Еден починат бездомник е пронајден утрово во Битола, а еден бездомник со повреди и нарушена здравствена состојба е префрлен во Клиничката болница. Телото на починатиот го пронашла полицијата, околу шест часот, на улицата „4 Ноември“, во Битола, по дојава од сосед.
Соседот пријавил дека во 5:50 на неговата врата заѕвонил еден од бездомниците, кој се пожалил на повреди и побарал помош. По увидот на СВР Битола, констатирано е дека едното лице е починато, а другото лице, со видливи повреди на телото е пренесно во болница и хоспитализирано на Хируршкото одделение во битолската Клиничка болница. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција. СВР Битола испитува дали лицето починало од студ или се работи за физичка пресметка.
Пред една недела, дел од локалните и националните медиуми апелираа овие двајца битолчани, П.А (54) и С.Д (50) кои јавно побарале помош од сограѓаните и државата, да бидат згрижени.
Од поларниот студ кој трае повеќе од еден месец, досега починаа еден бездомник во Скопје, еден во Струмица и жена во Пехчево. Со оглед на фактот дека организираната помош за бездомниците е главно сконцентрирана во Скопје, се поставува прашањето што со бездомниците ширум земјата. Дали е потребно да се отворат шелтер-центри низ Македонија и како конечно, да се реши нивната безбедност?
М. И.