ЦИВИЛ одржа средба со градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, но и повеќе средби со граѓанките и граѓаните на Тетово, Врапчиште и Гостивар. По успешните средби со локалните власти, невладините, медиумите и граѓанките и граѓаните во Штип, Велес и Скопје, проектот Акција – Интеграција продолжи со несмалено темпо во Полошкиот регион.
Граѓанките и граѓаните на Тетово, Врапчиште и Гостивар имаа можност на инфо-штандовите да се запознаат со проектот на ЦИВИЛ и да ги кажат своите мислења, ставови и идеи за да придонесат кон промовирање на европските вредности и зелените иницијативи. Во текот на наредните денови, почнувајќи од денеска, ЦИВИЛ МЕДИА ќе објави повеќе содржини што се однесуваат на ставовите, плановите, активностите и предизвиците пред општина Гостивар, вклучително и интервју со градоначалникот Арбен Таравари.
На средбата под мотото „Каква Македонија сакам“ во Гостивар се обратија градоначалникот Арбен Таравари и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала. Настанот предизвика голем интерес, судејќи по бројните новинарски екипи во општинската сала во Гостивар. На работилницата учествуваа претставнички и претставници на невладини организации од Гостивар и Тетово, членови на советот на општина Гостивар и заинтересирани граѓанки и граѓани. Акцент и на оваа работилница беше потребата да се разбере и дејствува во единство, во насока на зелените алтернативи, демократските реформи и антинационализмот. Во дебатата што се разви во Гостивар се слушнаа многу идеи, но се разви и сериозна, па и бурна дискусија за горливите теми во контекст на проектот. Освен тоа, стана збор и за граѓанското учество и донесувањето одлуки на локално и национално ниво тукму за зелените алтернативи, демократските реформи и европските вредности.
Тимот на ЦИВИЛ спроведе и анкета меѓу граѓанките и граѓаните на Тетово и Гостивар кои имаа свои видувања за тоа каква Македонија сакаат.
ЦИВИЛ го спроведува проектот Акција – Интеграција во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија. На средбите што ќе се одржат во Гостивар и Куманово, учесничките и учесниците имаат можност да разменат мислења, ставови и информации за важните општествени и политички прашања, слободно и без ограничувања.