На вчерашната конференција „ #АкцијаИнтеграција за европски вредности, зелени алтернативи и антинационализам“ која ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода, зборуваа претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски.
Во воведниот дел на конференцијата, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, ја истакна важноста од сфаќањето дека овие области навидум различни и несвојствени една за друга се всушност една целина, која е дел од повеќегодишната стратегија на организацијата во контекст на унапредување на човековите права, како и основа за спроведувањето на реформите неопходни за напредокот на државата.
Пред поединечните излагања на гостите, Биљана Јордановска, претставничка на ЦИВИЛ накусо ги презентираше наодите и анализите кои ЦИВИЛ ги направи врз основа на фокус-групите кои беа спроведени во четири општини во Македонија и тоа во Велес, Штип, Скопје и Гостивар.
„Учесниците одговараа на прашања во четири категории: граѓанско учество, демократски реформи, европски вредности и зелени вредности. Прашањата беа конципирани за да се види нивото на познавање и разбирање на европските и зелените вредности како дел од демократските реформи во процесот на евро-интеграциите. Втората компонента беше споделените ставови, мислења и искуства на учесниците по овие прашања, но и нивни идеи и можни решенија на посочените проблеми во однос на приоритетните евро-интеграциски прашања.
За граѓанското учество, најголемиот број од учесниците сметаат дека како поединци не можат да се вклучат во процесите на одлучување, пред сè поради мислењето дека граѓаните немаат моќ сами да се изборат со институциите, локалната самоуправа и обично се сметаат за непослушни граѓани. Тие исто така сметаат дека единствена можност за вклучување и учество во донесувањето одлуки можат да ја спроведат преку граѓанските организации или иницијативи.
Во контекст на демократските реформи најголемиот број на учесници беа видно разочарани и критички настроени кон начинот на спроведување на реформите. Иако имаше и позитивни примери како конечно преземање чекори за правата на ЛГБТИ заедницата, и формирањето на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, реформите во образованието, односно подготовките за законот за високо образование и студентскиот стандард, слободата на изразување, ослободување на медиумите… Сепак, на локално ниво, учесниците сметаат дека промените одат бавно и се незабележителни. Според учесниците, затвореноста на институциите, нефлексибилноста на локалните самоуправи го кочат процесот на напредување и видливи резултати во општините во однос на демократските реформи.
Додека на прашањата за застапеноста на европските вредности и зелените вредности Македонија помина со добар 3“, истакна Јордановска.
Претседателката на зелената партија ДОМ истакна дека кога во Македонија се зборува за зелени вредности најчесто се осврнуваме само на делот на заштита на животната средина, но дека во пракса тоа не е така.
„Зелената идеологија опфаќа многу други вредности и целиот овој систем на столбови на зелената идеологија ја дава основата за функционирање на сите зелени партии. Во нашето општество нема познавање на зелените вредности. Тие меѓусебно се тесно поврзани. Овој систем на вредности е меѓусебно зависен и може да се гледа само како целина и да се постигнат резултати“, рече Морачанин.
Таа нагласи дека во изминатите години расте граѓанската свест и граѓанскиот активизам, потсетувајќи на сите протести од најразличен вид, кои се случија во изминатиот период.
На прашањето на активистот за човекови права и поранешен член на Левица, Гоце Маркоски, дали ДОМ како зелена партија која е долги години на власт не чувствува одговорност за нивото на еколошка свест кај граѓаните, Морачанин одговори дека еколошката свест кај граѓаните е зголемена па оттука и сите иницијативи и граѓански здруженија.
„Во тој дел на растење на еколошката свест треба сè уште да се работи но има голем раст на тоа поле. Кај политичарите е помала еколошката свест отколку кај граѓаните!“, истакна Морачанин.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, беше дециден дека сите работи мора да се решаваат систематски, од локално ниво, до нивните најмали клетки – месните заедници, па се до граѓанските здруженија и иницијативи, но и дека истото треба да се испрактикува и на многу повисоко ниво.
„Многу е тешко кога се трудите да воведете некои вредности, кои сега ги зборуваме, а претходно биле уништени“ истакна Богдановиќ.
„Една од главните улоги на општината е да ја уредува секоја населба со носење на детални урбанистички планови. Во период од 13 години ни се случуваше еден ДУП само во една година да биде менуван 4 пати, а при тоа да не се земат предвид барањата и потребите на граѓаните, ниту нормалните вредности при планирањето. Само Законот за градење е прилагодуван 11 пати. Затоа ние по доаѓањето на власт воведовме мораториум. Со измена на законот за урбанистичко планирање е многу полесно. До сега беа злоупотребувани сите правилници и закони. Наша одговорност, како градоначалници, е да влијаеме за зголемување и одржување на зелените површини“ истакна Богдановиќ во контекст на урбанистичкиот хаос во општината.
Филип Темелковски, градоначалникот на Општина Кисела Вода, се надоврза на својот колега.
„Ние, за жал, немаме мораториум, но исто како да имаме. Преку 70 проценти од Кисела Вода не може да се гради, се гради само во периферијата…“, истакна Темелковски.
Темелковски смета дека доколку се остави поголем простор на јавниот увид, многу повеќе граѓани ќе бидат заинтересирани, а со тоа и општината ќе работи онака како што треба.
„Македонија има многу добри закони, ама никој не ги чита и не ги применува. Говорам за законите на локалната самоуправа и кои ја дефинираат работата и одговорноста на градоначалникот и општината“, продолжи тој.
Темелковски исто како и останатите учесници смета дека неопходна е поддршката и учеството на граѓаните, но нагласи дека и медиумите имаат огромна улога во целиот процес.
„Најмногу ни требаат медиумите. Нивниот интерес е нула! Ние се бориме системот да почне да функционира меѓу општините, градот Скопје и локалната власт“, истакна Темелковски, кој себе си се опиша како единствениот градоначалник кој во предизборната кампања не велел дека нема да се гради.
ЦИВИЛ го спроведува проектот Акција – Интеграција во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија.
Маја Ивановска
Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста