Шест дена без струја, со парно греење чии радијатори повеќе се користат за полици, без услови за одржување на елементарна хигиена во овие студени зимски денови се оставени многу студенти од домот „Кузман Јосифоски-Питу“ во центарот на Скопје. На студентите не им се познати причините каков дефект е во прашање, зашто струјата во домот се исклучува наизменично. Од ЕВН велат дека проблемот е во старата инсталација на домот, а од Управата на Домот тврдат дека чекаат екипите на ЕВН да го санираат дефектот. Смрзнати од студ, без можност да учат, студентите во екот на испитната сесија се враќаат во градовите од каде што доаѓаат.
ЦИВИЛ Медиа стапи во контакт со неколку студенти, кои престојуваат во овој студентски дом. Тие инсистираат да останат анонимни, плашејќи се да не ги загубат и овие мизерни услови во кои престојуваат.
„Немаме услови за извршување на основните потреби, за капење одиме по другар(к)ите кои се сместени во станови. Учиме во градските библиотеки, онаа во Трговскиот центар работи до 23 часот… Потоа, се враќаме во домот, се покриваме со сé што имаме, бидејќи нема ниту греење и заспиваме во надеж дека кога ќе станеме, проблемот ќе биде решен“, вели еден од нашите соговорници.
Од ЕВН велат дека направиле сé што е во нивна моќ и дека проблемот не е до нив, туку до инсталацијата во објектот. Од Управата на Домот велат дека чекаат на ЕВН да го реши проблемот. И додека надлежните си ја префрлаат топката, студентите се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат.
„Денеска сум добро, се вратив дома. Вчера се обидов неколку пати да дојдам до некој од Управата. На крајот, домарот ни кажа дека сите си заминале, затоа што немало струја. А, ние што да правиме? Јас треба да сум во Скопје, зашто во тек ни е испитната сесија. Но, немав друг избор и морав да се вратам“,вели другиот наш соговорник.
Еден од студентите, како што вели „имал среќа“ да се сретне со управникот на домот. Тој му кажал дека се работи на санирање на проблемот и дека денеска ќе има струја.
„Управникот вчера ни рече, дека се работи за некаков кабел, кој изгорел поради преоптоварената електрична мрежа. Вети дека ќе биде сменет и истиот ден во домот ќе има струја. Но, и денеска нема струја во студентските соби“,вели овој студент.
Станарите на овој студентски дом, тврдат дека секоја година се соочуваат со истите проблеми, дека инсталацијата во домот е стара и дотраена. Греењето исто така не функционира, радијаторите се толку „топли“ што ги користат како полици. Вистинска среќа е како што велат да има светло во тоалетите. Па, дури и домарот е приморан да прави импровизации за да им помогне при секој проблем.
Маја Ивановска