Поскапувањето на струјата, според екологистите, е еднакво на зголемувањето на загадувањето на воздухот и животната средина, особено во зимскиот период. Создадената состојба се очекува негативно да се одрази во Тетово и околината, каде воздухот во зимскиот период веќе долги години е многу загаден. Од Министерството за животна средина велат дека одговорноста за воздухот ја делат со Општина Тетово. Од Општината пак немаат конкретен одговор за тоа како ќе се управува со квалитетот на воздухот годинава, пишува Порталб.мк.
Тетово со години е на врвот на светските листи на градовите со најзагаден воздух.
Екологистите алармираат дека енергетската криза дополнително ќе ја усложни состојбата со загадувањето.
Од еколошкото движење „Мајка и дете“ велат дека домаќинствата или деловните субјекти кои нема да можат да се справат со финансиските проблеми, ќе се свртат кон користење други алтернативни енергенси за греење како дрва, јаглен, нафта. Дури велат дека за загревање се користат и употребени моторни масла, гуми, пластифициран отпад од производство на мебел, како и самиот пластичен отпад, а сите овие се категоризираат како големи загадувачи на воздухот.
„И понатаму остануваме на ставот дека колективните загадувачи како што се фабриките (без разлика дали имаат А или Б интегрирана дозвола), големите јавни објекти, деловните објекти се најголемите загадувачи во регионот, затоа интервенциите треба да почнат токму од нив иако списокот на загадувачи како и списокот на мерки е многу долг. За долгорочни, среднорочни и краткорочни мерки се зборува со години, но за жал нивната примена во секојдневниот живот оди многу бавно. За спроведување на сите законски обврски, инспекторатот мора да биде на терен 24/7, но за жал бројот на квалификувани инспектори е мал. Не смееме да ја занемариме важноста на кампањите за подигање на свеста не само за негативното влијание на загадувањето врз здравјето на луѓето туку и за потребата од заштеда на електрична енергија“, велат од Движењето „Мајка и дете“.
Според еколошката организација „Еко герила“, користењето струја за земја како Северна Македонија е луксуз, и тоа не само сега во време на енергетската криза, туку и од порано.
„Фокусот би требало да биде на алтернативните или обновливите извори на енергија. За жал, владите не успеаја да создадат услови за тоа, било поради неспособност, било поради заштита на интересите на монополите во енергетскиот сектор. Со оваа криза ќе бидеме принудени да ги искористиме сите ресурси за да имаме греење, игнорирајќи ги последиците што ќе ги имаме во аеро загадувањето. Можеби оваа енергетска криза ќе биде поттик централната и локалната власт да извлечат поуки и да ги забрзаат проектите за да не се предизвика социјална криза“, велат од „Еко герила“.
Од Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) велат дека остануваат одлучно во насоката и општите политики за справување со аеро загадувањето како што се: постапување на изворот на загадување, унапредување на законската регулатива што ја олеснува интервенцијата, мерки во случај на надминување на граничните вредности на материите што загадуваат и зајакнување на инспекциските контроли. Одговорноста за квалитетот на воздухот ја префрлаат и на општините.
„Општината и општинските инспекциски служби имаат конкретни овластувања во однос на квалитетот на воздухот, согласно Законот за квалитет на амбиенталниот воздух и Планот за подобрување на квалитетот на воздухот на општина Тетово, кој е изготвен со поддршка на Министерството за животна средина“, велат од министерството, апелирајќи да се почитуваат мерките утврдени од Владата и законските прописи.
Тие исто така нагласуваат дека со Новиот Закон за инспекциски надзор се овозможува полесно функционирање на инспекциските служби на национално и локално ниво, но како што велат, целта е пред сѐ да се постапи на почитување на утврдените стандарди, а не на санкционирање.
Општина Тетово сѐ уште нема одговор како ќе се справи со аеро загадувањето годинава, кое како последица на енергетската криза може да добие загрижувачки размери.
Во Тетово во изминатите десет години се надминува просечната дозволена вредност на штетните честички ПМ 10, при што доколку нивното присуство е над 50 микрограми на кубен метар, се смета дека загаденоста на воздухот е над просекот. Конкретно. просечната вредност на честичките ПМ 10 не може да надминува 50 микрограми на кубен метар и не повеќе од 35 пати годишно.
Годишните просеци во овие десет години, со исклучок на 2019 година, секоја година биле над дозволената вредност.
Во текот на есенските и зимските месеци овие бројки се многу повисоки од 50. На пример, во јануари годинава просекот на ПМ10 бил 83,75 μg/m3, во февруари 72,03 μg/m3 и во март 58,47 μg/m3.
Дека овој проблем е доста сериозен и опасен за нашата држава говори и Извештајот на Европската комисија за изминатата година за напредокот на реформите во Северна Македонија. Во извештајот јавно се истакнува дека земјата треба да го зголеми износот на финансии и на локално и на национално ниво за намалување на загадувањето на воздухот, што останува сериозна загриженост.
Инаку, од 1 септември 2022 до 31 март 2023 година во РСМ ќе се применуваат мерки за штедење на електрична енергија, со што потрошувачката мора да се намали за 15 проценти, со цел „Заштеда на електрична енергија за безбедна зима“.
Претходно Владата упати апел да се почитуваат мерките за заштеда на електрична енергија и најави дека за справување со енергетската криза се обезбедени се над 100 милиони евра.
Фисник Џелили/МЕТА