Милиони евра се заштедени во текот на октомври и првата недела од ноември како последица на зголеменото производство на електрична енергија од домашните енергетски капацитети, штедењето на струја од граѓаните и институциите и топлото време периодов. АД ЕСМ планира да почне со увоз на струја од странство по цена од 215 евра за мегават час за периодот од 7 до 13 ноември, но и ваквата набавка ќе биде под количествата што биле предвидени претходно.
Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски денеска информираше дека во октомври АД ЕСМ предвидела да набави 49.600 мегават часови електрична енергија за задоволување на потребите на домаќинствата и малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар, но во реалноста воопшто не е увезена струја заради зголеменото производство на струја од домашните електрани, штедењата на струја на граѓаните и институциите и топлото време и со тоа се заштедени околу 10,5 милиони евра.
За првите 15 дена од ноември, вели Ковачевски, било предвидено да се набават 72.000 мегават часови електрична енергија, но во првата недела од ноември нема воопшто да се набавуваат, а набавка ќе има за периодот од 7 до 13 ноември кога ќе се набават 16.800 мегават часови и за кои АД ЕСМ ќе се плати цена од 215 евра за мегават час или околу 3,6 милиони евра ќе се уплатат за увоз на струја за регулираниот пазар. Со ова, заштедата е над 4,2 милиони евра за една недела поради тоа што АД ЕСМ нема да набавува струја во планираните количества во првата половина на ноември.
АД ЕСМ ги има обезбедено количините за природен гас за производство на топлинска енергија за скопските топлани за периодот од 1 до 15 ноември, и заедно со топлинската енергија што треба да се преземе од ТЕ-ТО, во целост ќе се задоволат потребите за топлинска енергија во Скопје, вели Ковачевски.
За да ја осигура испораката на парно греење за граѓаните на Скопје, скопските топлани во периодот по 15 ноември ќе влезат во тест-период, со којшто ќе се тестира системот за да се види како ќе работи на дизел гориво. Директорот на АД ЕСМ вели дека дизел горивото го има во државните резерви во земјава.
„Ќе може полесно да се изменаџира една ваква криза ако нема снабдување со природен гас. Ќе мора да се тестира системот за да се види како ќе работи на дизел гориво“, вели директорот Васко Ковачевски.
Префрлањето на енергенсот од природен гас на дизел гориво ќе трае не повеќе од 24 часа, но ова не значи дека граѓаните на Скопје ќе останат без топлинска енергија. Притоа, промената на енергенсот ќе се изврши најпрво на едната топлана, па потоа на втората. Сепак, најголем дел од топлинската енергија за граѓаните на Скопје во континуитет ќе се добива од комбинираната електрана ТЕ-ТО, така што корисниците нема да останат без парно греење и нема да има намалена испорака на топлинска енергија.
„Топланите најмалку 10 дена ќе треба да работат на дизел гориво за да може да се пратат параметрите и да се испита комплетниот систем на топланите, затоа што се поставени најсовремени 10 пумпи за дизел гориво во двете топлани“, изјави Ковачевски, додавајќи дека дизел горивото е поеколошки енергенс од мазутот којшто во минатото се користел за производство на топлинска енергија од двете топлани.
извор: МЕТА