ЦИВИЛ е домаќин на онлајн регионална конференција на тема „Перспективите на циркуларната економија во услови на војни и несигурности“ в петок, 31 мај, со почеток во 12 часот.
Конференцијата е дел од Неделата на циркуларната економија на Западен Балкан 2024, регионална манифестација на веќе трета година ја организира регионалната иницијатива ЛогЕкс (LogEx), формирана од еминентната тинк-тенк организација Балкан Форум од Косово.
На конференцијата ќе говорат претставнички и претставници на граѓански организации од целиот регион на Западен Балкан, во прв ред, членки на ЛогЕкс заедницата. Тие ќе говорат за своите активности, како и за перспективите на циркуларната економија во национални, регионални и глобални контексти.
Работниот јазик на конференцијата е англиски.
Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан 2024
Овогодишната тема на Неделата на циркуларна економија е „Одржливи мостови: Обединување, издигнување, надополнување“ и се одржува од 27 до 31 мај.
Организациите од земјите на Западен Балкан, членки на ЛогЕкс заедницата организираат мноштво од паралелни активности со кои ги промовираат добрите практики и знаењата поврзани со предизвиците и перспективите на циркуларната економија во регионот.
Регионалната иницијатива на ЛогЕкс (LogEx) заедницата – формирана од Балкан Форум – има за цел да го револуционизира пристапот на Западен Балкан кон одржливиот развој, преку промовирање на практики на циркуларната економија. Со здружување на различни актери, вклучувајќи ја и академијата, граѓанските организации, медиумите, бизнисот и експертите, Неделата на циркуларна економија има цел да ја промовира интерсекторската и регионалната соработка кои се основа за развој и поттикнување на значајни и позитивни промени во регионот.
ЦИВИЛ