Склучувани се штетни милионски договори, неповрзани со основната дејност, со кои систематски била уништувана компанијата „Медиа Принт Македонија“ (МПМ), додека истовремено, менаџментот скусувал плати и бркал новинари…, обвинија на денешната заедничка прес-конференција, претставниците на вработените во згаснатите изданија на МПМ, на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и на Самостојниот синдикат на медиуми и медиумски работници (ССНМ).
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани изрази солидарност и поддршка во остварувањето на социјалните права на колегите од овие изданија, што според него, на непримерен начин останаа без работа.
„Го осудуваме однесувањето на менаџментот и на сопствениците на МПМ, кои не само што не успеаја да ја спасат компанијата, туку се обидуваат да ги избегнат законските обврски за компензација на новинарите. Медиумските компании пропаѓаат секаде во светот, но она што загрижува во случајот на МПМ е што постојат сериозни индиции дека компанијата свесно се уништува, оставајќи без егзистенција стотина фамилии. Менаџментот на МПМ молчи во врска со информациите во јавноста, дека во август 2015 година, кога на новинарите им се намалуваа платите до 20 отсто, на директорката Јана Станисављева ѝ била понудена плата од 25 илјади евра“, истакна Селмани. Според него, случајот на МПМ е еклатантен пример за што служат медиумите во Македонија. Тие, според првиот човек на ЗНМ, не постојат за информирање на граѓаните, туку за политичка пропаганда на власта.
Љубиша Станковиќ, претставник на Синдикатот на вработените во „Утрински весник“, вели дека не е во прашање само огромната плата од 25 илјади евра на директорката Станисављева, туку и дополнителните трошоци од над милион и 345 илјади денари. Со оглед дека никој не ги демантираше наводите и дека е невозможно да се стапи во контакт со директорката, вработените во МПМ засега ги сметаат овие податоци – за вистина.
„Ние се сомневаме, а на државниот обвинител и на неговите подредени е да утврди дали преку МПМ се испумпувани огромни суми пари. Од Јавниот обвинител на Македонија, од обвинителот за гонење на организиран криминал, од скопската јавна обвинителка, очекуваме да утврди од каде ѝе на госпоѓицата Јана Станисављева основачкиот влог од милион и 300 илјади евра, да влезе во МПМ и да стане третиот содружник во компанијата? Дотолку повеќе што нашите сознанија се дека таа за првпат се вработила во државна институција, и оттаму е дојдена во МПМ. Значи, бараме и потекло на парите“, посочува новинарот Станковиќ. Тој, во име на 120 вработени кои се моментално оставени на улица, побара од Трудовата инспекција да влезе во компанијата и да утврди каде се овие луѓе сè уште вработени, во кои простории и каква е нивната дејност. „Ние немаме работни простории, а веќе немаме ни дејност“, заклучи тој.
Тамара Чаусидис од ССНМ посочи дека Синдикатот, токму преку примерот на работењето и она што се случуваше во МПМ, сака да ѝ стави крај на праксата на свесно уништување на брендови и медиуми, како и на економскиот и социјалниот статус на новинарите. Според неа, објавените информации во врска со примањата на менаџментот се сериозна индиција која подразбира кривично гонење.
„Ние веќе сме во постапка за кривична пријава за склучување штетни договори, за злоупотреба на позицијата и за злоупотреба на службената должност, којашто свесно ја однесе фирмата во финансиски тешкотии, ги намали платите на новинарите и, на крај, дојде до затворање на печатените изданија на весниците и останување на луѓе без работа. Такво нешто не е според закон дозволено“, истакна Чаусидис. Претседателката на новинарскиот синдикат посочи дека овој случај е сличен и функционирал по ист принцип како со проблематичната приватизација на фирмите од минатото, при што со високи и штетни договори се извлекувале парите од фирмата.
Според нивните сознанија, МПМ во последните две години била несолвентна и работела со загуба. „Во таква ситуација, да склучувате договори на високи суми, не значи ништо друго, туку злоупотреба на службената положба“, смета Чаусидис.
„Ја немаме земено сè уште мартовската плата, веќе осум дена немаме здравствено осигурување, иако имаме колеги кои имаат сериозни здравствени проблеми и закажано за лекарски прегледи. Менаџментот од бившата фирма вели дека нема пари да се исплатат нашите плати, можно е само да се исплати мартовската, а за другите кои што ќе ги имаме, побарувањата за априлската, мајската и јунската, додека се водиме во фирмата, односно, додека не преминеме како технолошки вишок, велат дека немаат средства да ни се исплатат, со тоа што ние сме останати без работа, и без никакви исплати од фирмата, во која што работевме, повеќето од нас 10 и повеќе години“, рече новинарката Ана Антевска од весникот „Вест“. Таа посочи дека целата комуникација со кадровското одделение во МПМ се одвива усно, и дека вработените досега не добиле никаков конкретен документ за нивниот статус. Комуникација со највисоките раководители и сопствеништвото е невозможна, бидејќи тие се постојано „на службен пат“.
Во недостаток на вистинска процедура и почитување на законите и работничките права, меѓу вработените кружат секакви информации. Сè поизвесно е дека најголем дел од нив ќе бидат прогласени за технолошки вишок и дека „старата“ МПМ оди под стечај. Новата компанија веќе функционира, а во неа се вработени само мал дел од оние кои некогаш ги создаваа медиумските содржини во печатените изданија кои згаснаа минатата недела.
„Вест“ и „Утрински весник“ излегуваат само онлајн, додека „Теа Модерна“ како подлисток на „Дневник“, единствениот од дневните весници на МПМ што како печатено издание ги преживеа овие случувања.
Петрит Сарачини