Скопјанката Роза Мојсовска (50) е уметник и единствен македонски сликар со уста. Талентот го открила во својата седма година,по операцијата на рацете, кога поривот за сликање го реализирала, сликајќи цвет, обезбедувајќи си учество во сликарската работнилница со други свои врсници, кои сликале со раце.
„Кога беше 8 Март, сите деца цртаа честитки, а мене рацете ми беа оперирани и не можев да цртам, но со мојата упорност нацртав цвет“, се сеќава Мојсовска.
Бидејќи во нејзиниот роден град немало училиште каде што ќе може непречено да следи настава, родителите ја одвеле во Заводот за рехабилитација „Бања Банско“, каде што и денес живее. Зад себе има бројни поединечни и групни изложби. Работи во повеќе сликарски техники, акварел, масло на платно… Природата и сè што ја допира убавината на природата е во нејзиниот фокус. Но, Мојсовска е незадоволна од односот на државата кон лицата со посебни способности.
И според Дејан Петанчески, волонтер во Здружението на телесни инвалиди, неопходни се дополнителни мерки и активности на Министерството за труд и социјална политика, надлежните министерства и државата во целина, за полесен пристап на институциите, но и за целосно олеснување на животот на овие граѓани.
Во Кавадарци се изложени дела на Мојсовска, но и на други членови на здружението. Поставката досега изложена во Скопје и Штип, а од Кавадарци ќе патува во Битола, Ресен и Охрид.
Моника Талеска