ЦИВИЛ – Центар за слобода им го честита 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа на сите граѓанки и граѓани на Република Македонија и на светот.
Денот на победата над фашизмот, кој воедно е и Денот на Европа, за жал, е ден на трауматичното сеќавање на граѓанките и граѓаните на Куманово и на цела Македонија. Тоа е ден кога започна 48-часовната војна во кумановско Диво Насеље, жесток судир со вооружена криминално-терористичка група. Во пресметките загинаа осум припадници на полицијата.
До денешен ден, овој настан го следат недоречености и мистерии околу прашањата кои се однесуваат на организаторите и мотивите за овој тежок безбедносен предизвик за земјата. И додека претседателот Иванов беше на парада во Москва, а медиумите под контрола на власта се обидуваа да манипулираат со јавноста, граѓанките и граѓаните на Куманово и Република Македонија покажаа невидена зрелост и мудрост, сплотеност и определба за мултикултурализам и соживот, кој може да послужи како пример и во европски рамки.
На овој датум, 9 Мај, се слават европските и светските цивилизациски вредности, со кои се промовираат човековите права и слободи, демократијата, еднаквоста, социјалната правда и владеењето на правото. Ова е ден кога треба да се потсетиме на ужасите кои може да ги донесат војната и поделбите и кога на неправдата треба да одговориме со повик за заедништво и почитување на човековото достоинство и правото на живот. Овие вредности не се административна мерка, туку се суштината на политичката култура и цивилизациски дострели кон кои мораме да се стремиме како општество.