„Идејата да се имплементира зелената агенда, односно циркуларната економија во ромската заедница дојде сосема случајно, односно се роди во 2019 година, кога враќајќи се дома од една конференција каде што се зборуваше како да се трансформира едукацијата, образованието кон вработувањето и како да се поддржи ромската заедница во економскиот развој, возејќи по угорницата во Шуто Оризари сретнав една повозрасна жена која носеше џамбо вреќа со пластични шишиња и картони во инпровизирана количка“, ја започна приказната на РЕДИ Рециклажа, директорот Асиб Зекир во интервју за ЗЕЛЕН Цивил.
Зекир објасни дека жената го инспирирала и мотивирала за да ја создаде РЕДИ како социјална и самоодржлива компанија.
„Застанав да ја прашам дали и треба помош, таа ми одговори ‘во ред е, фала ти, јас сум научена ова да го работам’. Бев изненаден и не знаев како да постапам, бидејќи пред неколку часа зборував за економскиот развој на заедницата, а од друга страна токму на тие на кои им треба помош се препуштени самите на себе. Односно, тие не ни очекуваа помош и поддршка ниту од граѓанскиот сектор ниту од институциите. Тоа ми беше мотивација за да ја разработам идејата, да биде самоодржлива и работата што ја работат неформалните собирачи на отпад да им биде признаена и видлива… Така се роди РЕДИ рециклажа, од идеја стана социјално претпријатие, вели Зекир.
Тој додава дека собираат селктиран неопасен отпад (пластични шишиња, картони, хартија…) од околу 400 згради (станбени и компании), потоа со електрични трицикли ги транспортираат до рециклажните складишта.
Директорот на РЕДИ нагласува дека институциите и локалните самоуправи би требало да ги поддржат ваквите иницијативи и социјални претпријатија за да се стреми кон самоодржливоста. Затоа што доколку нема самоодржливост, било која иницијатива е зависна од низа на проекти или инвестиции, на краток рок може да функционира, меѓутоа на подолг рок, без субвенционирање и без институционална поддршка ваквите иницијативи нема да може да опстојат долгорочно.
Зекир потенцира дека граѓаните во Скопје се задоволни од работата на РЕДИ Рециклажа и во наредниот период планира оваа иницијатива да ја прошири и надвор од земјава.
Дехран Муратов
камера, фотографија и монтажа: Ариан Мехмети