„Ретко може да се забележи граѓанин кој работи чесно на исполнување на своите животни цели и кој верува во демократијата! Граѓаните не се борат повеќе и не се заинтересирани за колективните права на заедницата, туку исклучиво само за личните права, дури и кога се во ситуација да им наштетат на своите блиски! Но, таква е приказната која ни ја продадоа политичките партии, а ние сега, како граѓани, ја играме“, изјави во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, извршната директорка на невладината организација „Roma SOS“ од Прилеп, Несиме Салиоска
ЦИВИЛ Медиа: Дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички, односно, изборен контекст? Кои се вашите сознанија и анализи?
САЛИОСКА: На ова прашање, бидејќи забележав дека моите колеги претходно, дадоа доста добри образложенија, несакајќи да се повторувам со истите одговори, ќе одговорам преку еден пример којшто дополнително ќе даде образложение. Имено, загрижени во врска со одвивањето на нерегулираниот сообраќај во населбата Тризла, предизвикан од несовесни возачи на моторни возила, нерегистрирани и во неисправна состојба, без соодветна документација и возраст, 27 Роми од населбата, испратија реакција до локалната самоуправа, до полициските станици во Прилеп и во Битола и до Министерството за внатрешни работи, во септември. Два месеца поминаа од поднесувањето на оваа реакција, ние не добивме одговор. Нашата анализа на оваа состојба, ни покажува дека политичките партии во изборен период не сакаат да преземат никакви дејствија и со тоа да го загрозат своето делување на терен, односно, да изгубат дел од нивните поддржувачи и гласови. Ова е класична злоупотреба на граѓаните од институциите, при што во изборен контекст, им се дозболува да прават дури и прекршоци, па и кривични дела, сé со цел да ја добијат нивната поддршка за време на изборите, а истовремено, на друг дел од истата таа категорија на граѓани, не им се обезбедува никаква заштита по барањата, без оглед на нивната надлежност како дел од одредена институција. Тука јасно можеме да видиме дека политичките партии ја поистоветуваат својата улога со институциите кои што ги раководат, и на тој начин, се подготвени да ја доведат во опасност дури и безбедноста и сигурноста на граѓаните, само за да го добијат гласот на граѓанинот. По изборниот процес, ќе можеме да забележиме дека истите граѓани повторно ќе бидат казнувани и ќе им биде забрането да преземат дополнителни дејства, со што тие граѓани двојно се обесправени во текот на целата година.
ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?
САЛИОСКА: Ветувањата за исполнување на сите нивни барања и потреби се нереални, односно, забележуваме дека политичките партии при посетите на терен, прифаќаат сé што ќе слушнат од граѓаните, дури и кога станува збор за неизводливи или за барања кои што не кореспондираат со реалноста. Но, бидејќи доаѓаат од одреден лидер, кој е близок до партијата, сé тоа се прифаќа и се ветува дека ќе се реализира. Треба да се има предвид дека социјалната правда не подразбира исполнување на желби на само една одредена група, туку исполнување на потребите на цела заедница, кои реално може директно или индиректно да го променат нивниот секојдневен живот. Така, на пример, во Тризла, повторно имаме сериозни проблеми за безбедноста на граѓаните коишто имаат ургентен карактер за решавање, како што е поставување на ограда низ каналот во населбата, на т.н. Дабничка река, бидејќи изминативе две години таму настрадаа две дечиња од кои едното почина, а другото помина со полесни повреди. Истата таа река претставува извор на заразни болести, бидејќи, претставува депонија за локалните жители. Исто така, во заедницата има многу паркирани, корозирани и неупотребливи моторни возила кои претставуваат извор на инфекции, како и блокада за сообраќајот во заедницата. Уличното осветлување не функционира, односно, по 18,00 часот, доколку поминете конкретно низ улицата „Дабничка“, ќе помислите дека поминувате низ хорор- улица, бидејќи надлежните служби немаат време и по еден месец од пријавената штета, да ја заменат светилката на бандерата?! А ние гледаме како низ општината се градат сериозни објекти, без конкретна намена и без одговор на реалните потреби на граѓаните.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политичките последици од злоупотребата на прашањата од областа на социјалната правда?
