пишува: Мерсиха Смаиловиќ
[dropcap font=”arial” fontsize=”45″]A[/dropcap]ко јас сакам да бирам некој идентитет, иако мојот идентитет е веќе оформен, јас сепак, бирам да имам и идентитет којшто е бесмртен. Идентитет што никој не го доведува во прашање, идентитетот на човештвото, на хуманоста, да бидеш позитивен момент во едно општество, да придонесуваш во него…
Во рамки на сè она што ни се случува во Република Македонија и што го загрижува обичниот граѓанин, мислам дека мојот идентитет во моментот го доживувам како граѓанка која плаќа даноци, која нема никакви казнени прекршоци, можеби некои обични, ситни, за погрешно паркирање, граѓанка што ги плаќа сите можни даноци, затоа што сум сопственичка на компанија, па плаќам и данок на добивка, и граѓанка која нема проблем да ги плаќа даноците сè додека од државата се одвојуваат средства за социјална помош, граѓанка која нема проблеми за новата старосна пензија за лица над 65 години… Сите тие карактеристики, како граѓанка на Република Македонија, ме прават да учествувам во креирањето на Македонија во едно подобро опкружување, правејќи ја Македонија едно подобро место за живеење, место каде што за младите, за старите, за сите ќе има услови за живеење“…
Мислам дека за идентитетот нешто клучно е – дека не ги кршите, туку ги почитувате законите на Македонија. Во однос на другите дебати, како луѓето го сфаќаат идентитетот поврзан со етникумот каде што припаѓаат, сум пишувала и за ЦИВИЛ. На темата – каков е мојот идентитет, можам да кажам дека отсликувам една прекрасна слика за Македонија, како земја на различни култури, нации и народи… Имаме македонски муслимани што се идентификуваат како Торбеши или Горанци, зависно од подрачјето од каде доаѓаат, или како моите поранешни баби и дедовци кои се движеле во рамките на Југославија и дошле да живеат во Македонија…
Но, дебатата во Македонија во однос на Преспанскиот договор навистина создаде простор – луѓето да си земат за право да кажуваат кој има, а кој нема право да преговара, или кој има право да разговара за идентитетот во рамките на овој договор…
Голем дел од мојата етничка заедница, бошњачката, бевме етикетирани како ние да немаме право да преговараме за македонскиот идентитет. Повторно се враќаме на прашањето: кој има право да преговара или дали идентитетот е нешто за што може да се преговара, или дали е тоа некое чувство што ние го имаме внатре во себе? Ете, јас сум родена во Македонија, но мојот идентитет како припадник на бошњачката заедница не се менува, бидејќи со тој идентитет сум растела, дома го зборуваме босанскиот јазик и тоа чувство не го менувам иако многу ретко одиме таму од каде што потекнуваме, во Србија…
Во однос на она што Македонија го отсликува, имам интересни случки кога патувам во земјите каде населението е доминантно муслиманско. Имав посебно профилирање на аеродромот: најверојатно поради мојот изглед, каде очигледен е и силниот верски идентитет, бев задржана и одведена во посебна просторија за да ме испрашаат која сум, што сум, што барам во таа држава… Жално беше што не го знаеја англискиот јазик, така што поканата за конференцијата не ми заврши работа. Револтирана, прашував: зошто ме задржувате, зошто ме доведовте тука? Не ми одговорија, не знаеја англиски јазик и сето тоа траеше 15 минути… Нешто слично доживувам и на европските аеродроми, каде што безбедноста е крената на повисоко ниво. Во тие 15 минути ми се врти во глава една мисла: „Премногу бела за да бидам муслиманка, и премногу муслиманка за да бидам европски граѓанин“.
Дефинитивно, тоа е нешто со што постојано се соочувате во таа потреба да припаѓате некаде, тој идентитет да биде клучното што ќе ве дефинира и сите да ве гледаат низ тој идентитет. Навистина, тоа само го отежнува функционирањето во едно нормално општество какво сите ние сонуваме да бидеме. Ако јас сакам да бирам некој идентитет, иако мојот идентитет е веќе оформен, јас сепак, бирам да имам и идентитет којшто е бесмртен. Идентитет што никој не го доведува во прашање, идентитетот на човештвото, на хуманоста, да бидеш позитивен момент во едно општество, да придонесуваш во него.
Тоа е идентитет којшто никој нема да ви го наруши или згази. Со „дилеми“ – дали си „премногу бела да бидеш муслиманка“, губиме многу продуктивно време, губиме енергија и влегуваме во дебати кој има право, а кој не, дали да излезам на референдумот, или која сум јас да повикувам да се излезе на референдумот, која сум јас да се пазарам со името и слично.. Сите овие моменти се губење време, наместо да се фокусираме на градење на конструктивно општество и градење на идентитет што навистина ќе ја отсликува Македонија таква, каква што е: мултикултурно, мултиетничко, мултирелигиско општество… Со сите тие „мулти“ пред себе, ние за жал, се враќаме на некои коренити проблеми за тоа кои сме и што сме…
Она што беше интересно во однос на дебата за референдумот е што во опозиционата партија имаме и такви кои не и припаѓаат на македонската етничка група. Еден од таквите претставници е припадник на мојата, бошњачка етничка група и беше глорифициран како херој, кој гласаше за уставните измени. Коментарите беа: па, како може, предавник! Секогаш другите етнички заедници се предавници… И повторно чувството дека, ако си припадник на некоја група и сакаш да бидеш дел од таа група, мора да го имаш тој мејнстрим на размислување и однесување… Не се прифаќа нешто што е поразлично, како размислување, етникум или како заедница…
Јас мислам дека е сосема ОК да има етнички чисти партии бидејќи гласачите тоа го сакаат, реториката пред изборите е најмногу заострена во поглед на етничките моменти. Но, јас застапувам идеја на граѓански концепт и идеја на идентитет каде секому ќе му се дозволи самиот да бира и да се чувствува како што сака. Секому во Република Македонија што придонесува, што вложува, ја сака… За мене тоа е клучното во оваа приказна.
Можеби, кога на јавни дебати и конференции критикуваме, сакајќи системот да биде подобар или државата да биде подобра, сакаме да зборуваме за Македонија пред меѓународната заедница – во далеку подобро светло. И кога зборуваме за идентитетот, се надевам дека сите етнички заедници ќе се воздигнат на тоа што е примарен наш идентитет. И и дека сите ќе градиме едно општество коешто навистина ќе биде многу подобро за живеење и дека ќе добиеме епитет дека ние сме – граѓани на Европа…
Во однос на случувањата во светот, интересно беше да се слушне новата шретставничка во Конгресот на САД, која е Сомалијка. Таа истакна: Јас доаѓам со многу „први“, јас сум првата бегалка, првата муслиманка со шамија во Конгресот и првата жена со поинаква боја на кожата, која ќе ја претставува својата држава…
Додека во светот се случуваат многу први и револуционерни работи, за жал, ние тука се враќаме на 1903, 1906 и сите тие деветсто-ти години, додека реалноста е сега, животот којшто го живееме е сега… Се надевам дека идентитетот е само прилика и начин да се разликуваме, да се запознаваме, да се дружиме, да се прифаќаме, а не да се раздвојуваме.
Текстот е дел од публикацијата „Губење на идентитетот или…?“ од истоимениот проект на ЦИВИЛ во соработка со Фондацијата Хајрих Бел.