за тоа и зелена агенда кога зборуваме со нашите граѓани за да им кажеме дека зелената агенда и не значи повеќе трошоци. Ако ништо друго, тоа значи подобра иднина за нас, нашите деца и нашите внуци.

Дали има разбирање во земјава, кај граѓаните, во општеството, во медиумите? Дали тие ја разбираат зелената агенда?

Нуредини: Мислам дека нашите граѓани го разбираат тоа, само треба да можеме подобро да се изразиме. А всушност треба и повеќе да направиме. Сите ние треба повеќе да направиме. Кога велам повеќе, зборувам за институциите, се однесува на плановите што ги имаме воспоставено. Сега ќе изберам еден од нив и ќе зборувам, на пример, за енергетската ефикасност, што е всушност дел од зелената агенда. Сега, за жал, ни се случуваат и климатски промени. Мислам дека луѓето почнуваат да го согледуваат фактот дека имаме многу поплави, за жал. Имаме многу поројни поплави како што реков, а тоа се случува поради драстичните промени на времето. Во минатото немавме толку многу. Ова е поради климатските промени. Кога велам енергетска ефикасност, граѓаните го разбираат тоа. Тоа значи дека ние инвестираме во нашиот дом со цел да го направиме енергетски поефикасен, за да трошам помалку на енергија. Значи, граѓаните тоа го разбираат. Исто така и политичарите.

Тоа ме води кон второто прашање. Реинвестирањето во домовите е скапа играчка. Всушност, целата агенда се чини некако како скапа играчка, како за институциите така уште повеќе и за даночните обврзници на земјава. На било која земја, не само нашата земја.

Нуредини: Меѓутоа, не е. Кога ќе ги погледнеме трошоците што ќе ги имаме утре доколку не инвестираме денес, ќе видите дека денес тоа не е трошок, тоа е инвестиција за иднината.

Но, сега ги немате парите.

Нуредини: Затоа државата всушност и многу субвенционира и го поддржува ова. Имаме различни програми каде како држава можеме да субвенционираме до 20%, или некој да подигне заем, постојат програми од глобалната фондација за животна средина, постојат мали банки каде, исто така, субвенционираат 15-20%. Значи, поддршката е тука и се согласувам дека чини, како што спомнавте вие, меѓутоа, ова е инвестиција за иднината. Затоа што ако можете да имате поефикасен енергетски систем за греење дома, инвестицијата, сé уште ја нарекувам инвестиција затоа што е инвестиција, ќе се врати за четири до пет години.

Значи тоа е дури среднорочно, а не долгорочно.

Нуредини: Не, не е долгорочно. Апсолутно не. Ќе потрошиме многу повеќе ако нашите домови ги загреваме во текот на зимата а не се соодветно изолирани. Доколку инвестираме во топлински пумпи, на пример, кои се многу, многу енергетски ефикасни, студиите, односно луѓе ми кажуваат дека тоа го намалува трошокот за половина или повеќе од тоа.

Во однос на тоа, земајќи ја во предвид глобалната ситуација, а не само онаа во однос на животната средина, туку и во однос на политичката, воената, безбедносната итн., дали гледате или можете да наброите неколку највисоки приоритети и можеби најголеми предизвици со кои се соочувате како министер и како општество во целина во однос на предизвиците поврзани со животната средина, како и сите други предизвици на светот, на модерниот свет.

Нуредини: Постојат два аспекти од тоа. Најпрво, за жал, ја имавме пандемијата. Да започнеме со тоа. Пандемијата беше предупредување. Тоа беше најдобриот стрес тест, што обично го правите на банките, на финансискиот систем, правите стрес тест, но пандемијата направи стрес тест насекаде, на приватниот сектор, институциите, администрацијата, итн. А во предизвикувачки времиња, треба да научите нешто од работите. Потоа следеше војната во Украина. Па енергетската криза, што ни даде второ предупредување. Факт е дека нашите синџири на снабдување се премногу долги, премногу зависни од одредени извори. Така што, сега се соочуваме со енергетска криза, поради конфликт, поради војната што се случува во Украина. И цела Европа се соочува со тоа, посебно Балканот, кој најчесто има пониски цени за енергија во споредба со Европејците секако, со Европската унија. Значи, најголемиот предизвик е фактот што сме многу зависни од приородниот гас што доаѓа од Русија. Така што, клучниот проект за нас и да го диверзифицираме нашиот извор на природен гас. Затоа сериозно инвестираме во мрежата. Затоа моментално и инвестираме во енергетското пристаниште Александрополис. Затоа инвестираме во интерконекторот со Грција.

 

Дали мислите дека ова ќе биде доволно за оваа зима?

Нуредини: За жал, интерконекторот нема да биде изграден до ова зимо. Меѓутоа, работиме со нашите соседи, Бугарија, за да и ние добиеме природен гас од друг извор што и тие го добиваат. Ова се клучните предизвици кога зборуваме за тоа во меѓународен смисол. Локално, кога зборуваме за локалните предизвици за животната средина, за заштита на животната средина, клучните предизвици се тоа што, за жал, во изминатите 30 години, нашата држава нема инвестирано многу во инфраструктура за животната средина.

