Зелен поимник: Исцрпување на ресурсите

„Се уште имаме можност да креираме нов пат, кој ќе ни овозможи одржлив заеднички живот со дивината“ - Кен Норис

Својот биолошки и социјален развој, човекот го остварува во рамките на животното опкружување (животната средина), задоволувајќи ги своите егзистенцијални потреби како биолошко суштество. Во тие рамки тој пронаоѓа ресурси и простор за економска активност, што претставува основа за развојот на секое цивилизирано и современо општество.

Се позачестено, многу од ресурсите  кои порано му биле обилно достапни на човекот, стануваат оскудни или исцрпени. Исцрпувањето на природните ресурси е дефинирано со премисата според која вредноста на еден ресурс се мери со неговата достапност во природата.

Природниот ресурс може да постои како посебен ентитет (свежа вода, воздух и земја) или како суровина на која и треба понатамошна обработка (руди, други елементи и повеќето извори на енергија).

Некои од природните ресурси се обновливи, додека други  не се. Кога природните ресурси неселективно и прекумерно се експлоатираат, доаѓа до постепено намалување на нивниот квантитет и квалитет, се до нивно исцрпување. Ова вообичаено се случува со необновливите  природни ресурси,  кои ги има во ограничени количини и за кои се потребни  милиони години за нивно повторно формирање.

Исцрпувањето на ресурсите претставува нивна потрошувачка, со темпо побрзо отколку што таа може да се надокнади. Причините за исцрпување на природните ресурси можат да бидат природни или вештачки. Некои од овие причини се пренаселеност, лоши земјоделски практики, сеча на дрвја, ископување и истражување на минерали, загадување и контаминација на природните ресурси, индустриски и технолошки развој, прекумерна потрошувачка и отпад.

Потрошувачката расте и моментно е многу повисока отколку што тоа Земјата може да го издржи. Исцрпувањето на природните ресурси остава силни последици врз човекот и животната средина  каде што се наоѓаат овие ресурси.

Ефектите од исцрпувањето на природните ресурси се загадување на воздухот, губење на биолошката разновидност и евентуално исчезнување на видовите, недостаток на вода, намалување на минералните резервоари, губење на шумската покривка, глобалното затоплување, здравствени проблеми и економски неуспеси.

За заштита или зачувување на природните ресурси, се преземаат различни иницијативи кои промовираат рамномерна експлоатација, одржлив развој и одговорна потрошувачка. Ваквите иницијативи доаѓаат од  авторитети,  кои се занимаваат со дисциплини како што се конзерваторската биологија и управувањето со животната средина и природните ресурси.

Постојат примери за еколошки иницијативи, како што се развој на обновливи енергии или зелени енергии (сончева, ветерна, геотермална енергија), кои покрај тоа што се неисцрпни, имаат и помало влијание врз животната средина.

Има многу чекори што можат да се преземат за решавање на проблемот со исцрпување на природните ресурси, почнувајќи со промена на животниот стил на луѓето, спроведување на политички и други мерки со поддршка од пошироката јавност.

Примери за тоа се: практикување на животен стил што ја поддржува одржливоста, пошумување и зачувување на шумите, користење на алтернативни извори на енергија (особено обновлива енергија), правна заштита на водните ресурси, одржливи земјоделски практики, образование, намалување на потрошувачката, употреба на електрични автомобили, повторна употреба и рециклирање на отпадни материјали, органско градинарство...

Марко Ламбертини, Генералниот директор на Светска организација за заштита на природата- WWF (World Wide Fund for Nature) ќе рече:

„Природата со векови ги одржуваше и ги поттикнуваше нашите општества и економијата, до денешен ден. За возврат, човештвото ја смета природата и нејзините услуги за разбирливи сами по себе и немилосрдно ја уништува.Време е да сфатиме дека здрава и трајно одржлива иднина можеме да имаме само на планета со здрава природа, во чии шуми, океани или реки живеат бројни животински видови. Мора итно да најдеме начин како да ја користиме и цениме природата, културолошки, економски и политички. Нам ни е потребен нов глобален договор за природата и човештвото“.

 

подготви: Наташа Малинка Миновска

Линкови:

https://hhr.wiki/detial/Resource_depletion

https://bs.unansea.com/racionalno-koristenje-prirodnih-resursa/

https://www.renovablesverdes.com/bs/iscrpljivanje-prirodnih-resursa

https://www.researchgate.net/publication/

https://sr.wikipedia.org/sr-el/

https://hr.wikipedia.org/wiki/Iscrpljivanje_resursa

https://okno.mk/node/74646

https://www.yoair.com/mk/blog/advancements-in-renewable-energy-technology-and-its-impact-on-the-environment/

https://mk.warbletoncouncil.org/recursos-naturales-1701

https://www.dw.com/mk

https://environmentgo.com/mk/depletion-of-natural-resources/

 

 

Green CIVIL

FREE
VIEW