„Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“, е тема на денешниот (втор) од серијата панели во организација на Зелен ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ).
Учесници на панелот се Христина Оџаклиеска, заменик минстерка за животна средина и просторно планирање и Аријан Тоска, директор на МДЦ-Ти.Нет,а модераторка е Биљана Јордановска, координаторка на Зелен ЦИВИЛ.
Колку всушност е реална зелената агенда на Северна Македонија, дали се поседува институционално и системско знаење што претставува Зелената агенда, кои се перспективите, а кои предизвиците во нејзино спроведување, постои ли политички консензус околу зелените прашања, се отворени теми и прашања на кои ќе говорат учесниците на панелот.
„За мене, зелената агенда е реалност, не само што е реално потребна, треба сите напори да ги насочиме кон остварување на сите цели за одржлив развој. При тоа, економски и социјален развој кој ќе ги почитува принципите за заштита на животната средина. Делови од зелената агенда, впрочем се и дел од програмата на владата. Во моментов, во нашата институција се изработува и национален акциски план за спроведување на зелената агенда.
Овој план содржи неколку основни столбови, чии политики, во насока на спроведување на политиките на Зелената агенда се содржани во акцискиот план. Зборуваме за декарбонизација, или зелената енергија, циркуларна економија, борбата со аеро загадувањето, одржливо производство на храна, и се разбира, заштита на природата и биолошката разновидност.“
Оџаклиевска се осврна и на транспонирањето на Европското законодавство во нашата регулатива и скрининг процесот од месец јуни годинава.
„Во изминатиот период, во нашата институција се правеа напори за транспонирање на Европското законодавство во нашата регулатива, и скрининг процесот, кој беше во текот на јуни, во Брисел, покажа дека во добар дел од Европското законодавство, е транспонирано во нашите закони, но, постојат и многу сегменти на кои треба да напорно и во континуитет да се работи. Во периодот што следи, се подготвува изработка на нов закон за води, понатаму, во сегментот на менаџирање со мониторингот на водните ресурси, се планира подобрување на оваа сфера. Исто така и во сферата на управување со отпадот се прават напори а искористување на добиените средства, изградба на регионални депонии, но пред се, треба да се стави акцент на искористување на отпадот како суровина“, вели Оџаклиеска.
Ги имаме законите, тука се, тие се компатибилни со европските директиви, но за жал, само поради еден елемент, има голем недостаток, вели Аријан Тоска, директор на МДЦ-Ти.Нет.
„Зелената агенда е реалност, ја живееме секој ден. Кога ќе излезам од дома, прва работа ми е отпадоците што ќе ги фрлам, се соочувам со фактот дека тука прекинува таа зелена агенда, иако ја имам во глава, заради тоа што тоа сме го работеле подолг период. Отпадоците не ги двоиме, и нема каде да ги одложуваме одвоено. Не сме сигурни дека тоа што ќе биде одложено, ќе заврши во циркуларната економија, и тоа е едниот елемент. Вториот елемент, во делот на транспортот, за жал, во Град Скопје, поголем дел од времето сме принудени да користиме сопствени возила за да стигнеме до одредени дестинации, иако кога е вакво убаво времето, можеме и пеш. Но, јавниот транспорт тука навистина недостига. Тоа се индикатори кои што ги гледаме од аспект на зелената агенда, кои што се доста негативни за Македонија.
Тоска се осврна и на биодиверзитетот и необезбедувањето услови за одржлив развој.
„Во делот на биодиверзитетот, кое го спомна заменик министерката, би сакал да кажам дека во еден поглед, нашите природни области се навистина сочувани, во споредба со другите околни земји. Но, од друга страна, имаме еден капитулирачки факт, дека во одредени области, каде што се наоѓаат овие природни и заштитени области, национални паркови итн., останати сме само со една третина од населението. Веќе го нема населението. Не сме обезбедиле услови за да има одржлив развој, за тоа население да може да преживее во рамки на она што го нуди природата, не оштетувајќи ја истата.
Циркуларната економија се надоврзува со повеќе закони, од законот за управување со отпад, до законот за управување со отпадоци од пакување. И тука имаме одредени моменти коишто се аномалија во поглед на тоа што го кажа Оџаклиеска, ги имаме законите, тука се, тие се компатибилни со европските директиви, но за жал, само поради еден елемент, има голем недостаток. На пример, во законот за управување со отпадоци од пакување, го имаме фактот дека немаме следливост на материјалот, иако имаме одлични резултати во поглед на тоа што се собира и што се обработува во државата“, посочува Тоска.
Настанот се пренесува во живо на Фејсбук страницата на Зелен ЦИВИЛ и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Панел –дискусијата е дел од проектот „Зелен форум“ што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
Д. Тахири
Камера: Ариан Мехмети