Одберете една тема. Ајде да ја одбереме управување со отпадот. Тоа е децентрализирано на ниво на локална самоуправа веќе 30 години. Тие се тие кои се должни да се занимаваат со управување со отпадот. Триесет години не биле во состојба да ја изградат инфраструктурата. Соодветната инфраструктура. Затоа кога дојдов мојата политика беше да се има нови закони, нови обврски, нови одговорности, но и од оние кои тоа го продуцираат. А во исто време да се обидеме да најдеме финансиски средства и финансиска структура за да се инвестира во инфраструктурата. Затоа што многу очигледно е дека општините не се финансиски способни да инвестираат во депонии, станици и да купуваат нови возила. Значи го ставаме на влада, го усвојуваме на влада, земаме заем и ја градиме инфраструктурата во земјата. Ова се инвестициите кои се потребни. Пречистителни станици за отпадни води.

Значи, обврските пред сé ги ставате на товар на владата, а не на граѓаните.

Нуредини:  Не може да ги ставите на граѓаните, затоа што ние сме тука да владееме, да правиме промени. Ние треба да ги преземеме првите чекори. А не граѓаните.

Дали е предизвик за вас свеста за животната средина, нивото на свест за животната средина?

Нуредини: Не мислам дека немаме свест. Мислам дека повеќето граѓани всушност се свесни. Секако дека ќе има и такви кои не се, но прашањето е повторно тоа што го кажав претходно, дали ние како држава, и не велам влада, туку држава, затоа што државата ја управуваат различни влади во текот на времето – имаме инвестирано во нфраструктура за да на граѓаните им дадеме можност тие да го отстранат нивниот отпад на соодветен начин? Дали во минатото сме им дале можност на нашите граѓани да го селектираат нивниот отпад? Не доволно. Затоа и работиме на нови закони, ќе ја набавиме инфраструктурата, ќе ги набавиме контејнерите, за сепарација на отпадот, ќе работиме заедно со приватниот сектор, затоа што тие ја продуцираат амбалажата што на крај завршува како отпад. Значи, секогаш кога купувате нешто, реално, во исто време купувате и отпад. Затоа што амбалажата на крај завршува во контејнер.  Но, сакаме да можеме да им дадеме можност на нашите граѓани за одат до контејнерите и да ја селектираат пластиката, лименката, хартија и останатиот дел од сметот, на пример.

До каде е со таа операција? Не верувам дека можеме да видиме некое позначајно селектирање?

Нуредини: За жал, работите не се одвиваа како што ги замислив кога прв пат дојдов, или како што владата планираше. Поминавме низ пандемија, поминавме низ криза, енергетска криза, а сега тука е и прашањето со храната. Но, оваа година започнуваме. Законот е во парламент. Очекуваме законот да помине наскоро. Мислам дека нема ниту еден пратеник кој би сакал да блокира еден ваков важен проект, кога зборуваме за тоа да имаме почиста животна средина и конечно да се реши прашањето со управување со отпадот. Второ, сега имаме и финансиски средства од надоместот што го воведовме за пластичните кеси, затоа што идејата беше да се примени начелото загадувачот плаќа. Затоа што пластичните кеси ја загадуваат почвата. И остануваат таму стотици години. Потоа ја загадуваат подземната вода која што ја пиеме. Од таму собравме околу 750.000 евра помалку или повеќе, што ќе ги вратиме назад на граѓаните, затоа што ќе купуваме вакви контејнери за нашите граѓани. А потоа нам ќе ни биде редот како граѓани да почнеме да го селектираме нашиот отпад.

Да сум на ваше место не би бил толку оптимист, кога зборуваме за нашите проблеми и за нашите политичари, може да се соочите со препреки и блокади. Но, да се надеваме секако.

Нуредини: Мислам дека би било жалосно некој да блокира проекти кои се од интерес за граѓаните. Тоа е толку едноставно. Не гледам зошто ова би било блокирано. Немало досега никој против, овие проекти се работени со меѓународната заедница, со меѓународни банки. Мислам дека не треба било кој пратеник да биде против ваков проект.

Го поддржувам вашиот оптимизам, но сепак би бил внимателен.

Нуредини: Јас сум оптимист.

Но, вие веќе спомнавте, всушност ги одговоривте моите прашања преку спомнување на проектите. Дали има некој друг проект кој што го реализирате во моментов?

