Зелената агенда во Северна Македонија мора да биде реална, дури и ако сме песимисти. Јас сакам во оваа пригода да кажам дека овде сум навистина во улога на еден граѓанин, кој сака да даде придонес во тоа што се вели „зелена агенда“, и се надевам дека овој зелен форум еден ден ќе стане зрел форум, особено за помладите генерации, вели Зоран Иванов на панелот „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“.
Што се однесува до зелената агенда, Иванов вели дека е остварлива, но пресудно е нашето однесување и свесноста.
Остварлива е. Мене само едно нешто ме плаши, ќе си земам за слобода да тргнам од мојата возраст, мислам дек во многу сектори, кога зборуваме за екологија ние како да се враќаме назад, со однесувањето, со свеста итн. Мислам дека се клучни неколку фактори. Прво – а тоа го повторувате и вие во овие тематски емисии, многу е важно домашното воспитување. Второ, нашето однесување на работа, на улица, како се однесуваат медиумите, како е тоа во маалскиот живот, што веќе го нема, однесувањето во станбените згради, каде што живееме, како се однесуваме кога ги шетаме домашните миленици.
Иванов се осврна на навиките на граѓаните од минатото, и повика да се вратиме на начинот на делување првенствено во домашните средини.
За мене, клучот е – ние граѓаните, покрај институциите, од општина до држава, сепак сме ние клучот, во свеста на граѓаните, и дека ние оној стар домаќинлук што го имаа во маалата, каде што беше навистина непријатно, дури и срамно, некој од домаќините, домаќинките, наутро да не си го исчисти дворот, и да го остави навечер со ѓубре или листови од тоа што го оставаме како отпад.
Мислам дека треба да го вратиме тој срам во нашето секојдневие, порача Иванов.
Д. Т.