За тоа колку всушност е реална зелената агенда на Северна Македонија, дали се поседува институционално и системско знаење што претставува Зелената агенда, кои се перспективите, а кои предизвиците во нејзино спроведување, постои ли политички консензус околу зелените прашања, се отворени теми и прашања на кои ќе говорат учесниците на денешниот, говореше Бојан Трпевски од Здружение на млади правници на панелот на Зелен Цивил на тема „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“, кој посочи дека е добро што се спомна урбанистичкото планирање, и колку всушност урбанистичкиот хаос влијае на нашите животи и генерално на состојбите со животната средина.
Она што јас го гледам како механизам, или институција што треба да се бави со овие работи, да се гледа дали урбанистичкото планирање нам ни овозможува доволно услови за квалитетен живот и животна средина во која ќе можеме квалитетно да опстојуваме, би рекол дека е тоа Уставниот суд, вели Трпевски.
Тој се осврна и на хуманизација на просторот и заштитата на животната средина како темелни вредности на нашиот уставен поредок.
„Кај нас, една од темелните вредности на нашиот уставен поредок, меѓу другото, е и хуманизација на просторот и заштитата на животната средина, и ова како начело и темелна вредност на нашиот уставен поредок, не би требало да остане само на хартија, туку треба сите политики, вклучително и урбанистичките планови да се гледаат низ призма токму на хуманизацијата на просторот и заштитата на животната средина.“, дополни Трпевски.
Трпевски го посочи Уставниот суд како една од главните државни институции чија надлежност и обврска е надгледување и грижа за животната средина на граѓаните.
„Она што ние го имаме забележано досега, е дека генерално, позицијата на Уставниот суд за овие прашања, е пред се од аспект на тоа како се донесувале урбанистичките планови, дали постапката била спроведена во согласност со законот, дали имало учество на јавноста, дали е објавен урбанистичкиот план… Меѓутоа, забележуваме дека во април оваа година, Уставниот суд реши, да речеме, малку да го промени своето стојалиште, би рекол во позитивна насока, и премина кон оценување, дали , на пример во Карпош еден ДУП, е во согласност созаконот за урбанистички план. Сите го знаеме случајот со идејата да се изгради бензинска пумпа, на место каде што со генералниот урбанистички план, не било предвидено градење на таква градба. Можеби ова е почетна точка за прераснување на Уставниот суд во вистински заштитник на тие темелни вредности, кои треба да бидат основа на сето она како кај нас се одвиваат работите“, вели Трпевски.
Панелот се пренесува во живо на Фејсбук страницата на Зелен ЦИВИЛ и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Панел –дискусијата е дел од проектот „Зелен форум“ што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.