Нуредини: Всушност, има неколку. За жал, кај некои од нив има задоцнување поради ситуацијата со пандемијата, бидејќи треба да се прават студии за влијанието врз животната средина за секој проект што ќе го започнеме доколку се работи за голема инфраструктура, а сакаме да ги почитуваме законите кои ги имаме и регулативата и стандардите на меѓународната заедница. Најголемиот проект за кој ќе зборуваме е пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Наскоро ќе почнеме, се надевам. Во тек е евалуацијата, ќе се избере компанија, која е најдобрата понуда и се надевам дека до крајот на годината ќе започне работата на пречистителната станица во Скопје. Моментално сме со фондови од Европската унија, преку ИПА проектите. Работиме и на пречистителни станици за Битола и Тетово. Се надевам дека, исто така, ќе започнеме со тендерска постапка и за нив. Понатаму, работиме и на североисточниот и источниот регион, исто така, преку ИПА фондовите за управувањето со отпадот на тие два региони. Има и повеќе помали проекти на кои работиме. Земаме заем за мрежата за вода за пиење и отпадни води. Другите проекти главно се за заштита на животната средина и создавање на одржлива индустрија од тоа.

Имате полни раце работа, но исто така верувам дека е и доста скапо да се реализираат сите овие проекти, да се спроведат сите овие проекти. Дали сте оптимист дека во ситуација на светска криза, вклучувајќи и економска, покрај безбедносната, дека ќе ги добиете сите средства потребни за ова?

Нуредини: За проектите кои штотуку ги спомнав, ги имаме обезбедено средствата.

Веќе!

Нуредини: Средствата се обезбедени. Се работеше на сето ова во изминатите две години. Ова не е нешто што сме го започнале сега. Сега, се надеваме дека ќе можеме да почнеме да ги реализираме овие проекти. А доколку зборуваме за економската криза, ова е најдобриот начин да ја поддржиме нашата економија. Инвестирањето, како што ние сакаме да кажаме, зелена инвестиција, затоа што сите овие инвестиции за кои зборувам ќе бидат за заштита на животната средина, истовремено ќе креираат нови работни места. Бидејќи се поголеми инфраструктурни проекти. Ќе креираат нови работни места и ќе користат материјал што е локално произведен. Така што ќе има последователен ефект на нашата економија. Што поскоро почнеме со ова, толку подобро за нашата земја, бидејќи ќе можеме да ја поддржиме економијата.

Се надевам дека овој дел од интервјуто ќе го видат политичари кои можеби ќе имаат одредени пречки, замерки. Меѓутоа, сето она за кое зборувате е дел од систематски и системски напор, за што покрај пари и интелектуални капацитети, потребно е време. Дали сметате дека честите изборни процеси ви одат во прилог? Секако дека ова е реторично прашање, но што мислите за предвремените избори или дури и редовните избори? Како изборите влијаат на ваквите проекти?

Нуредини: Изборите, за жал, создаваат нарушување. Создаваат нарушување во системот, создаваат нарушување во процесите. За да го одговорам вашето прашање за тоа дали ни се потребни предвремени избори, мојот одговор е секако дека не верувам дека е така. Мислам дека не ни требаат. Тоа што ни треба е фактот што мора да продолжиме со работа. Не мислам дека треба да имаме избори секоја година во земјава. Треба да престанеме да имаме избори секоја година, локални, па потоа парламентарни, па потоа имаме претседателски и сé друго.

Она што е клучно е да продолжиме да работиме и да не ги попречуваме процесите, бидејќи се многу големи и значајни проекти и треба да ги поддржиме. Кога зборувам за овие проекти, мислам на сите нас во земјава, бидејќи се работи за долгорочни проекти, долгорочна стратегија и голем дел од проектите на кои работиме, кога зборувам за животната средина, не се политички. Тоа се долгорочни проекти. Кога зборуваме за енергетската стратегија, која сé уште не сме ја отвориле, таа е долгорочна. Затоа, нема денес да почнеме да го градиме Чебрен, што, патем, е во завршна фаза на евалуација. Од јули ќе очекуваме понуди, втората фаза од понуди за Чебрен. Тоа не е мандатна работа. За ова ќе бидат потребни седум до десет години да се изгради. Тендерската постапка треба да биде успешна, јас нема да бидам министерот кој ќе ги сече лентите тогаш, но можам да ве уверам дека тоа ќе биде дел од енергетската стратегија на земјата за иднината.

Кои е вашиот прв нареден чекор по ова интервју?

Нуредини: Мојот прв нареден чекор е да седнам со некои луѓе, експерти и да разговараме за управување со отпадот и започнување на процес на рециклирање во земјава.

Во тој однос, кога би можеле да видиме навистини видлив пораст на бројот на контејнери за селектирање на отпад низ главниот град и низ државата?

Нуредини: Тука не барам оправдување, но, за жал, поради ребалансот, не сме во можност да ја започнеме набавката на контејнерите. Но, штом помине ребалансот, ќе го започнеме процесот на набавка на овие контејнери. Се надевам, повторно, јас сум оптимист, се надевам дека барем до крајот на годината ќе ги дистрибуираме овие контејнери низ земјата.

Со среќа на вас и секако на нас. Ви благодарам. Многу ви благодарам.

Нуредини: Ви благодарам.

 

Џабир Дерала

Камера и фотографија: Дехран Муратов

Монтажа: Ариан Мехмети

транскрипт и превод: Наташа Цветковска 

Green CIVIL

FREE
VIEW