САЛИОСКА: Гледаме на секој чекор, агресивни и фрустрирани граѓани кои во борба за живот се подготвени дури да им наштетат на своите пријатели и познаници, поради одредени проблеми со кои што се соочуваат. Гледаме сé повеќе луѓе кои бараат различни начини да живеат надвор од Македонија, како и неквалитетен кадар кој произлегува од образовните институции каде не се вложува во стекнување на знаење и амбиции за самостојно функционирање, бидејќи нема надеж за просперитет во Македонија. Ретко може да се забележи независен граѓанин кој работи чесно на исполнување на своите животни цели и кој верува во демократијата! Ние живееме во тотална анархија мислејќи дека практикуваме одредена демократија. Граѓаните не се борат повеќе и не се заинтересирани за колективните права на заедницата, туку исклучиво само за личните права, и како што потенцирав, дури и во ситуација да им наштетат на своите блиски. Но, таква е приказната која политичките партии, како таква ни ја продадоа, а ние сега, како граѓани, ја играме.
ЦИВИЛ Медиа: Што можат и што треба да направат институциите, политичките партии, синдикатите и граѓанското општество за да ја спречат злоупотребата на социјално загрозените категории, и воопшто, темите од областа на социјалната правда во политички, односно, изборен контекст?
САЛИОСКА: Потребна е континуирана едукација на социјално ранливата категорија на граѓани во однос на изборниот процес и правото на глас, од причина што тие немаат основни познавања за истото, а самата таа состојба придонесува, всушност, за сите манипулации кои се случуваат од политичките партии. Тоа ние го забележавме, особено оваа година, организирајќи ја кампањата „Каков белег ќе оставиме – Ти избираш“, која се реализира со поддршка и соработка на Националниот демократски институт. Во изминатиов период, поминавме низ шест општини, односно, ромски заедници, каде што, во одредени дискусии забележавме дека иако граѓаните на прашањето – дали се вклучени во избирачкиот список и дали гласаат за време на избори – позитивно се изјаснуваат, дополнително, во текот на дискусијата, на прашањето со кои секојдневни проблеми се соочуваат, укажуваат на фактот дека немаат лична карта, немаат лична документација и сé останато…
Сите знаеме дека правото на глас се остварува само со лична карта и само со постојано место на живеење во избирачкото место каде сте евидентирани. Од таа причина се прашуваме: како овие граѓани гласаат? Односно, од една страна, се изјасуваат дека гласаат за време на избори, а од друга, истакнуваат дека немаат лична документација, лична карта и постојано место на живеење?! Друга работа која ја забележавме е дека при теренското прочистување на Избирачкиот список, голем дел од Ромите не сакаат да се идентификуваат пред Државната изборна комисија, од причина што сметаат дека со таквото нивно идентификување ќе им се укине социјалната парична помош. А тоа, сметаме дека е резултат од долгогодишните закани од политичките партии коишто ги добиваат на нивна сметка. На тој начин, значаен дел од Ромите сé уште не серегистирани во Избирачкиот список, или се впишани со погрешни податоци. На самиот ден на гласањето, повторно забележуваме дека имаат можност да гласаат, така што некој од локалните ромски лидери ќе биде платен од политичките партии, ќе излезе и ќе ги мобилизира и ќе ги однесе до местото на гласање. Дополнително, ќе добијат и закана дека доколку не гласаат за одредена политичка партија, ќе им бидат укинати сите услуги или помош која ја добиваат од државата! Интересно е дека за време на овие трибини, дојдовме до заклучок оти граѓаните навистина веруваат дека политичките партии знаат за кого гласаат кога ќе застанат зад параванот!
ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.
This post is also available in: English