ЦИВИЛ организира регионална конференција на тема „Перспективите на циркуларната економија во услови на војна и несигурност“ денеска, (петок, 31 мај), со почеток во 12 часот.
На конференцијата ќе говорат претставнички и претставници на граѓански организации од целиот регион на Западен Балкан. Тие ќе говорат за своите активности, како и за перспективите на циркуларната економија во национални, регионални и глобални контексти.
Конференцијата е дел од Неделата на циркуларната економија на Западен Балкан 2024, регионална манифестација на веќе трета година ја организира регионалната иницијатива ЛогЕкс (LogEx), формирана од еминентната тинк-тенк организација Балкан Форум од Косово.
Работниот јазик на конференцијата е англиски, со симултан превод на македонски.
Циркуларната економија е една од најактуелните гранки на зелената агенда во голем дел од светот. Трансформативниот социо-економски процес во контекст на циркуларната економија со себе носи фантастични потенцијали за развој на бизнис модели што носат големи добивки, а воедно ја заштитуваат, па и регенерираат природата и животната средина.
Воедно, циркуларната економија, како и сите други области на зелената агенда, се соочува со голем број предизвици што произлегуваат од воените конфликти, во прв ред руската агресија против Украина.
ФБ НАСТАН: Перспективите на циркуларната економија во услови на војна и несигурност
(ИНФО) Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан 2024
Овогодишната тема на Неделата на циркуларна економија е „Одржливи мостови: Обединување, издигнување, надополнување“ и се одржува од 27 до 31 мај. Медиумските содржини поврзани со темата и со активностите на регионалната иницијатива се објавуваат на веб страницата GREENCIVIL.MK на македонски, албански и англиски, во рубриката ЗЕЛЕНИ на CIVILMEDIA.MK на македонски, и во рубриката TË GJELBRIT на DREJT.MK на албански.
Организациите од земјите на Западен Балкан, членки на ЛогЕкс заедницата организираат мноштво од паралелни активности со кои ги промовираат добрите практики и знаењата поврзани со предизвиците и перспективите на циркуларната економија во регионот.
Регионалната иницијатива на ЛогЕкс (LogEx) заедницата – формирана од Балкан Форум – има за цел да го револуционизира пристапот на Западен Балкан кон одржливиот развој, преку промовирање на практики на циркуларната економија. Со здружување на различни актери, вклучувајќи ја и академијата, граѓанските организации, медиумите, бизнисот и експертите, Неделата на циркуларна економија има цел да ја промовира интерсекторската и регионалната соработка кои се основа за развој и поттикнување на значајни и позитивни промени во регионот.
ЦИВИЛ