Централниот регистар на Република Македонија по пријавата за упис на промена-истапување и пристапување на основач, со пренос на удел на трговското друштво за новинско издавачка дејност и графичко производство „Графички центар“, донесе решение со кое се одобрува пријавата за упис на промена. На веб-сајтот на Централниот регистар е објавено решението од кое може да се види дека од листата сопственици на компанијата се избришани „Орка Холдинг“ (Орце Камчев) и „Интернет груп инвестмент“, а како сопственици фигурираат „Издаваштво Телеграф“ и „Мирекс Плус“ (Срѓан Керим).
Дел од медиумите потенцираа дека во сопственост на ТД „Графички центар“ е и истоимената печатница, една од најголемите во Македонија, и Медиа принт Македонија (МПМ), издавач на трите дневни весници „Утрински весник“, „Вест“ и „Дневник“, на порталот „Телеграф“ и на неделникот „Тае Модерна“. Новинарите и вработените на трите дневни весници, најавија штрајк поради доцнење на платите и хонорарите и неизвесната иднина.
За промената на сопствениците, Љубиша Станковиќ, претседателот на Синдикатот на „Утрински весник“, вели дека вработените воопшто не се запознаени.
„Нас никој не не информираше за тоа. Ниту не интересира. Ние стоиме на своите барања“, одговори Стнковиќ, за ЦИВИЛ Медиа.
Утре ќе се одржи закажниот протест на новинарите од „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“, кои сè уште не ги добиле јануарските плати.
„Им дадовме плус 15 дена време за медијација, но менаџментот остана глув на нашите барања. Утре и во недела, протестот ќе трае по 4 часа. Весниците и понатаму ќе излегуваат. Доколку не ни се исплатат јануарските плати, од понеделник протестот ќе трае по 6 часа дневно“, изјави Станковиќ за ЦИВИЛ Медиа.