На дневни температури кои се движат кон 40 степен, Тетово се задушува во реа! „Наместо да се намалува, депонијата во Тетово се зголемува! Во близина на депонијата има пазар од каде што тетовчани купуваат овошје и зеленчук, а исто така, се наоѓа и ‘Жито Полог’ од каде што граѓан(к)ите купуваат леб. Апелирам до тетовчани да внимаваат на исхраната, бидејќи од депонијата се шири неподнослива миризба од расфрлените животински коски кои предизвикуваат разни бактерии„, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Арианит Џафери од невладината организација „Еко Герила“.
Тој смета дека проблемот со дивата депонија ќе се решел, доколку во државата имало независно судство. Сега, не поднесуваат пријави, бидејќи не веруваат во судските одлуки.
„Чекаме да се ослободи судството и да поднесеме неколку кривични пријави и некој да одговара за тоа што го загадува градот, да се најде зад решетки, бидејќи само така сметаме дека ќе се реши проблемот со депонијата!“, потенцира Џафери.
Тој истакна дека во Тетово во овој летен период на +35 степени Целсиусови, не може да се дише од реата што се шири од дивата депонија која се наоѓа на влезот во градот. Одговорноста за нерешавањето на проблемот со депонијата ја адресира до Општина Тетово.
„Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи вети дека во текот на нејзиниот четиригодишен мандат ќе го реши проблемот со депонијата, односно ќе ја дислоцираат, како што они ја нарекуваат ‘претоварната станица’, но ниту го реши проблемот, ниту ја дислоцира депонијата. Ние, како невладина организација, ќе побараме од тетовчани да ја бојкотираат ако се кандидира повторно за градоначалник на локалните избори“, истакна Џафери.
Градот Тетово е еден од градовите со најголемо аерозагадување во Македонија.
Дехран Муратов