Човештвото се соочува со до сега невидени предизвици, како што се природните и еколошки катастрофи, доминација на политички, но и воени конфликти.
Но, исто така непобитен факт е дека хуманата популација на нашата планета е во постојан и забрзан пораст. Истовремено, како последица на сѐ поголемото злоупотребување и деградирање на животната средина, доаѓа до радикално менување на климатските услови, земјоделските обработливи површини стануваат се поограничени, а со тоа и можностите за производство на храна стануваат сѐ помали.
Имајќи ги предвид предизвиците со кои сѐ повеќе се соочуваат современите општества поради овие последици, логично се поставува прашањето, на кој начин може да се нахрани толкава популација, кога условите и околностите за производство на храна не се подобруваат?
За решавање на овој навистина деликатен проблем, на можеби најзначајниот сегмент за опстанокот на човечкиот род, како и на нашата планета, почнува да се наметнува нужноста од барање на алтернативни методи за произвоство на храна.
Благодарение на бројните научни достигнувања во областа на генетиката, посебно во сегментот на биоинженерингот, се јавува идејата за производство на генетски модифицирани организми (ГМО), при што, за да им се подобри квалитетот и отпорноста, им се менува нивната генетска структура.
Со ГМО се означува секој организам, чиј генетски материјал е променет на неприроден начин, со помош на техниките на генетскиот инженеринг, познати како: модерна биотехнологија, генска технологија или технологија за рекомбинирана ДНК.
На тој начин се создаваат генетски модифицирани растенија, кои се одгледуваат како земјоделски култури, а служат за производство на генетски модифицирана храна.
Денес сѐ повеќе се настојува да се подобри квалитетот на прехрамбените производи со зголемување на нивната прехрамбена, односно нутритивна вредност.
Познато е дека уште во минатото, во процесот на култивирање на земјоделските и градинарски растенија, се користел методот на селекција (со избирање на определени видови на растенија) со цел да се испита кој вид на растение најдобро успева во определени климатски услови, како им одолева на ендемските штетници и колкави приноси дава. Слични селекции биле правени и врз домашните животни.
Методот на генетско модифицирање на храната може да се толкува од позитивен и негативен аспект.
Од позитивен аспект, производството на генетски модифицираната храна има подобро влијание врз животната средина отколку конвенционалното. Со него се намалува потребата од искористување на големи површини на почва (со што се зачувуваат шумите и другите зелени површини), се намалува употребата на пестициди и хербициди, потребно е помалку вода, се остваруваат повисоки приноси, финансиски е поисплатливо за земјоделците, резултира со намалување на емисиите на стакленички гасови итн.
Постои широк научен консензус дека од храната на пазарот, добиена од генетски модифицираните растенија, не постои поголем ризик за здравјето на луѓето отколку од конвенционалните производи.
Сепак, постои и отпор кон генетски модифицираната храна, особено кај општата популација. Причините за тоа ги вклучуваат проблемите со биосигурноста, еколошките и економските прашања.
За потенцијални опасности од произвдството и употребата на генетски модифицираната храна се сметаат: појавата на алергии, канцерогени тумори и резистентност кон определени медикаменти кај луѓето, намалувањето на биодиверзитетот, пренос на генот од растенијата во луѓето, штетното влијание врз животната средина итн.
Стравот и отпорот кон генетски модифицираната храна е резултат на недостатокот на релевантни информации за темата.За разрешување на овие проблеми потребно е информирање и едукација на пошироката јавност, од квалитетни и релевантни научни извори.
подготви: Наташа Малинка Миновска
Линкови:
https://sh.wikipedia.org/wiki/Genetski_modifikovana_hrana
https://ishrana-buducnosti.com/aktuelno-post/
https://www.slobodnaevropa.org/a/825607.html
https://www.medias.rs/genetski-modifikovana-hrana
https://www.bib.irb.hr/1102745
https://krenizdravo.dnevnik.hr/prehrana/sto-je-gmo-hrana-ucinci-na-zdravlje
https://repozitorij.pmfst.unist.hr/islandora/object/pmfst%3A1087/datastream/PDF/view