пишува: Катерина Колозова
[dropcap font=”arial” fontsize=”45″]П[/dropcap]респанскиот договор овозможува националниот идентитет да се определи во чисти и недвосмислени политички термини без историско–романтичарски атавизми, односно, да се определи врз принципот на самопризнаено определување.
Кога станува збор дека идентитетот на Македонецот е некако загрозен со Преспанскиот договор, јас со месеци во јавноста тврдам и објаснувам дека не само што не е загрозен идентитетот, туку напротив со овој Договор, идентитетот на македонската етничка заедница во Република Македонија е сочуван. Со ова не мислам на некакви мои приватни изблици на Фејсбук или Твитер, туку зборувам и за објавувани трудови, колумни, тука и во странство, од кои, дел и во Грција.
Секогаш кога во изминатиот период се отвораше дебата околу оваа прашање, противниците на Договорот одбиваа директно да ги дискутираат точките од член 7 на Договорот којшто многу јасно стипулира дека двете страни имаат право на свој начин да го користат поимот. Тоа подразбира да му припишуваат сопствени значења за сопствената историја, за сопственото културно наследство, за сопствениот јазик како дел од нешто што го профилира идентитетот.
Со други зборови членот 7 овозможува на сосема различни начини да се користи поимот припишувајќи си сопствени значења. Тоа значи дека членот 7 се потпира или е материјализација на принципот на идентитетско самоопределување. Со ова ние првпат од некој од соседите, дури и пред Бугарија, од Грција добиваме признание на идентитетско самоопределување. Се прави историски исчекор од двете страни во термини на некакви национални истории во регионот. За првпат, наместо во историски фолклорни и национално – романтичарски термини идентитетот се детерминира во чисто политички термини. Овој договор овозможува националниот идентитет да се определи во чисти и недвосмислени политички термини без историско –романтичарски атевизми, односно да се определи врз принципот на самопризнаено определување
Постоеше и група критичари што не одбиваше да го дискутира членот 7, а сепак успеваше нешто да му замери. Според мене од идентитетски аспект, предност на овој договоре членот 7, и само предност, а не недостаток: фактот дека македонската страна од договорот може да се определи како македонска во смисла на народ, јазик, етничка група или нација; поимот етничка заедница кај нас е конститутивен за концептот и за реалноста на нацијата. Ние го употребуваме поимот народ или народност кој начелно во нашето законодавство веќе и на англиски јазик се преведува како етничка заедница. Членот 7 и во таа смисла ни овозможува да го користиме поимот македонски на неограничен начин.
Единственото ограничување, според мене е продуктивно ограничување (односно, не е органичување туку делиенација која ни овозможува идентитетска предност) е кристализирањето на употребата на поимот „македонски“ во национална и етничка смисла, онака како што го користиме ограничено на територија на Вардарска Македонија или тоа што некогаш било Социјалистичка Република Македонија. Според мене тоа не е недостаток туку е предност затоа што на оваа територија, во оваа држава, во таа југословенска федерација сме го оформиле тој национален идентитет. Тука добил дефиниција, тука добил стандарден јазик, тука добил книжевност, тука добил Македонска академија на науките и уметностите… Можноста да се ограничи на историјатот на оваа територија или нација/држава на нас ни дава кристализирана идентитетска слика со која малцинствата во соседната држава ќе можат да се идентификуваат.
Да не заборавиме дека владеат страшни конфузии затоа што Грците имаат сопствена идентификација како Македонци. Кај нив тоа е некаков културно –регионален идентитет. Се доаѓа до апсурдна ситуација во која и „Виножито“, славофоните како што се нарекуваат Македонци, и хеленските националисти да викаат „Јас сум Македонец“ и „И јас сум Македонец“.
Како да се разреши таа конфузија? Како едното да не го проголта другото за да не се случи некаква асимилација? Како освен, ако не му се овозможи на „Виножито“, на тоа македонско славофонско малцинство во Северна Грција да се изјасни Македонец, во смисла Македонците од Република Македонија. Таквото решение е патриотско, а не обратно. Токму затоа што тоа е референтот со кој се идентификуваме, означителот „Македонец“ – се однесува на тој референт на таа група луѓе на таа територија – на нас ни овозможува идентитетско кристализирање. Јас сметам дека овие аргументи во прилог на Договорот се патриотски, а не компромисни или „космполитски“. Сосема спротивно од она на што наидував како критика во изминатиот период.
Текстот е дел од публикацијата „Губење на идентитетот или…?“ од истоимениот проект на ЦИВИЛ во соработка со Фондацијата Хајрих Бел.